Топ
Починато женско тело пронајдено во водите на Охридското езеро

Во водите на Охридското езеро, меѓу карпите кај црквата „Канео“, вчера попладне било пронајдено тело на починато женско лице.
Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатото лице било дадено на обдукција. Увид бил извршен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Македонската дипломатија нема да биде ничија партиска сопственост, одговори МНР по прозивките од СДСМ

Македонската дипломатија не е, и нема да биде ничија партиска сопственост. По години на политичка злоупотреба, ја враќаме дипломатијата на државата, институционално, професионално и во согласност со законот, реагираат од МНР по прозивките од страна на СДСМ кои на прес -конференција кажаа дека Муцунски и ВМРО-ДПММЕ ја узурпираат дипломатијата.
„Автентичното толкување на член 39 став 3 од Законот за надворешни работи е легитимна, уставно заснована постапка, донесена од Собранието – единствениот орган со надлежност за толкување на законите. Министерството нема ниту овластување, ниту влијание врз овој процес.
Членот на Комисијата за надворешни работи од СДСМ, Фатон Бејта, го упатуваме на предметот Уставно право на кој било правен факултет во државата, каде што ќе може да се потсети дека државата се темели врз начелото на поделба на власта – законодавна, извршна и судска.
Целта на ова толкување е да се воведе дополнителен демократски филтер и јавна отчетност при изборот на амбасадори – не да се одземе уставната надлежност на Претседателот, туку да се зајакне транспарентноста пред граѓаните.
Собраниската процедура, спроведена пред Комисијата за надворешни работи составена од пратеници од сите политички партии, е доказ за инклузивност и независност на процесот.
Наместо да одржуваат безпредметни прес-конференции, СДСМ треба да одговори зошто нивните амбасадори со години беа апатични, невидливи или отворено политизирани, а именувањето на дел од нив беше спроведено спротивно на Законот за надворешни работи“.
Нашата цел не е партизација, велат од МНР, туку системска професионализација.
„За првпат по долг период се воспоставуваат јасни критериуми, јавни постапки и механизми за унапредување на кариерните дипломати. Најсилна потврда за ова се измените на Законот за надворешни работи, кои неодамна беа усвоени во Собранието, а чија главна цел е токму професионализацијата на дипломатијата.
Амбасадорите што чесно и професионално ја извршувале својата функција немаат од што да се грижат. Но оние што амбасадите ги третираа како партиски трофеи, нивниот мандат завршува“.
Оваа влада, се нагласува во реакцијата од МНР, гради модерна, отчетна и компетентна дипломатија, со амбасадори што ја претставуваат државата, а не партијата.
Македонија
Побаран доживотен затвор за убијците на Вања и Панче: Двете дела се убиства на свиреп начин за кои е предвидена најтешка казна

Обвинителките Ана Стојковиќ-Димитровска и Жаклина Крстевска во завршните зборови на денешното судење за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, побараа доживотен затвор за Љупчо Палевски- Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев.
„Делата се сторени со умисла, со намера. Жртвите се грабнати на ист начин, загрозени, врзани, во страв. Двете дела се убиства на свиреп начин, за кои е предвидена најтешка казна. Жртвите се врзани, ставени во гепек, им се вперил пиштол. Овие стресови се катастрофална траума од висок интензитет, двете жртви претрпеле тешко страдање“, рече обвинителката Стојковиќ-Димитровска.
Самиот факт дека Вања Ѓочеввска е дете од 14 години, обвинителката рече дека е доволно за доживотен затвор. За прашањата на јавноста зошто е убиена Вања, обвинителката рече дека не е нужно да се утврди мотивот за да се докаже нечија вина и дека отсуството на мотивот, кој е субјективен однос на злосторникот кон делот, не е причина некој да биде осуден.
Обвинителката кажа дека убијците имале умисла да земат пари, а примарната цел била Вања, сржта биле парите, како што се изрази, додека Панче бил средство за остварување на целта. Им требал неговиот „цитроен“ со голем гепек. Грабнувањата и убиствата биле темелно испланирани, а потоа сите траги биле уништени и избришани вклучително и пиштолот.
Обвинителството смета дека нема олеснителни околности за обвинетите оти сите четворица се во зрела возраст, сите се родители, а некои сакале да бидат и политички фактор, одзеле живот на дете- нешто што не се толерира и затоа побара доживотен затвор за сите.
Соодветна затворска казна од судот обвинителките побараа и за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски за кого кажаа дека не тврдат дека имал умисла да му биде убиено детето, но помагал во грабнувањето и неговата улога е трагична па побараа судот да го прогласи за виновен.
14-годишната Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември 2023 година, а
Велешанецот Панже Жежовски беше пријавен за исчезнат на 24 ноември 2023 година, а три дена подоцна на 27 ноември беше пријавен за исчезната Вања Ѓорчевска. Двајцата беа пронајдени мртви на 3 декември 2024 година, Жежовски во близина на Велес, Ѓорчевска во Скопје.
Македонија
(Видео) Обвинителството да отвори постапка за криминалниот круг Филипче – Заев – Зобек мининг, бара Петрушевски

Фрапирани сме од молкот во СДС и кај Венко Филипче, за неговата фирма во Бугарија, џипот купен од фирма која на тендер носела јаглен во ЕСМ и фирмите на Заеви кои инкасирале 9 милиони од истиот тендер, а се поврзано со улицата Гоце Делчев бр. 12 во Петрич, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче сега кога е претседател на СДС е сè уште и управител на бугарска фирма.
Истата таа бугарска фирма на Филипче дели канцеларија со фирмата на Заев која наплатила 9 милиони евра за ископ на јаглен во Грција од фирмата која го продавала на ЕСМ.
Фирмата која го продавала јагленот на ЕСМ е фирмата која му го купи луксузниот џип ауди Q8 на Венко Филипче. Овој криминален круг, Заев, Филипче, Зобек мининг мора да биде растурен“, нагласува Петрушевски.
Очекува, како што рече, ЈО да отвори постапка.
„Премногу очигледни и на тацна се сите давања и земања, и многу лесно се гледа политичкото влијание. А наградата, џипот за Филипче е крунски доказ, од каде почнува се.
ЈО да не молчи. Постапка веднаш. Во спротивно ќе се испостави дека се само заштитници на криминалците од СДС“, нагласува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.