Европа
Пријателката на Немцов ја одби програмата за заштита на сведоци

Адвокатот на сведокот на убиството на рускиот опозициски политичар Борис Немцов од петокот ноќта во центарот на Москва, Ана Дурицка, изјави дека таа се откажува од програмата за заштита на сведоци и би сакала да се врати дома во Украина, а Истражната комисија на Руската Федерација објави потрага по очевидците на убиството.
Борис Немцов, кој порано извршуваше низа високи функции во руската влада, а потоа премина во опозиција како критичар на политиките на Кремљ, ноќта околу полноќ во петокот беше застрелан на Големиот мост преку реката Москва недалеку од Кремљ. Западните челници, како и рускиот претседател Владимир Путин, бараат сеопфатна истрага и изведување пред суд на организаторите и извршителите на убиството на Немцов. Според руската Истражна комисија, во моментов се разгледуваат неколку верзии за мотивите за бруталната егзекуција на опозицискиот политичар, вклучително и за политички мотивирано нарачано убиство.
Ана Дурицка, 23-годишна девојка од Киев, била во моментот на убиството покрај 55-годишниот Немцов, откако претходно вечерале и решиле пешки да се упатат кон неговиот стан. Таа не е повредена, иако во нивен правец напаѓачот истрелал осум куршуми, од кои четири го погодиле Немцов во грбот.
„Таа доброволно учествува во сите истражни дејствија“, изјави нејзиниот адвокат Вадим Прохоров кој исто така беше правен застапник на Немцов а кој во саботата изјави дека мотивите за убиството се политичките активности на неговиот клиент. „Тоа дефинитивно не е деловна пресметка, тој не се занимаваше со бизниси. Такви проблеми немаше. Сметам дека мотив е неговата политичка дејност“, рече адвокатот. Прохоров во неделата прецизираше дека истражните дејствија, за кои е неопходно присуството на неговата клиентка, веќе се завршени. „Во моментов ќе бидат проверувани телефонските разговори, што нема да трае долго“, изјави за РИА Новости, адвокатот Прохоров.
Според него, секое движење на сведокот е под заштита на припадниците на полицијата и таа не може да се врати во Украина. „Сметаме дека се нарушени нејзините права. И доколку во најскоро време работите не се сменат, ќе се обратиме до Главниот обвинител, до комесарот за човекови права и во судот“, додаде Прохоров.
Адвокатот истакна дека не е донесено процедурално откажување од ослободување на сведокот. „Таа категорички ја одбива програмата за заштита на сведоците, а да се заштитува против нејзината волја е невозможно“, рече Прохоров.
Истражната комисија во неделата објави потрага и апел да се јават очевидците или оние кои имаат некакви информации за убиството на Немцов.
Потврдено е во соопштението објавено во руските медиуми дека истрагата ги разгледува сите можни верзии за мотивите за убиството на Борис Немцов, меѓу кои се верзиите за провокација насочена кон дестабилизација на политичката ситуација во Русија, исламско екстремистички траги, бидејќи убиениот кој инаку е Евреин, добивал закани поради неговите изјави во врска со јануарските исламистички напади во Париз, како и евентуална поврзаност со конфликтот во Украина за кој Немцов имаше различен став од официјална Москва. Се испитува и евентуална поврзаност со деловни активности на политичарот и лични нетрпеливости кон него, а не се отфрла и верзијата за нарачано убиство.
Се соопштува и дека истрагата веќе располага со обемен материјал, како изјави на сведоци на злосторството, видео материјали од надзорните камери по рутата по која се движел Немцов. Истрагата смета дека ликвидацијата била темелно подготвувана, како и дека нарачателите и извршителите биле добро запознаени со рутината и вообичаеното движење на политичарот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин