Македонија
Зајкова: Лажните напади од ДПМНЕ кон мене зборува за нивната очајност за политички поени

За жал ВМРО-ДПМНЕ во недостиг на политички артикулирана агенда и програма, која би била во интерес на граѓаните и на напредокот на нашата држава, продолжува со обидите преку политички дискредитации да добие некој политички поен, вели пратеничката од СДСМ Моника Зајкова.
„ Денешните напади од страна на Стоилковски против мене лично за имот кој не е моја сопственост и за кој немам никаков придонес, а притоа јасно се гледа дека е стекнат во периодот кога не сум била на избрана политичка функција, зборува само за очајноста на ДПМНЕ.
Преку лажни обвинувања кон мене, партијата чие седиште е во дивоградба и е се уште симбол за криминал односно ги штити криминогените структури кои ја вратија нашата држава со децении наназад, се обидува да ги оцрни сите прогресивни структури, кои прават се за оваа држава конечно да тргне напред и на нашата младина и на нашите граѓани да им понуди поубава и поперспективна иднина.
Почнаа со мизогени кампањи против нас жените, преку нивните ботови не напаѓаа и навредуваа на сексистичка основа, за сега да продолжат со изјави со цел заштита на сопствените редови.
Сакам да му порачам на колегата од ВМРО-ДПМНЕ, само продолжете со ваквите прес конференции, тоа нема да не обесхрабри, напротив ќе не мотивира уште повеќе да работиме за европската перспектива на нашата држава.
Продолжете да тонете во вашата безидејност и понекогаш ѕирнете што се имате во вашите политички редови. Ве охрабрувам сите во вашите анкетни листови да ги пријавите имотите на вашите родители, но и имотот кој го стекнавте на грбот на граѓаните, а го запишувате под туѓи имиња“ напиша Зајкова на Фејсбук.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Влен“: Вресоците на Ахмети, Таравари и Села се последните извици на една коалиција во распад

„Селотејп коалицијата, составена од ситни лични интереси, по локалните избори го завршува своето политичко поглавје, засекогаш. Вресоците на Ахмети, Таравари и Села се последните извици на една коалиција во распад“, велат од „Влен“.
„Едниот бара „политички договор“ и се обидува да го копира Али Ахмети, кого со право треба да го праша: што се случи со писмата што ги испраќаше низ светот и каде исчезна експертизата на Пол Вилијамс? Другиот лута во паника, стравувајќи дека ќе биде изневерен од двајцата.
Според сите анкети, кандидатите на ВЛЕН се во убедлива предност, додека „референдумот“ на ДУИ, последниот обид на една партија во паника, им се враќа како бумеранг.
Албанците овој филм го гледаат повеќе од две децении патриотизам во зборови, кражба во дела.
Дваесет години не успеаја да обезбедат ни питка вода во албанските општини; во некои од нив, дури и водата ја оставија затруена со арсен.
Тоа е „светот“ што го создадоа загаден, ненаситен и иструлен одвнатре.
Општините под нивно раководство се жив доказ за хаос, сиромаштија и отсуство на било каква визија.
Затоа, Албанците денес му го вртија грбот на овој „лажен референдум“, што го пропагираат Ахмети, Таравари и Села“, соопшти „Влен“.
Македонија
Царински инспектори пронајдоа дрога во стан на студентка, државјанка на Турција

Психотропна дрога метилендиоксиметамфетамин, мефедрон и марихуана е пронајдена при претрес на дом во Гостивар во кој престојувала студентка, државјанка на Република Турција. При претресот, извршен по добиен налог од надлежното обвинителство, инспектори од Одделението за истраги, пронајдоа вкупно шест таблети од 0,29 грама прихотропна дрога метилендиоксиметамфетамин, 1,63 грама мефедрон, марихуана и десет семки од канабис, извести Царинската управа.
Во текот на предистражната постапка е утврдено дека студентката примила авионска пратка испратена од физичко лице од Белгија, заведена како „нотес“. По приемот на пратката, осомничената ја отворила и од неа ја извадила дрогата. Во истиот момент, царинските инспектори, со налог на јавен обвинител, извршија претрес, при што е пронајдена дрогата.
Со наредба на јавниот обвинител, запленетите супстанци се доставени на вештачење во МВР, каде е потврден нивниот хемиски состав.
Против осомничената, Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, поднесе кривична пријава до ОЈО Гостивар за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, казниво по член 215, став 1 од Кривичниот законик.
Македонија
Мицкоски: Венко дури ни неговите пратеници од СДС не го поддржуваат и го оставаат сам да потоне

На вчерашниот народен митинг во Штип во рамките на изборната кампања за локалните избори со слоган „Вистинскиот избор! Tвојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој се осврна на улогата на Венко Филипче во СДСМ и дека никој не го поддржува.
Мицкоски посочи дека на Венко воопшто не му е лесно, затоа што во улогата што ја игра во СДСМ е многу осамен и никој не му верува, па затоа ни неговите пратеници не му веруваат и не му доаѓаат на митинзите и го оставаат сам да потоне, а не пак народот да го гласа на избори.
„Искрен да бидам, човек да не му е во кожата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Тој во таа улога е осамен, дури ни неговите пратеници од СДСМ не го поддржуваат, не му доаѓаат на митинзите. Сам се препотува и жилави, затоа што ниту тие не му веруваат во работите кои ги кажува и го оставаат сам да потоне. И навистина, човекот не може да ги убеди ниту неговите пратеници да го поддржат, а не па народ да го гласа на следните избори“, рече Мицкоски.
Мицкоски од митингот во Штип се наврати на она што е направено изминатите 15 месеци централна власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, како и наследена состојба во државата.
„Овие 15 месеци како Влада, дадовме сè од себе да ја нормализираме државата и помогнеме на многу граѓани. Затекнавме темели кои се разрушени, доверба која е ниска во системот кој пак е расипан и нефункционален на многу нивоа. Но и во едни такви услови постигнувавме резултати“, рече Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека едно од фундаменталните ветување на минатата изборна кампања, на парламентарните избори, беше линеарното покачување на пензиите на сите пензионери за 5000 денари и тоа се реализираше во првите девет месеци власт, додека во првите година и половина, пензиите ќе бидат за седум илјади денари линеарно зголемени.