Македонија
Победи на Владимир Тренески и Давид Малинковски на првите две трки од Twingo Cup
На стартот на новата сезона во Twingo Cup што е во организација на Аутомотив Груп и АКК Рено Спорт Скопје, викендов се возеа две трки на патеката Хунгароринг во Унгарија како дел од календарот за 2022 година во кој има вкупно 12 трки на шест европски патеки. Владимир Тренески и Давид Малинковски победија на двете трки возени во неделата, а Малинковски заедно со Зоран Мираковски беа единствените возачи кои на двете трки успеаја да се качат на пиедесталот завршувајќи во Топ-3. Актуелниот првак во првенството на Македонија во Twingo Cup, Малинковски е лидер во генерален пласман со 35 бода од двете трки.
Во Twingo Cup имаше викендов пријавени вкупно 33 возачи од повеќе држави, и покрај за бодување во ЦЕЗ, исто така овие трки се бодуваат и за првенствата на Словенија и на Македонија. Од Македонија настапија вкупно девет возачи, меѓу кои имаше и двајца дебитанти.
![]()
На мократа патека во Саботата каде истовремено имаше и силен ветер, најдобрите двајца македонски возачи Владимир Тренески и Марко Блажевски ги освоија 12 и 13 место. Давид Малинковски оствари 17. најдобро време. Квалификациите почнаа со задоцнување токму поради лошото време на патеката.
На првата трка победи Владимир Тренески за кого ова беше деби настап на патеката во Унгарија во Twingo Cup. Уште од самиот почеток тргна добро и од 12. место после првиот круг стигна на седмата позиција. Таму се задржа неколку кругови кога успеа да скокна две места погоре и да биде петти. Но, потоа повторно се врати на седмата позиција на која заврши и на крај од трката. Но, беше победник во првенството на Македонија и 20 бодови на неговото конто.
Актуелниот Македонски првак од лани Давид Малинковски на половина од трката беше на 13, а потоа и на 12 место. Во шестиот круг успеа да се искачи две места погоре и да биде деветти. Како второпласиран во првенството на Македонија освои 15 бодови на трката. Сигурно и мирно возење имаше Зоран Мираковски кој стартуваше од 21 место, од од круг во круг полека напредуваше за на крај да биде 15 во генерален пласман и трет во првенството на Македонија, освојувајќи 12 бода.
![]()
Поради инцидент во првиот круг Марко Блажевски мораше да се откаже. Словенецот Андреј Шкорјанц го удри од позади, по што Блажевски загуби контрола излета од патеката и со скршен преден браник и оштетена лева страна на возилото. Тоа беше причина за негово откажување од трката, па механичарите имаа и дополнителна работа и за брзо го оспособија за да може да настапи на втората трка која се возеше неколку часови подоцна.
Во првенството на Македонија во Twingo Cup на првата трка четвртото место се пласираше Слободан Трајковски, а петти беше Ангелче Стојковски. Дебитантите Борис Стојменов и Мурис Хамзиќ исто така ја завршија трката и ги освоија првите бодови во првенството. Единствено Ненад Костовски не стартуваше.
Неколку часа подоцна се возеше втората трка од Twingo Cup, а крајот на трката го одбележа безбедносното возило кое речиси три круга беше на патеката поради инцидентот во кој беше вклучен нашиот Владимир Тренески и Словенецот Антон Јус. Трнески остана без пласман, и со оштетување на предницата од автомобилот, а се надеваше на бодови бидејќи во првите пет круга беше во Топ-10.
Стартувајќи од деветтата позиција, Давид Малинковски уште на самиот почеток зграби две места плус и од деветтото се искачи на седмото место, веднаш пред Владимир Тренески. Македонската двојка се држеше доста кругови на своите места, па и напредуваа. Малинковски стигна до петтото место, а во еден момент беше и на третото место. Тренески го задржа и добро го чуваше своето деветто место.
Малинковски имаше борба со Миха Фабијан, но почна да губи сила неговото возило и само што беше престигнат од Словенецот, на патеката се појави безбедносното возило. Но, и со петтото место во генерален пласман, му беше доволно да биде прогласен за победник на трката во првенството на Македонија. Со новите 20 бода и второто искачување на подиумот Малинковски го запоседна првото место во првенството на Македонија.
За разлика од првата трка, сега Марко Блажевски имаше одличен старт иако тргна од последното 31 место. Но, веќе по првиот круг „скокна“ 14 места и беше на 17 место во конкуренција на 31 возач колку што стартуваа. Од круг во круг, Блажевски напредуваше и минуваше ривалски возила, и во шестиот круг беше веќе во Топ-10 на трката пред безбедносното возило да излезе на патеката. Како што напредуваше сигурно дека можеше и повеќе пред да излезе безбедносното возило.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Државните нафтени резерви се стабилни и обезбедуваат сигурност, уверуваат надлежните
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини со посебно внимание ја следи состојбата со актуелната енергетска ситуација, особено во контекст на нафтените пазари и потенцијалните геополитички ризици, истакнуваат од оваа институција.
Министерството информира дека Агенцијата за задолжителни нафтени резерви постојано ги следи и одржува државните резерви на нафта и нафтени деривати, обезбедувајќи сигурност на снабдувањето, стабилност на пазарот и подготвеност за навремена реакција во случај на какво било нарушување на увозот или снабдувањето.
„Агенцијата за задолжителни нафтени резерви МАКОРА има законска обврска да ги формира и одржува државните резерви на нафта и нафтени деривати во согласност со европската регулатива, односно со Directive 2009/119/EC, која пропишува задолжителна минимална покриеност во одреден број денови просечна потрошувачка или увоз.
Овие државни резерви претставуваат стратешка сигурност на системот. Тие се чуваат како безбедносен механизам и не се користат во редовни пазарни услови, туку исклучиво со одлука на Владата, во случај на прогласување енергетска криза или сериозно нарушување на снабдувањето“.
Во моментов, како што е посочено, увозот на нафтени деривати е целосно либерализиран и се одвива непречено, без ограничувања или застои.
Како Министерство, додаваат од таму, внимателно ја следиме состојбата на меѓународните пазари, особено во контекст на актуелните геополитички случувања и воениот конфликт на Блискиот исток.
Потенцираат дека доколку се појави евентуален недостиг или прекин што би можел да го загрози снабдувањето, Владата ќе реагира навремено и соодветно, во интерес на граѓаните и стопанството.
„Во овој момент, државните резерви се стабилни и според расположливите информации нашата земја стои меѓу најподготвените во регионот во однос на покриеноста и сигурноста на снабдувањето.
Како превентивна мерка, доколку утре се појави евентуален проблем на пазарот, државата располага со резерви од сите видови нафтени деривати и тоа:
· Еуродизел – 138.877.053 литри
· Еуросупер БС-95 – 32.098.680 литри
· Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 10.772.342 литри
· Мазут М-1 НС – 5.287.794 килограми.
Покрај стратешките резерви, редовната набавка на нафтени деривати се одвива повеќепати во текот на годината, а резервите се дополнуваат континуирано и соодветно, согласно динамиката на потрошувачката и законските обврски. Со тоа обезбедуваме стабилност, предвидливост и сигурност во снабдувањето на граѓаните и економијата.
Нафтените резерви се безбедно складирани кај овластени трговски друштва – складиштари и тоа во ОКТА – Рафинерија на нафта, Макпетрол АД Скопје, Лукоил Македонија ДООЕЛ и Супер Трејд ДООЕЛ“.
Овие капацитети, информираат од министерството, се редовно мониторирани и контролирани од страна на надлежните државни органи, со цел да се обезбеди целосна безбедност, техничка исправност на складиштата и навремена достапност на резервите доколку се појави потреба.
Појаснуваат дека доколку се појави евентуален проблем со увозот од какви било причини – затворање на граници, прекини, штрајкови или блокади – државата има обезбедено и дополнителен сигурносен механизам. „Во функција е продуктоводот Солун–Скопје, кој преку поврзувањето со Солун обезбедува алтернативен и непречен доток на сите видови на нафта и нафтени деривати, што значително ја зголемува стабилноста на системот и ја намалува зависноста од други транспортни правци.
Истовремено, Агенцијата континуирано ја следи и дневната потрошувачка на нафтени деривати, со цел државните резерви да се одржуваат согласно законски пропишаното ниво и реалните потреби на пазарот.
Системот е поставен превентивно, со повеќеслојна заштита – преку стратешки резерви, алтернативни транспортни коридори и постојан мониторинг на потрошувачката – со што се гарантира енергетска сигурност и стабилност.
Иако актуелните случувања во Блискиот Исток можат да предизвикаат нарушувања во снабдувањето со нафтени деривати на светско ниво, Република Северна Македонија како држава има обезбедено сигурен проток и увоз на деривати од повеќе различни извори и земји. Со оваа диверзификација на снабдувачите, комбинирано со стратешките државни резерви и функционирачкиот продуктовод Солун–Скопје, се обезбедува непречено и стабилно функционирање на пазарот на нафтени деривати.
На овој начин се гарантира дека граѓаните и стопанството нема да почувствуваат недостиг, а државата останува целосно подготвена да реагира навремено доколку се појави какво било нарушување на снабдувањето“.
Македонија
СДСМ за трагедијата во Карпош: Законот обврзува итна реакција на полицијата по пријава, без да чека одобрение од институциите
СДСМ изразува длабока тага и сочувство за трагичниот настан во Скопје, во кој животот го загубија мајка и ќерка, опишувајќи го како уште една болна последица на семејно и родово базирано насилство што ја потресе целата јавност.
„Овој трагичен случај повторно ја отвора суштинската дилема: дали институциите реагираат навреме, координирано и соодветно кога постои очигледна опасност по животот и безбедноста на жртвите?
СДСМ потсетува дека семејното насилство е кривично дело и итен случај.
Полицијата има законска обврска да постапува веднаш по пријава, без да чека одобрение од други институции. Не постои правна или институционална основа за одложување на полициска интервенција во случаи на семејно насилство.
Истовремено, Министерството за труд и социјална политика и Центрите за социјална работа имаат клучна улога во обезбедување социјална заштита, кризно сместување и психосоцијална поддршка, како и во предлагање долгорочни заштитни мерки. Нивната улога е паралелна и комплементарна, но не смее да биде изговор.
Борбата против родово базираното насилство не смее да биде декларативно, туку и преку ефективна примена на законите, институционално делување, континуирана едукација на сите вклучени служби и силен фокус на превенцијата“, велат од СДСМ.
Македонија
МНР со владиниот авион ќе ги евакуира нашите државјани од Израел, првите се очекува да пристигнат утре
За евакуација на Македонците кои сакаат да се вратат дома од Израел, Министерството за надворешни работи (МНР) ќе го испрати владиниот авион. Од Израел ќе бидат пренесени на локација до која е безбедно да стигнат по копнен пат од каде што ќе ги преземе владиниот авион.
„За Македонците кои се во Израел веќе договараме евакуација. Се разгледуваат алтернативни патни правци кои се безбедни за да можат да бидат извлечени, а од таму да ги преземеме со владиниот авион. Првите патници очекуваме да стигнат дома уште утре“, изјавија од МНР за „Макфакс“.
Во владиониот авион има место за седуммина патници, но за да можат да си дојдат дома сите заинтересирани, се разгледуваат можности за комерцијални летови од безбедните околни точки.
Евакуација од Израел досега побарале 19 патници кои се дел од вкупно 473 македонски државјани кои ги контактирале дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во Тел Авив, Доха и Абу Даби. Во Катар се пријавиле 106 лица, 348 се обратиле до ДКП Абу Даби, 18 лица од Кувајт и 12 лица од Бахреин.
За патниците од Катар, од МНР велат дека се во преговори за специјален комерцијален лет со кој би се вратиле дома оти сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат, а вrаќањетo од Обединетите Арапски Емирати ќе почне во првата безбедна прилика.
Денес во Белград слета авион со 200 српски државјани кои се вратија од Дубаи со комерцијален лет, а аеродромот извести дека ќе го продолжи воздушниот сообраќај со реализација на ограничен број летови. Приоритет ќе им се дава на патниците со претходни резервации, а оние кои ќе бидат дополнително прераспределени на ограничените летови, ќе бидат директно контактирани од компанијата.

