Македонија
Димитровски: Раководството на Шилегов го заглавиле ЈП „Лајка“ во долг од над 10 милиони денари

Директорот на ЈП „Лајка“, Воислав Димитровски, на денешната прес-конференција го обвини претходното раководство дека претпријатието го оставило во големи долгови. Како што изјави тој, претходното градско раководство и раководството на ЈП „Лајка“ натрупало долгови на претпријатието во износ од 10 милиони денари за неполни две години.
„Долговите се настанати поради ненавремено сервисирање на исплатите кон добавувачите на медицински материјали, опрема, храна за кучињата, поради луксузирање на претходното раководство на изнајмување на возила, ангажирање на ПР-лица, фотографи и други трошоци.
Системот на финансирање на ЈП „Лајка“ не бил соодветно дизајниран при основањето на претпријатието, планираната обврска за месечен надоместок од општините во град Скопје за 2021 година бил 20 000 000 денари од кои помалку од половина биле наплатени. Дополнително на ова проблемот со бездомните кучиња во Град Скопје не бил третиран од претходните власти цели 2 години до ставањето во употреба на прифатилиштето во втората половина на 2020 година. Заради бавното реновирање на објектот на ЈП „Лајка“ и немање на алтернативна стратегија за решавање на проблемот и знаејќи го процесот на природна прогресија, овој период предизвикал сериозно зголемување на популацијата на бездомни кучиња во градот“, изјави Димитровски.
Според Ревизорскиот извештај, како што истакна, само за 2021 година склучени се 76 авторски договори за ангажирани лица, за кои само за 6 има извештај за извршени услуги, за сите останати само договор.
Дополнително биле исплаќани пари на лица и склучени 36 договори за нивно ангажирање без наведување на потребата за кои се исплатени над милиони и пол денари, како и 21 договор за технички услуги без наведување на потребата за ангажирање.
„Во следниве неколку дена ќе излеземе во јавноста со изнесување точни факти за ангажманите на овие лица и вршени услуги со законски нерегуларности кои биле направени од претходното раководство на ЈП ‘Лајка’. Факт е дека претпријатието е заглавено поради непродуктивни трошоци, ангажирање лица за кои се трошеле милиони, како и неисплаќање на услугите од страна на општините. Ова недомаќинско работење на претходното раководство придонело за милионските долгови.
Морам да истакна дека голема лага е дека во ЈП ‘Лајка’ нема хуман третман на уличните кучиња, напротив, кучињата се третираат на најсоодветен начин. За споредба за 4 месеци вдомени од ЈП ‘Лајка’ се 139 кучиња, колку што претходното раководство вдомило за 18 месеци“, рече Димитровски.
Тој додаде дека треба да се знае дека со ваква наследена тешка и заробена состојба на прифатилиштето, тешката финансиска состојба, немање можност за набавка на основни средства на функционирање, ЈП ‘Лајка’ во изминатите 4 месеци ги удвола бројките на третирани кучиња на хуман начин за единица период, и овој процент ќе го зголемуваат во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со дрон најдени и спасени тројца мотоциклисти, кои се изгубиле на планината Осогово

Вчеравечер, во полицијата во Штип, Регионалниот центар за гранични работи Исток пријавил дека тројца мотоциклисти, македонски државјани, пријавиле дека се изгубени на планината Осогово, над селото Саса, општина Македонска Каменица, во близина на државната граница со Република Бугарија. Мотоциклистите побарале помош преку бројот 112.
„Остварен е контакт со лицата и лоцирани се во шумскиот предел на непристапен терен на оддалеченост од 1.000 метри, над манастирот ‘Св. архангел Михаил’ во селото Саса. Со помош на дрон од Регионалниот центар за гранични работи Исток лицата се пронајдени во добра здравствена состојба и донесени се во Македонска Каменица, каде што е утврдено дека се работи за Г. Д. (38) од Скопје, К. Н. (38) од Гевгелија и Д. П. (31) од Скопје“, соопшти МВР.
Мотоциклистите не побарале лекарска помош, туку, по спасувањето, си заминале со мотоциклите.
Македонија
На диво изградил 22 бетонски столба во Гостивар, а градежниот инспектор не го сопрел, двајцата добија кривични пријави

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против С. С. (35) од с. Речане, Гостиварско, под сомнение за сторено кривично дело бесправно градење, и против В. Р. (42) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата.
„Во март 2025 во гостиварска населба, првопријавениот, во својство на сопственик на објект во изградба, изградил 22 бетонски столба, без да поседува соодветна дозвола издадена од надлежен орган. А второпријавениот, овластен градежен инспектор при Општина Гостивар, по доставена пријава од МВР поради сомнение за сторено кривично дело, не излегол на терен и не извршил увид на градбата“, соопшти МВР.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава и против А. Е. (44) од Гостивар за бесправно градење оти во текот на февруари 2025 година во населба во Гостивар, на парцела сопственост на друго лице, изградил приземје и кат без одобрение за градење издадено од надлежен орган.
Македонија
Странска акредитирана лабораторија да направи испитувања на квалитетот на воздухот, на водата и на почвата, бара Филипче

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање укажа дека по пожарите во депониите Дрисла и Вардариште, и последниот во Трубарево, потребни се итни анализи на почвата, воздухот и водата, од страна на странска акредитирана лабораторија.
Филипче предупреди дека мора да се направи испитување на квалитетот на водата за пиење.
„Сите изотопи кои што не се растворливи во вода ќе се детектираат. И тоа сметам дека час поскоро треба да го направи некоја странска акредитирана лабораторија, да не сведочиме на овие смешни изговори на Институтот за јавно здравје“, рече Филипче.
Овие анализи, како што кажа Филипче, се важни бидејќи по вакви пожари постои ризик да е загадена почвата каде што има земјоделски производи.
„Треба да се измери количината на диоксини, на фурани, на јаглеводородни честички во воздухот, не само на ПМ честичките. Треба да се испита количеството на тешки метали во земјата – никел, кадмиум, олово. Зошто е тоа важно? Поради тоа што можат тие тешки метали да влезат во синџирот на исхрана“, рече Филипче.
За во иднина да се спречи нова еколошка катастрофа, Филипче нагласи дека е потребна итна детална анализа на сите институции и на сите депонии кои што работат во земјава. Ова, како што рече, е важно за да се превенира евентуална следна криза.
„Имаат ли сите депонии лиценци? Сите ли се на доволна оддалеченост од населените места? Работи ли некој нелегално со отпад? Од каде се увезува отпад во земјава? Конечно, да знаеме што се случува во тој сектор. Што направи Владата по тоа прашање? Ништо“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.