Свет
(Од минута во минута) Половина од украинските деца раселени поради војната, Москва: НАТО сака конфликтот да продолжи
Денеска е 29-ти ден од војната во Украина.
Клучни моменти:
Столтенберг: Русија направи голема грешка
Зеленски: Денешниот самит ќе ги открие предавниците
Руски дипломат: Путин ќе користи нуклеарно оружје ако НАТО провоцира
Продолжува дипломатакста војна – Русија објави листа со непожелни американски дипломати
САД се очекува да ги објави новите санкции против Русија
Самит на НАТО во Брисел за Украина
Од минута во минута:
22.00 Марија Захарова: Западот гледа дамка во туѓото око, а не гледа трупец во своето
Сите критики на Париз и другите западни претставници на Запад против Русија, по правило, јасно се вклопуваат во основата на вистината: „Гледаме дамка во туѓото око, а не гледаме трупец во нашето
21.40 Столтенберг: Малку е веројатно дека ќе има војна меѓу Русија и НАТО
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека смета дека е малку веројатно дека ќе има целосна војна меѓу Русија и Алијансата
21.15 Џонсон испрати порака од Брисел: Путин мора да пропадне и ќе пропадне
Британскиот премиер Борис Џонсон одржа прес-конференција по денешниот самит на НАТО и состанокот на Г7. Тој рече дека Обединетото Кралство ќе работи со истомисленици за зајакнување на смртоносната помош за Украина и вети дополнителни 6.000 проектили
20.30 Половина од украинските деца раселени поради војната
Според податоците на ОН, половина од децата во Украина се раселени поради војната. Едномесечната војна во Украина расели повеќе од половина од детската популација во земјата, соопшти Агенцијата за деца на Обединетите нации
19.45 Макрон: Русија презеде историска одговорност со почнувањето на оваа војна
Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Франција ја интензивира работата за да спречи ескалација на војната во Украина, истовремено отфрлајќи секаква директна вмешаност на француските војници во обраќањето во Брисел
19.25 Москва: НАТО сака конфликтот да продолжи
Западната алијанса сака конфликтот да продолжи, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи по повод одлуката на НАТО од денешниот самит да продолжи да му дава поддршка на Киев, пренесе агенцијата „РИА новости“
19.05 Олаф Шолц ја предупреди Русија да не користи хемиско оружје
Секоја руска употреба на хемиско или биолошко оружје во Украина би била кршење на сите правила, сите договори и сите постоечки конвенции, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц по вонредниот состанок на Г7 во Брисел
18.55 Бајден: САД ќе одговорат доколку Путин употреби нуклеарно оружје
Американскиот претседател Џо Бајден на денешната прес-конференција по самитот на Г7 рече дека планираат да воведат нови санкции за 400 поединци и субјекти.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека Турција ќе продолжи да придонесува за мерките за солидарност и одбрана на НАТО засновани на солидарноста на Алијансата
18.40 Усвоена резолуцијата на ОН: Се бара итен прекин на војната и заштита на цивилите во Украина
Генералното собрание на ОН усвои нова необврзувачка резолуција со која се бара Русија веднаш да ја прекине војната во Украина и да достави помош и да ги заштити цивилите во Украина.
18.35 Украинска армија: Русите го менуваат планот, ова е нивната нова цел
Украинските вооружени сили објавија дека Русија распоредува оружје во соседна Белорусија. Тоа е, како што тврдат, нов руски план – сакаат да го опкружат главниот град Киев
18.30 Макрон: Западните сили се подготвени да ги зголемат санкциите кон Русија
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека западните сили се подготвени да ги зајакнат санкциите против Русија додека се обидуваат дополнително да ја изолираат Москва и да постигнат прекин на огнот
18.20 Лидерите на Г7: Одлучни сме да ги вратиме мирот и стабилноста
И без да заземат експлицитен став за учеството на Русија во Г20, лидерите рекоа дека меѓународните организации и мултилатералните форуми повеќе не треба да ги спроведуваат своите активности со Русија на вообичаен начин
18.10 Зеленски е диктатор! Такер Карлсон проговори за срамната одлука на претседателот на Украина
Американскиот водител Такер Карлсон остро ја критикува одлуката на претседателот на Украина, Володомир Зеленски, да ја забрани партијата Опозициска платформа за живот
17.45 Фон дер Лаен: Ќе ги заостриме нашите санкции кон Русија
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, изјави дека заедно со европските лидери и лидерите на САД, Канада и на Јапонија, Брисел е центарот на слободниот свет
17.10 Захарова: Раководството во Киев ја пропушти шансата да ја задржи земјата во своите граници
Раководството на Украина ја пропушти шансата да ја задржи земјата во своите граници. Ова на брифинг го изјави официјалниот претставник на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, пренесува руската агенција „Интерфакс“
16.45 На самитот на ЕУ нема да има нови санкции против Русија
Лидерите на Европската Унија нема да се договорат за воведување нови санкции кон Русија за време на дводневниот самит што почнува, изјави холандскиот премиер, Марк Руте
16.30 Украина: Руските сили спречија евакуација од Мариупол
Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук денеска изјави дека руските сили спречиле цивили да го напуштат градот Мариупол, иако украинските власти подготвиле 40 автобуси за нивна евакуација
16.20 Бајден ги откри плановите: НАТО формира четири нови борбени групи
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека НАТО се согласил да формира четири нови борбени групи во Словачка, Романија, Бугарија и во Унгарија
16.10 Руските војници го опколија градот – Мариупол во урнатини
Еден месец по почетокот на руската инвазија, уништувањето и страдањето се присутни на речиси сите места во Украина
15:48 Бајден: Во Украина испраќаме оружје вредно милијарда долари
Американскиот претседател Џо Бајден денеска на самитот на НАТО во Брисел најави дека САД испраќаат за Украина оружје и друга безбедносна и одбранбена опрема во вредност од милијарда американски долари.
15:30 Борел: Војната ќе биде решена во следните 15 дена
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, ги повика 27. земји од ЕУ да продолжат со вооружување на украинската армија бидејќи, како што кажа, сè ќе биде решено во следните 15 дена.
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски на вонредниот самит на НАТО на шефови на држави и влади, истакна дека руската воена агресија во Украина е неиспровоцирана и неоправдана и сериозно кршење на меѓународното право.
Тој рече дека Северна Македонија се придружува кон повиците до Русија веднаш да ја прекине воена акција и да ги повлече сите воени трупи и капацитети од Украина и ја поздрави храбрата одбрана на Украина која ја штити слободата на своите граѓани и суверенитетот на државата. Во таа насока, дециден е Ковачевски, Северна Македонија силно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во нејзините меѓународно признати граници и нивното право слободно да ја избираат својата надворешнополитичка ориентација и безбедносни аранжмани.
14:30 НАТО: Испративме 40.000 војници во Источна Европа
Лидерите на НАТО се согласија да ја зајакнат одбраната во Источна Европа како одговор на руската инвазија на Украина.
„Ги активиравме одбранбените планови на НАТО и ги активиравме елементите на силите за одговор на НАТО и распоредивме 40.000 војници во источниот дел на НАТО“, се вели во заедничката изјава на лидерите на алијансата по самитот во Брисел.
14:00 Кремљ: Борис Џонсон е најактивниот антируски лидер
Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, денеска изјави дека британскиот премиер е најактивниот антируски лидер, додавајќи дека пристапот на Лондон кон војната во Украина ќе заврши во ќорсокак.
„Што се однесува до г-дин Џонсон, ние го гледаме како најактивниот учесник во антируската трка. Но, сè што прави ќе заврши во ќорсокак на надворешната политика“, рече Песков, цитиран од руската новинска агенција РИА Новости.
12:57 Зеленски со обраќање на НАТО самитот: Бараме неограничена воена помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се обрати на лидерите на НАТО преку видео врска.
„Ова е нерамноправна борба“, рече Зеленски, барајќи неограничена воена поддршка за да се спасат украинскиот народ и градови.
Тој посочи дека Русија го користи својот арсенал без ограничувања и намерно напаѓа градови, болници и мостови. Нагласи дека досега Украина не добила ниту еден воен авион. Вели и дека молел за тенкови: „Дајте ни ги, продадете ни ги“, но сепак не добил јасен одговор од членките на НАТО.
11:20 Русите откриле тајни мапи на Украинците: План за Крим
Во рововите на вооружените сили на Украина, на само неколку километри од Крим, руската армија нашла многу интересни мапи.
Се утврди дека вооружените сили на Украина го расчистувале патот со тенкови на сопствените мински полиња само неколку дена пред почетокот на руската специјална операција.
11:10 Си-ен-ен пренесува детали од доверлива средба меѓу руски и американски генерали
Според доверлив извештај на американската војска, минатонеделна средба меѓу руски и американски воени претставници предизвикала емотивен изблик на инаку воздржан руски генерал, што покажува дека Русија има сè поголем проблем со моралот на својата војска.
10:40 Почна НАТО самитот за Украина
Започна самитот на НАТО на кој лидерите на земјите членки зад затворени врати ќе разговараат за ситуацијата во Украина.
„Самитот има за цел да го одврати Путин од тоа што Русија го прави во Украина. Сметаме дека мирното решение е единствениот начин за решавање на ова прашање“, изјави македонскиот премиер Димитар Ковачевски пред самиот почеток.
На самитот присуствува и американскиот претседател Џо Бајден кој допатува во Брисел. Покрај овој, Бајден денеска ќе учествува уште на два самита со ЕУ и Г7.
Тој утрово се воздржа од коментари.
11:05 Столтенберг ќе го продолжи мандатот поради војната во Украина?
Мандатот на Столтенберг истекува на 1 октомври, а тој требаше да ја преземе улогата на гувернер на централната банка во Норвешка на крајот на 2022 година, потсетува „Ројтерс“.
Но, на прашањето дали може да остане во НАТО, Столтенберг рече дека таква одлука мора да донесат земјите членки на алијансата.
10:50 Тиктокер виновен за гранатирањето на трговскиот центар во Киев
Службата за безбедност на Украина уапсила младо лице кое на Тик-ток објавило видео од гранатирањето на трговскиот центар во Киев, а во кое била откриена позицијата на украинските воени сили, пренесуваат украински портали.
Како што се наведува, тиктокерот пред гранатирањето на трговскиот центар во Киев на оваа социјална мрежа објавил видео на кое се гледаат украински војници.
10:35 Ризикот од пуч против Путин расте од недела во недела, тврди извор од тајната служба
Ризикот од државен удар на Руската федерална служба за безбедност (ФСБ) против претседателот Путин расте секоја недела додека војната во Украина продолжува, изјавил свиркач од самиот врв на руската разузнавачка служба, а пренесува „Гардијан“.
10:30 Ковачевски пристигна на вонредниот самит на НАТО за состојбата во Украина
Денес сите сојузници на НАТО се обединети и ќе ја понудиме нашата поддршка за народот на Украина, изјави премиерот Димитар Ковачевски пред почетокот на вонредниот НАТО самит на шефови на држави и влади, во Брисел.
10:17 Русија: Освоивме уште еден град
Руската армија тврди дека денеска ја презела контролата врз украинскиот град Изјум, јави државниот сервис РИА Новости, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана.
Сепак, Украина го отфрли тоа тврдење. Људмила Долхоновска, советничка на врховниот командант на Украина, Валериј Залужни, за Си-ен-ен изјави дека битката за Изјум сè уште трае.
Изјум се наоѓа на главниот пат меѓу Харков и сепаратистичките области Луганск и Донецк во источна Украина.
10:14 (Видео) Запалено пристаниште во Бердјанск, Украинците тврдат дека уништиле руски воен брод
Според информации кои ги пренесуваат светските медиуми, од утрово наводно гори пристаништето Бердјанск на југоистокот на Украина.
Во меѓувреме, украинското Министерство за одбрана соопшти дека го уништиле Орск, руски десантен брод во Бердјанск.
Berdyans’k, #Ukraine pic.twitter.com/16PqP9sOKZ
— Lucas (@LewkHughes) March 24, 2022
09:50 СЗО потврди 64 напади врз здравствената инфраструктура во Украина
Украинската здравствена инфраструктура била нападната 64 пати откако Русија го нападна својот западен сосед пред еден месец, соопшти денеска СЗО.
Тие напади, два до три секој ден, предизвикаа 15 смртни случаи и 37 повредени, соопшти Светската здравствена организација.
09:34 (Видео) Зеленски: Денеска ќе дознаеме кој ни е пријател и партнер, а кој не издал за пари
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното видео обраќање ги предупреди западните лидери кои денеска ќе се сретнат во Брисел дека Русија ја користи својата економска моќ за да ги спречи сојузниците на Украина да се мешаат во војната.
09:27 Руски дипломат: Путин ќе користи нуклеарно оружје ако НАТО провоцира
Дмитриј Полиански, еден од највисоките руски дипломати во САД, зборуваше за „Скај њуз“, откако портпаролот на Владимир Путин рече дека неговиот шеф може да го притисне нуклеарното копче доколку земјата почувствува дека се соочува со егзистенцијална закана.
09:23 (Видео) Столтенберг: Русија направи голема грешка
Столтенберг потврди дека НАТО ќе почне да се договара за распоредување на свои војници во Романија, Унгарија, Словачка и Бугарија.
08:50 Луѓе чекаат во ред за храна во Мариупол
Повеќе од 100 луѓе трпеливо чекаа во редот за кутии со храна и добротворни цели кои се делат од камиони, објави „Ројтерс“.
08:38 Русија достави список со непожелни американски дипломати
Ова уследи по потегот опишан во руските медиуми како одговор на американското протерување на рускиот персонал од Обединетите нации.
08:20 Самит на НАТО во Брисел
Во Брисел денеска се одржува самит на членките на НАТО поради украинската криза. Американскиот претседател Џозеф Бајден ќе се сретне со европските колеги, за да се договори, меѓу другото, зајакнувањето на силите на источното крило на НАТО, со распоредување на четири нови борбени трупи во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка.
08:10 САД ќе ги објават новите санкции против Русија
САД денеска треба да ги објават новите пакет-санкции против руските политичари и олигарси кога претседателот Џо Бајден ќе се сретне со лидерите на НАТО, најави советникот на Бајден за национална безбедност, Џејк Саливан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Туск: Полска е лојален сојузник на САД, но никогаш нема да биде вазал
Полскиот премиер Доналд Туск денес изјави дека Полска е сигурен и лојален сојузник на САД, но дека никогаш нема да биде вазал, ниту на САД ниту на други земји.
„Советот за мир е многу иновативен, многу оригинален потфат, но не сите негови аспекти ѝ одговараат на Полска. И треба да можете да разговарате со вашиот најголем сојузник за тоа. Тие односи не можат да се темелат на тоа некој постојано да кимнува со главата и да се обидува да добие нешто со методот на ласкање. Бидејќи тоа не функционира“, рече Туск утрово пред да замине на неформалниот самит на Европската Унија.
Пристапувањето на Полска во Советот за мир на Трамп беше една од главните теми на Советот за национална безбедност на Полска вчера, каде што претседателот Карол Навроцки, кој е идеолошки близок до движењето MAGA, ја критикуваше владата за одбивање на поканата испратена од најважниот сојузник на Полска.
„Полска е верен, лојален, доверлив, предвидлив сојузник на САД и никој не треба да ме убедува во тоа. Тоа е надвор од дискусија. Секој што ги загрозува тие односи ги поткопува темелите на полската безбедност. Но, Полска во тој сојуз, барем додека сум премиер, нема да биде вазал. Лојален, доверлив, верен сојузник, но не и вазал“, рече денес Туск.
Премиерот додаде дека забележал оти понизноста кон САД не им користи на подлизурковците, а одбивањето на владата да ѝ дозволи на Полска да се приклучи на Мировниот совет, што е контроверзно за многу други земји, го нарече „претпазлив пристап“.
„Можеби околностите ќе се променат. Многу земји што се важни за нас имаат слични или други сомнежи, ние сме во добро друштво. Отворени сме за предлози, но тие мора да бидат безбедни за нашата земја и искрени“, рече Туск.
За време на шестчасовната седница, Националниот совет за безбедност ја разгледа новата европска програма за набавка на оружје и модернизација на воената индустрија – SAFE, каде што на Полска ѝ беа доделени дури 44 милијарди евра меки заеми.
Опозицијата и претседателот се вознемирени од фактот што програмата SAFE не предвидува купување американско оружје, додека премиерот Туск предупреди дека за време на владеењето на сега опозициската конзервативна партија „Право и правда“, која сега лобира за американско оружје, само една четвртина од расходите оделе во домашната полска воена индустрија, додека во владините проекти на Туск финансирани од програмата SAFE, 80 проценти од средствата ќе одат во полската воена индустрија и набавка на оружје.
Регион
„Не сум магионичар“: Кос за идејата сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ одеднаш
„Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина и тоа ќе донесе нова реалност во Европа“, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, објави европската комесарка за проширување Марта Кос.
Таа го кажа ова во интервју за телевизијата Н1.
На прашањето што конкретно може да направи Европската Унија (ЕУ) за да му помогне на регионот, како и на изјавата на новинарката на Н1 дека парите и предупредувањата не се доволни, дека може да се види дека ЕУ ја губи информациската војна во регионот, особено во Србија, а делумно и во Босна, и дека дипломатскиот јазик не помага, Кос рече дека не прифаќа „критики дека не сме успешни во проширувањето“.
„Две од четирите водечки земји се од Западен Балкан. Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годината, а Албанија е следна. Ова е успех. Живееме во геополитички чувствително време. Може да има мир во Украина, а тоа ќе донесе нова реалност во Европа. Ако го забрзаме процесот, ќе ги разгледаме сите кандидати, но мора да има јасна посветеност. Не е доволно само да се хармонизира законодавството, треба да ја почувствувам и видам политичката волја. Процесот на пристапување не е само технички, туку зависи и од земјите-членки“, рече Кос.
На прашањето што мисли за идејата сите земји-кандидатки да влезат во ЕУ одеднаш, Кос рече: „Да можев, би сакала сите земји, особено од Западен Балкан, да влезат заедно“.
„Но, јас не сум магионичар. Ако има промени, внимателно ќе ја разгледаме секоја земја. Проширувањето мора да ја направи ЕУ посилна, а не послаба. Ова е цел што мора да ја постигнеме заедно“, рече Кос.
Свет
Фон дер Лајен го објави планот „Една Европа, еден пазар“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес објави дека на следниот формален самит на Европската унија (ЕУ) во март, ќе го претстави акциониот план „Една Европа, еден пазар“, со детални рокови и цели за зајакнување и обединување на европската економија, додека во исто време оцени дека Европскиот систем за трговија со емисии (ETS) има јасни предности и механизми за контрола на цената на јаглеродот.
Според Јуроњуз, Фон дер Лајен на прес-конференцијата по самитот на лидерите на ЕУ изјави дека акциониот план содржи пет клучни области – административно поедноставување, единствен пазар, енергија, дигитализација и трговија.
Во март, комисијата ќе претстави детален план за понатамошен развој на единствениот пазар од 450 милиони потрошувачи, вклучително и унија на пазарот на капитал што би овозможила попродуктивно користење на околу 10 трилиони евра заштеди што моментално се наоѓаат на банкарски сметки, објави Ројтерс.
Зборувајќи за ETS, претседателката на ЕК нагласи дека системот има елементи што овозможуваат модулација на цената на јаглеродот во случај на негов прекумерен раст или неповолни економски околности, преку таканаречената „резерва за стабилност на пазарот“.
Додаде дека ЕУ детално ќе ги разгледа овие елементи во рамките на планираниот преглед на ETS, кој е закажан за третиот квартал од оваа година, за системот да остане ефикасен и прилагодлив на актуелните економски и климатски предизвици.
Европските лидери се состанаа денес на неформален самит во белгиската покраина Лимбург, а фокусот на разговорот беше конкурентноста на европската економија, пренесува Танјуг. Еден ден претходно, на индустрискиот самит во Антверпен, претставниците на европската индустрија ги презентираа своите приоритети пред највисоките претставници на ЕУ, барајќи пониски цени на енергијата, намалување на регулаторните оптоварувања и посилна конкурентност во споредба со Кина и Соединетите Американски Држави.

