Македонија
Османи – Вархељ: Постои замор од постојаното одложување, потребни се храбри одлуки
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари средба со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, кој е во работна посета на Скопје.
Во фокусот на разговорите беше европското досие на нашата држава во пресрет на јунските совети и очекувањата за нужен исчекор во поглед на почнувањето на пристапните преговори, особено во дадениот момент.
Соговорниците се согласија дека новите геополитички околности налагаат потврдување на политиката на проширувањето како геостратешка инвестиција во мир, стабилност, безбедност и економска благосостојба на целиот европски континент.
„Северна Македонија досега покажа исклучително ниво на посветеност за напредокот на земјата на нејзиниот пат кон Европската Унија. Дополнително, постигнавме 100 % ниво на усогласување на државата со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата. Време е и Европската Унија да подаде рака кон државите од Западен Балкан и јасно да демонстрира дека иднината на регионот е европска. Регионот е сѐ повеќе уморен од чекање, со што страда кредибилитетот на Европската Унија“, порача Османи.
На средбата стана збор и за напорите во надминувањето на разликите меѓу Бугарија и Северна Македонија како приоритет да се деблокира нашиот пат кон ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Поднесена кривична пријава против две лица од Битола кои се закануваа дека ќе убиваат луѓе на протестот за возачките дозволи
Независниот полициски синдикат поднесе кривична пријава против две лица од Битола кои се закануваа дека ќе убиваат луѓе на протестот за возачките дозволи.
„Поднесена кривична пријава против двете лица од Битола кои се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да го спроведат законот. Очекуваме обвинителството од Битола веднаш да постапи на истиот начин како што постапува против нас и уште утре да побара притвор за овие лица. Доколку ова не се случи во најкус можен рок, нека бидат сигурни дека нивното не постапување нема да остане незабележано“, велат од синдикатот.
Едниот од пријавените се извини на социјалните мрежи дека упатувал закани. Рафет Мемишовски на снимката вели дека бил изнервиран и под стрес затоа што полицијата му го одзела автомобилот на неговиот братучед, поради тоа што немал возачка дозвола. Тој неколкупати повторува дека таквото однесување нема да му се повтори и вели дека повеќе нема да се заканува.
Граѓани во Битола, Штип и Прилеп неделава протестираа со блокади на патиштата на кои палеа гуми и дрва, реагирајќи затоа што им биле одземени возилата затоа што немале возачки дозволи.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.

