Топ
Постигнати спогодби за дел од предметот „Империја“, за Камчев и Јосифовиќ по една година затвор
Во текот на вчерашниот ден Основниот кривичен суд Скопје прифати две предлог-спогодби склучени пред поднесување на Обвинителен акт помеѓу јавниот обвинител Лиле Стефанова од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и двајца обвинети во предметот „Империја“, информираа надлежните.
Спогодбите, како што појаснуваат се однесуваат за кривични дела опфатени со наредбата за спроведување на истражна постапка за период до 2009 година. Со опишаните дејствија обвинетиот Ј.К. сторил кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.4 вв ст.3 и ст.1 и чл.22 од КЗ, додека обвинетиот Н.Ј. сторил кривично дело ,перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 ст.1 од КЗ.
„Двајцата обвинети го признаа извршувањето на кривичните дела што им се ставаат на товар и се согласија да им биде изречена казна затвор во траење од по една година во која ќе им се засмета и времето поминато во притвор. Во исто време, правното лице „Кара“ АД Скопје како правен следбеник на правното лице ‘Орка холдинг’ АД Скопје и ДПТУ ‘ХООР’ АД Кавадарци беше задолжено да ја надомести штетата на буџетот на Република Северна Македонија на име на неплатени даноци во износ од 320.918.372,00 денари“, стои во писмениот допис од Јавното обвинителство.
Во него се дополнува дека во временскиот период од јануари 2004 година до март 2006 година обвинетиот Ј.К. заедно со обвинетите К.К.С. и З.А. и покојниот И.К., како одговорни лица извршни и неизвршни членови на Одборот на директори во правното лице „Орка холдинг“ АД Скопје кое во октомври 2004 година е преименувано во ДПТУ „ХООР“ АД Кавадарци, ги искористиле своите овластувања и положба и го оштетиле доверителот – Министерството за финансии – Управа за јавни приходи Скопје, за износ 322.918.371,00 денари.
Обвинетиот Ј.К., во јануари 2004 година, основал офшор компанија во САД. Од страна на обвинетите Ј.К., К.К.С. и З.А. заедно со сега покојниот И.К. била донесена одлука за склучување на фиктивен договор со компанијата за наводна изработка и испорака на конфекција – воени униформи. Компанијата која немала вработени лица, ниту деловни активности, била застапувана од обвинетиот Д.Ј. – вработен како возач во правното лице „Орка холдинг“ АД Скопје, кој прифатил да се потпишува како полномошник. Заради наводно обезбедување дека униформите ќе бидат изработени, поголем дел од имотот на „Орка холдинг“ АД Скопје бил ставен под хипотека. За да го намали имотот на „Орка холдинг“ АД Скопје, обвинетиот Ј.К. во име на правното лице од САД во период од месец мај 2004 година до мај 2005 година, во неколку наврати изготвувал невистинити фактури со вкупен износ од 11.000.000,00 евра кои биле евидентирани во книговодствена евиденција како вистинити. Овие фактури биле основа правното лице во чие име постапувал обвинетиот Д.Ј. да поведе судски постапки и да бидат признаени побарувањата што произлегуваат од нив. Врз основа на извршни решенија, правното лице – доверител ја блокира жиро-сметката на „Орка холдинг“ АД Скопје кое во меѓувреме се преименува во ДПТУ„ХООР“АД Кавадарци.
На крајот на месец август 2005 година обвинетиот Ј.К. иако знаел дека побарувањата се невистинити преку правното лице – доверител, поднесува барање за отворање на стечајна постапка над ДПТУ„ХООР“АД Кавадарци. Со тоа Ј.К. како вистински сопственик на правното лице – доверител поднел невистинито стечајно побарување, по што Основниот суд Кавадарци во 2006 година донел решение со кое го одобрил планот за реорганизација на стечајниот должник ДПТУ“ХООР”АД во стечај – Кавадарци. Со ова за правното лице од САД е прибавена противправна имотна корист од 108.251 акции и станува доминантен сопственик на акциите на правното лице ДПТУ„ХООР“АД Кавадарци на кое правен претходник е „Орка холдинг“ АД Скопје. Правното лице од Швајцарија каде еден од крајните сопственици бил сега покојниот И.К. станува сопственик на 18.381 акција, па доверителот Министерството за финансии – Управа за јавни приходи Скопје е оневозможена да го наплати побарувањето во износ од 322.918.371,00 денари утврдено со решение на Основен суд Кавадарци.
Во јуни 2006 година на седница на Собранието на ДПТУ„ХООР“АД Кавадарци на која двете правни лица – сопственици на капиталот биле застапувани од обвинетиот Н.Ј. е донесена одлука правното лице ДПТУ„ХООР“АД Кавадарци повторно да се преименува во „Орка холдинг“АД Скопје. Обвинетиот Н.Ј. поттикнат од сега покојниот И.К. како полномошник на двете правни лица – сопственици на капиталот, во јули 2007 година, иако знаел дека 126.632 акции од „Орка холдинг“ АД Скопје се прибавени со кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од КЗ, склучил договор за купoпродажба. За износ од 21.588.000,00 денари на правно лице од Лугано му продал 99,88% од акционерскиот капитал, а правното лице било преименувано во Евро балкан груп. Во август 2012 година акциите повторно се продадени на правното лице „Орка холдинг“ АД Скопје за износ од 61.380.000,00 денари, по што правното лице Евро балкан груп во септември истата година е преименувано во „Кара“АД Скопје со што бил прикриен изворот и сопственоста на акциите.
Правното лице „Кара“ АД Скопје како правен следбеник на правното лице „Орка холдинг“ АД Скопје и ДПТУ„ХООР“АД Кавадарци на 26.04.2022 година по претходно дадена сметка и износ од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција исплати износ од 320.918.372,00 денари на сметката на Управата за јавни приходи.
За останатиот дел од истражната постапка позната во јавноста како „Империја“, во која е опфатен период по 2009 година, како и стечајната постапка на МПМ, постапката продолжува, течат роковите во кои согласно закон обвинетите и одбраната имаат право на увид во доказите и предлагање на докази. По истекот на овие рокови предметниот обвинител ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука, соопштија од Јавното обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Коалицијата на волните договори што по мирот во Украина
Триесет и пет земји од таканаречената Коалиција на волните во вторникот ја поддржаа Париската декларација во која се детално опишани „силните безбедносни гаранции за цврст и траен мир“ во Украина, вклучително и распоредување на мултинационални сили по прекин на огнот, објави францускиот претседател Емануел Макрон.
Безбедносните гаранции што земјите од коалицијата, првенствено европските, планираат да ги обезбедат со поддршка од САД по евентуалното завршување на непријателствата „се клучни за да се обезбеди дека ниту еден мировен договор никогаш не може да значи предавање на Украина и дека ниту еден мировен договор никогаш не може да значи нова закана за Украина“ од Русија, изјави Макрон на прес-конференција.
Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски потпишаа политичка декларација што вклучува распоредување на мултинационални сили по прекин на огнот во Украина.
Претставници на 35-те земји-членки на Коалицијата на волните се собраа во вторникот во Париз за да разговараат за начините за одржување на мирот во Украина во случај на прекин на огнот. Зеленски зборуваше на состанокот, а учествуваа и американскиот претставник за преговори со Русија, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер, еден од преговарачите.
Зеленски по состанокот изјави дека сојузниците од Киев го дефинирале начинот на кој европските сили за одвраќање ќе дејствуваат во Украина по прекинот на огнот, како и кои земји ќе учествуваат во него.
Тој додаде и дека Украина водела конкретни разговори со САД за следење на прекинот на огнот и дека смета на наскоро потпишување на безбедносните гаранции.
Некои земји, исто така, веднаш по состанокот изјавија дека нема да испраќаат војници, вклучувајќи ја и Италија, додека Шпанија и Европската Унија изјавија дека имаат намера да го сторат тоа.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека ги информирала европските сојузници на Украина и американските претставници дека ја исклучува можноста за испраќање италијански копнени сили како дел од безбедносните гаранции во Киев во случај на прекин на огнот со Русија.
„Потврдувајќи ја италијанската поддршка за безбедноста на Украина, премиерката Мелони ги повтори клучните точки од ставот на италијанската влада, особено исклучувањето на можноста за распоредување италијански копнени сили“, објави нејзиниот кабинет во соопштение по состанокот.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека германските сили би можеле да учествуваат во меѓународните сили, но надвор од Украина.
Шпанија, од друга страна, објави дека ќе предложи учество на својата армија во консолидирањето на мирот во Украина по постигнувањето прекин на огнот, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез на прес-конференција во вторник по состанокот во Париз.
„Шпанската влада ќе предложи да ја отвориме вратата за воено учество во Украина“, рече Санчез, додавајќи дека ќе ја разговара можноста со главните политички партии во земјата.
Порака од Брисел
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во вторник изјави дека Европската унија е подготвена да го поддржи мировниот договор во Украина со цивилни и воени мисии на терен.
„Ќе помогнеме преку цивилните и воените мисии на Европската унија на терен. Украина мора да биде во најсилната можна позиција пред, за време и по какво било прекин на огнот“, рече Коста по состанокот со Зеленски во Париз, одржан како дел од самитот на коалицијата на волните.
Свет
Берни Сандерс: Шест причини зошто нападот на Трамп врз Венецуела е погрешен
Нападот на САД врз Венецуела во текот на викендот предизвика остри осуди од целиот свет, а критики беа упатени и до Советот за безбедност на ОН денес, при што дури и клучните сојузници на САД предупредија дека киднапирањето на претседателот Николас Мадуро претставува опасен преседан во меѓународното право.
Во услови на негативни реакции, американскиот сенатор Берни Сандерс сподели шест причини зошто верува дека операцијата на Трамп била длабоко погрешна.
Six reasons why Trump’s attack on Venezuela was very wrong: pic.twitter.com/DhGQrjEdt6
— Sen. Bernie Sanders (@SenSanders) January 5, 2026
Сенаторот Сандерс, демократ од Вермонт, ги наведе следниве причини зошто постапките на Трамп биле погрешни:
1. Акцијата е нелегална и неуставна. Конгресот не одобри, ниту пак знаеше за оваа воена акција.
2. Тоа ќе го направи светот помалку безбеден. Ако меѓународното право се игнорира, секоја нација или терористичка организација може да оправда насилен напад со повикување на постапките на Трамп во Венецуела. Тоа беше логиката на Путин во Украина.
3. Тоа е очигледен империјализам. Моќните нации немаат законско или морално право да ги напаѓаат помалите земји за да ги украдат нивните природни ресурси. Венецуелската нафта им припаѓа на народот на Венецуела, а не на американските корпорации.
4. Во време кога целиот свет се оддалечува од фосилните горива кон поевтини и незагадувачки одржливи енергии, заштитата на интересите на „големите нафтени компании“ е лоша за климата и лоша за економијата.
5. Мадуро е корумпиран и антидемократски. Истото важи и за МБС од Саудиска Арабија и многу други лидери низ целиот свет. „Само затоа што не ни се допаѓа лидерот на една земја, не значи дека имаме право да ја собориме нивната влада“, рече Сандерс.
6. Трамп се кандидираше како „кандидат за мир“ кој веруваше во политиката „Америка на прво место“, а не како некој што би „водел“ друга земја. „Во време кога 60 проценти од Американците живеат од плата до плата, можеби треба да се обидете подобро да ја водите оваа земја [Соединетите Американски Држави], а не да ја преземете Венецуела“, заклучи тој.
Европа
(Видео) Маж избол до смрт кондуктер во Италија, па избегал со воз: во тек е масовна потрага по Хрват
34-годишниот кондуктер Алесандро Амброзио беше избоден до смрт синоќа на главната железничка станица во Болоња. Полицијата го идентификуваше осомничениот напаѓач како 36-годишниот Хрват Марин Јелениќ, кој е во бегство. Низ цела Италија е започната потрага по него, јавуваат италијанските медиуми.
Убиството се случило околу 18:30 часот на паркинг резервиран за вработени во железницата. Амброзио, кој штотуку ја завршил смената, одел кон својот автомобил кога бил нападнат одзади. Тој бил смртно избоден во стомакот. Бидејќи на местото на злосторството биле пронајдени неговиот мобилен телефон, паричник и пари, истражителите веднаш ја исклучиле можноста за грабеж како мотив за нападот.
Полицијата го обезбедила местото на злосторството, а истражителите ги прегледале снимките од безбедносните камери од станицата, перонот и паркингот. Со споредување на снимките, наводниот сторител, Марин Јелениќ, брзо бил идентификуван.
36-годишникот е маж без постојано живеалиште и е познат на полицијата по претходни кривични дела и напади на други железнички станици.
Алесандро Амброзио работел како кондуктер, а бил син на поранешен железнички работник. Колегите и познаниците го опишуваат како сериозен и смирен професионалец.
Италијанската полиција верува дека убиецот избегал од местото на настанот веднаш по нападот качувајќи се на воз што се движел кон север.
Затоа, потрагата е фокусирана на возовите и станиците, со зголемени патроли и проверки на клучните железнички крстосници.

