Македонија
(Видео) Спасовски на тестирање на алатка за онеспособување неексплодирани убојни средства
Во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ Скопје, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски присуствуваше на бета пилот тестирањето на ВЕКТОР – Алатка за виртуелно собирање докази за идентификација и онеспособување неексплодирани убојни средства, поддржан од НАТО програмата – Наука за мир и безбедност, а спроведуван од CENTRIC – Центар за извонредност во истражувањата за тероризам, отпорност, разузнавање и организиран криминал, Факултет за безбедност Скопје, Школата за наука и технологија при Универзитетот во Сараево, Босна и Херцеговина и CERTH – Центарот за истражување и технологија „Хелас“ од Грција.
Спасовски истакна дека клучен предизвик со кој се соочуваат безбедносните органи е прецизно идентификување на конкретниот предмет, односно експлозивна направа, проценка и класифицирање на нивото на ризик и добивање совети за постапување како да се дејствува врз основа на посебните спецификации на направата и контекстот во кој се наоѓа заканата.
„Поради тоа, постои потреба за блиска координација на повеќе служби за ефикасно откривање, идентификација и отстранување на сомнителните или познатите закани и обезбедување на околината, што подразбира безбедносна комуникација и споделување информации помеѓу тимовите и на терен и надвор од локацијата. Оваа размена на информации е особено значајна и потребна”, потенцираше министерот Спасовски.
Министерот Спасовски се осврна на фактот дека иако техниките за отстранување на експлозивни направи, како што се далечински управуваните возила за отстранување бомби, постојано се унапредуваат и осовременуваат, реалноста е дека експертите и опремата не се секогаш достапни за справување со овие ситуации.
„Сите овие предизвици и опасности се реални денес, и за големите и развиени држави, нашите партнери од НАТО, па и за нас. Токму затоа и МВР преку БЈБ, одлучи да учествува во ВЕКТОР проектот и заедно да придонесат кон креирањето на модерно софтверско решение – алатка за собирање докази, поврзани со инциденти предизвикани од импровизирани експлозивни направи, како и од неексплодирани убојни средства, со што ќе се овозможи скратување на времето за постапување на безбедносните органи и побрзо и поефикасно справување со опасноста”, рече тој.
Притоа, министерот Спасовски изрази увереност дека соработката помеѓу академската заедница и безбедносните институции ќе вроди со најдобри резултати, а меѓу другото посака успех во тестирањето на алатката ВЕКТОР и истакна дека Министерството за внатрешни работи и во следниот период ќе продолжи да биде активен учесник во активностите во рамките на проектот ВЕКТОР, а вработените особено ќе се вклучат и максимално ќе се посветат на практичните аспекти и потребните информации за предложеното софтверско решение.
Учесници на настанот се партнери од конзорциумот на проектот, ИТ-специјалисти и учесници од МВР и ДЗС, Факултетот за безбедност – Скопје, директорот на проектот проф. д-р Бабак Акгар. На настанот беше изведен и приказ на ВЕКТОР технологиите и опремата од страна на ВЕКТОР проектен тим, како и подесување на техничките компоненти од страна на УКЛО ФБС, со поддршка од сите технички партнери, а беше спроведена и обука на крајните корисници (МВР, ДЗС и УКЛО ФБС).
Во текот на утрешниот ден (1.6.2022), во рамки на активностите на овој проектен настан ќе бидат изведени две посебни сценарија за МВР и за ДЗС, со дрон и без дрон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Интензивирани активности за пролетно уредување и модернизација на јавните површини во Ѓорче Петров
Во пресрет на пролетната сезона, Општина Ѓорче Петров започна засилена и координирана акција за уредување, разубавување и системско одржување на јавните површини на целата територија на општината.
Активностите се дел од поширока стратегија за унапредување на урбаната хигиена, зголемување на безбедноста и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
„На терен се реализира интензивно кастрење на дрвја и жива ограда со цел подобрување на безбедноста и зачувување на зеленилото, расчистување на гранки и зелен отпад и нивно соодветно отстранување, темелно чистење на тротоари, рабници и пешачки зони, уредување на паркови, детски игралишта и меѓублоковски простори.
Со овие активности се создава почиста, побезбедна и поуредена животна средина, а истовремено се поставуваат основи за понатамошни инфраструктурни и еколошки интервенции во текот на годината.
Општината останува целосно посветена на континуирано и одговорно одржување на јавните простори, со јасна визија за модерно, зелено и функционално Ѓорче Петров. Во наредниот период, активностите ќе се интензивираат и ќе опфатат дополнителни локации, согласно утврдениот план“.
Македонија
Заедно за безбедност: Mozzart донира тактички елеци на Интервентната единица
Интервентната единица при Министерството за внатрешни работи доби нови тактички елеци донирани од компанијата Mozzart. Со оваа донација, компанијата ја потврди својата подготвеност да поддржи институции кои работат на заштита и безбедност на граѓаните.
Тактичките елеци ќе придонесат за подобра заштита и ефикасност на припадниците на единицата при извршување на нивните задачи.


„Со задоволство одговоривме на барањето за набавка на нови тактички елеци. Интервентната единица секојдневно е на терен и се грижи за јавната безбедност, а нашата компанија имаше можност да даде конкретна поддршка. Соработката ќе продолжи и во иднина,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.
Во рамки на својата стратегија за општествена одговорност, Mozzart од почетокот на годината реализира повеќе проекти во различни области – од поддршка на кампањата „Ретко е да си редок“, преку организација на бесплатни театарски претстави, до донации за институции од областа на безбедноста. Активностите ќе продолжат и понатаму, опфаќајќи спорт, здравство, екологија и култура.
ПР
Македонија
Апасиев: Семејното насилство да се казнува повеќе од обичното, итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа
„Како што дрска кражба се казнува повеќе, а не помалце од обична; како што убиство со умисла се казнува повеќе, а не помалце од убиство на миг; така и семејно насилство треба да се казнува повеќе, а не помалце од обично насилство – оти една од основните функции на семејството е заштитната! А каква “заштита” имаш ако дома маж ти те тепа секој ден?“, пишува претседателот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи.
Тој порача дека „под итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа, кои се напикани со неспособни и нестручни партиски штабци! Под итно!!!“

