Македонија
Седуммина млади луѓе признаа вина за настаните пред Собранието
Седум од осум обвинети за настаните пред Собранието признаа вина пред Кривичниот суд. Некои од нив посочија дека се каат за она што се случува. Само еден рече дека не го сторил кривичното дело за кое го гонат. Обвинетиот Младен Ристовски, кој е во куќен притвор, рече дека не сакал да го стори кривичното дело. Со него во салата беше присутно и неговото семејство. Тој е редовен студент. Призна вина пред судијката.
„Не сум сакал, едноставно тоа што се случи – се случи и не сакав ништо од ова да биде“, рече Ристовски на што судијката му врати: „Толпата е опасна работа“, а тој врати „Не мислев дека ќе се случи ова“.
Иван Јосифовски, кој има 18 години и се наоѓа во куќен притвор, а е од Радишани, учи во средното економско и правно училиште во Кисела Вода. Тој потенцира дека никогаш не фрлал со предмети кон полицијата и дека не повредил никого.

„Не бев свесен дека правам кривично дело. Се чувствувам виновен, ја признавам вината за делото за кое се товарам“, рече Јосифовски и додаде: „Кон полицијата не фрлав“, а судијката му посочи дека ако признава вина, го признава и тоа.
Сепак, тој реши да признае вина.
„Дали твојот камен или дали каменот на некој од твоите соборци тоа не се утврдува. Сите вие заеднички сте дејствувале. Затоа е учество во толпа. Затоа не пишува дека Иван со ова дејство го повредил ова лице. Тогаш немаше да биде учество во толпа“, посочи судијката Славица Андреевска, па тој рече: „Давам признание, сигурен сум“.

Славчо Симоновски, единствениот што е во ефективен притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари е неженет и осудуван, со завршено средно образование.
„Признавам вина. Свесно е дадено“, рече Симоновски.
Бојан Стефановски од Радишани, кој има 18 години и е четврта година средно во економско-правно училиште, исто така призна дека е виновен за настаните пред Собранието.
„Се чувствувам виновен. Да, ја признавам вината“, рече Стефановски, а судијката сметаше дека можеби има задршка во признанието на вина, на што тој реплицира: „Суво ми е грлото“. Обвинетиот рече дека доброволно го дава признанието на вина.

Никола Михаиловски, кој е неосудуван, со средно образование и има 22 години, исто така рече дека чувствува вина.
„Ја признавам вината, признанието е свесно и доброволно“, рече тој.
Виктор Стојков, кој учи во скопското средно угостителско и е во куќен притвор, а има 18 години, посочи дека чувствува вина.
„Да, чувствувам вина и се каам“, рече Стојков, а судијката посочи: „Не може да се прости“. Обвинетиот рече дека признанието е свесно и доброволно.
Антонијо Величковски, кој е во куќен притвор, а по професија е физеотерапевт и има завршено факултет, е единствениот што не призна вина. Тој има 30 години и е татко на малолетно дете. Нему ќе му се суди во посебна постапка.
„Не се чувствувам виновен, не сум го сторил делото. Не ја признавам вината“, рече Величковски.
19-годишниот Штефан Шуман, кој е во куќен притвор, има завршено средно. Тој призна вина пред судот.
„Ја признавам вината, се чувствувам виновен“, рече Шуман.
Обвинителката Наташа Сарамандова рече дека ги гони за учество во толпа. Тие фрлале со тврди предмети кон Собранието, ја оштетиле оградата, но повредиле и полицајци.
„На 5.7.2022 година, пред зградата на Собранието, за време на собир на граѓани, обвинетите заедно и со други непознати лица учествувале во толпа и сториле насилства. На еден полициски службеник му била нанесена тешка телесна повреда, а на 22 лица им се нанесени повреди. Кога била тргната оградата, заедно со непознатите лица, со тврди предмети, бекатон, пиротехнички средства и ‘молотови коктели’ фрлале кон зградата на Собранието и полицајците додека тие биле распоредени во заштита на зградата. Тие му причиниле штета на Собранието, а обвинетиот Антонијо Величковски пред влезот на болницата ‘Св. Наум Охридски’ учествувал во толпа, која оштетила полициско возило. Со рака го искршил ретровизорот, па дејствувал со непознати лица, фрлал со бекатон, па го прскале со спреј. Обвинетите сториле кривично дело учество во толпа што ќе направи кривично дело“, рече Сарамандова.
Обвинетите се на возраст од 18 до 36 години. Судијката треба да изрече пресуда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.
Македонија
Љубов или вино: што навистина славиме на 14 февруари?
Секој 14 февруари, истата ситуација – некои го препознаваат само Свети Трифун, додека други го сметаат Свети Валентин, или Денот на вљубените, за поинтересен. За други, единственото нешто што е важно е да се забавуваат на тој ден.
Најмногу профитираат трговците и угостителите, на кои не им требаше многу за да ја спојат романтиката со добро вино и да најдат начин да заработат добри пари на тој празник. Сепак, повеќето луѓе всушност знаат малку за светците кои ја предизвикале целата расправија, како и за тоа како дошло до тоа Денот на вљубените и Фестивалот на виното да „паѓаат“ на ист ден.На тој 14 февруари, има двајца светци – едниот кој има многу долга традиција и е почитуван со векови, а другиот, понов кој, преку медиумите, стана глобален феномен надвор од христијанските земји.
Може ли Свети Трифун да се заљуби, а Свети Валентин да се опие?
Прво, зборуваме за два сосема различни светци кои ги почитуваат и православната и католичката црква. Свети Трифун, како светец-заштитник на лозарите и винарите, не може да биде замена за Свети Валентин, ниту обратно. Католичката црква го слави Свети Трифун, но на 10 ноември. Од друга страна, православната црква на Свети Валентин се сеќава на 12 август. Сепак, никој тогаш дури и не помислува на Денот на вљубените, бидејќи Денот на вљубените на 14 февруари стана глобален феномен.Свети Трифун живеел во 3 век од н.е. во Мала Азија. Легендата вели дека имал чудотворен дар за лекување и дека успеал да ја излечи ќерката на римскиот император Гордиј „од зол дух“. Тој ги делел богатите кралски подароци на сиромашните и живеел како скромен чувар на гуски до крајот на својот живот. За време на големиот прогон, тој одбил да се откаже од Христос, поради што бил убиен во 250 година од н.е. на овој ден. Свети Валентин живеел некаде околу тоа време. Тој го посветил својот живот на тајно женење на војници, на кои им било забрането да основаат семејство, со нивните избрани жени. Поради оваа помош на заљубените парови, Валентин бил обезглавен во 269 година.
И што да се слави денес?
Благодарение на Холивуд и добриот маркетинг, Денот на вљубените стана глобален феномен, а подарувањето бомбони, срца и други посебни подароци на саканата личност на крајот се прошири и во Србија. Сепак, има и такви кои сè уште го „препознаваат“ само Свети Трифун како празник. На која било група да припаѓате, имаме совет за вас – Прегрнете некого што го сакате… Отворете шише добро вино… И уживајте во животот.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

