Топ
Вработен во АД „Пошти“ нелегално присвојувал пари од трансакциска сметка на починато лице
Полицијата во Дебар поднела кривична пријава за 58-годишно лице од општина Центар Жупа поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување службена исправа“.
„Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „фалсификување службена исправа“, ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Д. Ј. (58) од селото Новак, општина Центар Жупа“, е истакнато во службениот допис од полицијата.
Имено осомничениот, во својство на вработен во подружница на АД „Пошти“, во три различни временски периоди, од трансакциска сметка на починато лице, неовластено присвоил парични средства во вкупен износ од 220.000 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Каранфилова-Пановска: Ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики за промени на СДСМ
Новата Заменик-претседателка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, на вчерашниот 30-ти Конгрес на СДСМ порача функцијата со себе носи огромна одговорноста пред членовите на партијата и пред граѓаните.
„Одговорноста е огромна пред сѐ заради фактот што Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е исправен пред предизвикот да ја исцрта и уште поважно да ја одработи траекторијата на промените и реформите на партијата кои ќе го обезбедат нејзиниот понатамошен развој и ќе го отелотворат нејзиниот правец на делување, процеси кои треба и мора да ја вратат партијата на вистинскиот колосек“, рече Каранфилова-Пановска.
Во своето обраќање пред делегатите, Каранфилова-Пановска подочи дека верува во професионалноста и амбициозноста на претеседателот на СДСМ, Венко Филипче и ќе го стави во функција сето нејзино искуство, знаење и вештини стекнати во професионалната кариера.
„Длабоко сум убедена во професионалноста, амбициозноста, трудољубивоста, страста, посветеноста, упорноста и емпатијата кои ги носи Венко, и тие беа едни од клучните причини зошто ја прифатив номинацијата. Јас, од моја страна, ќе му дадам целосна поддршка и ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики на СДСМ, кои ве уверувам ќе бидат политики за промени. Јас со себе тврдоглаво ги носам принципите, ставовите и наративот кои му прилегаат на прогресивното граѓанско општество, кои во својата срж ја имаат потребата и борбата за слобода, демократија, човекови права, социјална правда, правичност, различност, рамноправност и интегритет – вредности за кои не сум правела и никогаш нема да направам компромис“, порача Заменичката претседателка на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска.
Европа
Украинците за прв пат објавија фотографии: Ова е новата ракета на Путин
Објавени се фотографии од остатоците од новата експериментална руска ракета која беше пробно лансирана во четвртокот, погодувајќи фабрика во Украина.
Украинските власти во четвртокот известија дека фабрика во централниот украински град Днепар била погодена од балистичка ракета со среден дострел. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека истрелувањето на експерименталната ракета Орешник е одговор на употребата на американски и британски ракети кои се способни да погодат подлабоко во руска територија.
Украинската безбедносна служба вчера на новинарите им ги покажа остатоците од новата експериментална балистичка ракета. Ракетата наречена Орешник (на руски значи лешник), наводно е базирана на интерконтиненталната балистичка ракета РС-26 Рубеж и може да носи нуклеарни или конвенционални боеви глави.
Остатоците, кои сè уште не се детално анализирани, открија јагленосани остатоци и уништени компоненти. Според безбедносните службеници, деловите им биле прикажани на медиумите пред истражителите да ги извлечат на непозната локација во Украина.
Македонија
40 потрчковци и неврохирургот на Заев, Филипче не можат да донесат ништо ново и добро ни во СДС, ниту во Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Венко Филипче не е ново лице на македонската политичка сцена. Венко Филипче е стар и истрошен лик, облечен во ново руво, наречено претседател на СДС. Филипче е лице кое што на македонската политичка сцена беше активен во СДС и во водењето на државата во најтемните, најсрамните и најтешките периоди на Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тој е човекот на кого како министер за здравство во модуларната болница во Тетово живи му изгореа 14 луѓе, кои во болница дошле со надеж да оздрават и за што не понесе никаква одговорност.
Филипче не понесе одговорност дури ни за високата смртност од корона вирусот, по што Македонија на стави на врвот на светските и европски листи.
Филипче е потрчко и продолжена рака на неговиот другар Зоран Заев со кој, за заедно да лумпуваат на приватни и скапи журки по елитни хотели, одат дури во далечниот Дубаи.
Филипче, кој е неврохирург на Заев не може да внесе свежина ниту во СДС, а најмалку на политичката сцена во Македонија.
Тоа се гледа и во составот на неговото избрано раководство, каде во нивниот Централен одбор, има се само не нови ликови. Немањето визија и кадри за учество во новото раководство се гледа и по изборот на Фани Каранфилова Пановска за неговиот заменик, која е поранешна директорка на Отворено општество Сорос и која ја интересираат само високите хонорарци.
Во ЦО има лица кои што биле на високи партиски и државни позиции, случајно или не, во периодот кога со партијата раководел неговиот ментор и духовен водач, Зоран Заев.
На листата на членови има Централниот одбор има поранешни пратеници, градоначалници, директори, министри, заменици министри, поранешни и сегашни претседатели на општинските партиски организации и сите од периодот на владеење на Заев.
Така да, Венко Филипче, неврохирургот на Заев и неговите избрани 40 потрчковски, не можат да донесат ништо ново ниту добро, како ни за СДС така ни за Македонија“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.