Европа
Бројот на жртвите во земјотресот во Италија се искачи на близу 160

Бројот на жртвите од земјотресот кој во средата утрото ја погоди централна Италија се зголеми на 159 луѓе, пренесува агенцијата ANSA, повикувајќи се на обновените податоци објавени од Службата за цивилна заштита ноќта кон четвртокот.
Се наведува дека и покрај ноќта продолжува операцијата за потрага и спасување на преживеаните.
Сеизмичката состојба во областа на земјотресот „продолжува да биде со силна активност со многу афтершокови кои следат еден по друг во оваа област“. Претходно беше објавено за најмалку последователни потреси од кои 55 со магнитуда 3.
Засега не е јасно дали станува збор за нови жртви извлечени од под урнатините во најнастраданите места Аматриче, Пескара дел Тронто, Акумоли и Арквата дел Тренто или, пак, за лица кои им подлегнале на повредите во болниците.
Неколку часа претходно италијанскиот премиер Матео Ренци објави дека има најмалку 120 жртви и 368 повредени, но предупреди дека бројот на жртвите најверојатно ќе се зголемува. Стотина лица се водат како исчезнати.
Подземниот потрес со магнитуда од 6,0 по Рихтер се случи на 24-ти август во 3,36 часот по локално време, за точно по еден час да следи вториот силен удар со магнитуда од 5,4.
Земјотресот кој го зафатил голем простор од сртот на Апенинскиот полуостров во централниот дел, се почувствувал во многу големи италијански градови, како Рим, Фиренца, Перуџа, Риети и Норче. Епицентарот на потресот е во провинцијата Риети, на длабочина од 4 километри./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски: Размислете внимателно за вашите капацитети за воздушна одбрана

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги повика сојузниците на Киев да ги преиспитаат своите капацитети за воздушна одбрана откако беспилотните летала, за кои Варшава тврди дека се руски, влегоа во полскиот воздушен простор.
Зборувајќи во Киев заедно со финскиот претседател Александар Стаб, Зеленски рече дека Украина е отворена и подготвена да ги поддржи сојузничките напори. Украина одби многу руски воздушни напади користејќи украинско и странско оружје, од митралези до напредни ракети.
Зеленски рече дека земји како Полска треба да размислат за слични повеќеслојни пристапи бидејќи ракетните системи како што е американскиот систем „Патриот“ се премногу скапи за употреба против поевтини руски беспилотни летала.
„Никој во светот нема доволно ракети за да собори сите различни видови дронови“, рече тој. Полска, со поддршка на сојузниците од НАТО, вчера собори неколку дронови што влегоа во нејзиниот воздушен простор.
Полскиот претседател го опиша инцидентот како руска провокација насочена кон тестирање на одговорите на Полска и НАТО. Зеленски рече дека Украина, која развила софистициран домашен пристап за одбивање на руските напади, е во позиција да им помогне на своите сојузници во тоа.
Тој рече дека полскиот премиер Доналд Туск веќе се согласил да испрати воени претставници во Украина за таа цел. Полските воени претставници ќе бидат обучени да соборуваат дронови, изјави извор запознаен со ова прашање.
фото: принтскрин
Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин