Македонија
Томовски: Владата го прифаќа предлогот од Париз, а ВМРО-ДПМНЕ не
„Владата го прифаќа предлогот од Париз, а ВМРО-ДПМНЕ не, ајде на избори, народот нека одлучи. Дипломати во земјата и поранешни високи владини функционери потврдуваат дека Владата на Ковачевски дала дозвола за предлогот од Париз. Предлогот за ставање на бугарските барања во рамките на преговорите со ЕУ е одобрен од Ковачевски и Османи и тој мора да поминал низ каналите на комуникација помеѓу МНР и Француската Република“.
Ова, меѓу другото, денеска на прес-конференција го изјави Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој напомена дека „ВМРО-ДПМНЕ не калкулира со македонските национални интереси, како што тоа го прави СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ го отфрла предлогот од Париз и смета дека тој води само кон асимилација на Македонците и бугаризација на државата. Предлогот не почива на европските вредности, туку на правилото на посилниот“.
„Ковачевски, кој дал дозвола за предлогот да биде пуштен во јавноста, треба да собере храброст и да го признае тоа пред јавноста. Ниту еден наш партнер нема да прави никаков чекор, без притоа за тоа да добие усогласеност на ставовите помеѓу двете страни. Ковачевски е виновен што воопшто го прифатил овој предлог. И со тоа направил голема штета. Но, еве, доколку Ковачевски смета дека предлогот е добар, тогаш ајде на избори. Тој со ставот дека предлогот од Париз е добар и дека според него треба да се реши проблемот со Бугарија, а ВМРО-ДПМНЕ со ставот дека предлогот е штетен за нацијата и државата и дека треба веднаш да биде отфрлен. Па народот нека избере“, порача Томовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска се обрати на свечена академија по повод 105 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје
105 години Филозофски факултет значат повеќе од еден век умствен и духовен раст, традиција, научна извонредност и општествено созревање. Тоа е наследство што мора да го чуваме и да го негуваме. Верувам дека оваа институција и понатаму ќе биде водилка на општествената и на хуманистичката мисла, бранител на критичноста и чувар на академската слобода, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на свечената академија со која високообразовната установа го одбележа големиот јубилеј.
„Факултетот не придонесува во развојот на државата само преку образованието и науката, туку и преку својата силна стратешка улога во креирањето на националните политики. Тука се раѓале концепти и научни согледувања што го обликувале образовниот систем, културните политики, социјалните институции и многу од современите професионални практики во државата. И во овој период, Филозофскиот факултет е активно вклучен во изработката на клучни национални стратегии“, рече Јаневска изразувајќи благодарност до сите поранешни и активни професори, истражувачи и вработени на факултетот за нивната посветеност, научен придонес и визија за општеството.

Министерката потенцираше дека иако по однос на неколку теми за време на нејзиниот мандат, ставовите на МОН и факултетот се разликувале, токму таквите јавни дискусии доведуваат до креирање на најдобрите решенија за обезбедување на поквалитетно национално образование. Очекува, како што рече, Филозофскиот факултет да остане меѓу најсилните партнери на државата кои отвораат пат кон нови образовни подвизи.
Јаневска изрази уверување дека буџетот за образование ќе продолжи да се зголемува, а со тоа ќе се зголемува и поддршката за развој на високото образование и науката.
„Држава која вложува во високото образование вложува во сопствената иднина – ја јакне својата конкурентност, го унапредува демократскиот капацитет и го поттикнува општествениот развој. Продолжуваме да креираме политики што обезбедуваат автономија, дигитализирани процеси, подобра научна инфраструктура и поддршка за младите истражувачи“, рече министерката.

Освен Јаневска, на свечената академија се обратија и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески кои се согласија дека академскиот простор мора да остане место каде знаењето се претвора во визија, а визијата во општествена вредност.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.
Македонија
Магла во утринските часови, сончево со умерена облачност преку ден
Во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува периодот стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла

