Топ
Загина маж од Неготино откако бил удрен од товарен воз

Утрово во 02.00 часот било пријавено дека товарен воз кој сообраќал на релација Табановце-Гевгелија на потегот од железничката станица Неготино кон железничката станица Дуброва удрил во Р.У.(64) од Неготино, кој се движел пеш по пругата.
Р.У. починал на местото на настанот.
За настанот, како што соопштија надлежните бил известен Јавен обвинител, а увид на местотото на настанот извршила екипа од ОВР-Неготино.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јанев: Секој возач е потенцијална „жртва“ доколку не ги почитува сообраќајните правила

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, најави дека се размислува за комбинирање на повеќе мерки за подобрување на безбедноста во сообраќајот, а во исто време се преземаат активности за имплементација на системот „Безбеден град“. Системот, кој е во фаза на подготовка, ќе биде поддржан од нови законски измени кои се во владина процедура, а истовремено се вршат проверки за неговата функционалност.
„Не можеме да игнорираме дека се додека не ги почитуваме сообраќајните правила, без разлика на присуството на сообраќајни патроли, секој од нас е изложен на опасност“, изјави Јанев, реагирајќи на последните сообраќајни несреќи со жртви што се случија во изминатата недела.
Тој истакна дека во урбаните средини, каде што контролите се зајакнати, се намалил бројот на сообраќајни незгоди и прекршоци. Притоа, зголемен е бројот на детектирани прекршители, што укажува на позитивни ефекти од применетите мерки. Но, како што истакна, суштината лежи во промена на сообраќајната култура.
„Затоа што, ако не ги почитуваме сообраќајните правила, ние како учесници во сообраќајот, сме потенцијални жртви“, додаде Јанев.
Јанев објасни дека МВР има детектирано овој проблем уште пред појавата на актуелните сообраќајни инциденти. Тој најави дека се применуваат превентивни кампањи и рестриктивни мерки за безбедноста на сообраќајот, а дополнително ќе се зајакнат контролите преку „Безбеден град“.
Системот „Безбеден град“, кој веќе се подготвува, ќе вклучува технологија што ќе овозможи детектирање и санкционирање на прекршителите, а казни за прекршоци ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2026 година. Како што објасни министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во првите месеци граѓаните ќе добиваат предупредувања, а по влегувањето на системот во целосна функција, казните ќе станат законски обврзувачки.
„Системот ќе се прошири и на санкционирање на непрописно паркираните возила“, додаде Тошковски.
Директорот Јанев упати апел до сите учесници во сообраќајот, истакнувајќи дека сообраќајната култура и почитувањето на правилата треба да бидат на највисоко ниво за да се избегнат несреќи и загуби на животи.
Македонија
Василевска: ДУИ си вработи луѓе кои не одат на работа, а земаат плата, затоа глумат политичка жртва

Негативната селекција и позитивната дискриминација се два главни проблеми со кои македонското општество мора да се справи доколку сака вистински напредок во политичката култура, економскиот развој и стабилноста, истакна пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска на трибината „Жените во домашната и меѓународната политика“.
„Погледнете овие 20 години – имаме огромна инфлација на незаслужени купени академски дипломи. Треба само да се направи анализа во државната и јавната администрација – колку од овие дипломи завршиле на раководни позиции? Ова ја уништува мотивацијата, но и вредноста на самата диплома, што е јасен пример на негативна селекција“, изјави Василевска.
Во однос на позитивната дискриминација, таа нагласи дека квотите за етничка застапеност не секогаш даваат квалитетен резултат.
„Апсолутно е потребно сите етнички заедници да имаат еднаков пристап до пазарот на трудот, но мора да се воспостави систем во кој критериумите ќе бидат правични и ќе овозможат квалитет, а не вештачки баланс“, додаде таа.
Василевска ја обвини ДУИ за злоупотреба на политичката моќ и создавање на лажни закани.
„ДУИ сега лиферува закани, но тоа е само одраз на нивното владеење. Колку членови на ДУИ се вработени во администрацијата без да се појавуваат на работа? Колку од нив земаат плата од државата, а работат во странство? Ова е класична злоупотреба на моќта за личен интерес“, рече таа.
На крајот, Василевска нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ веќе најавила укинување на балансерот за вработување во јавниот сектор, како и воспоставување праведен систем во кој сите граѓани ќе имаат еднакви можности.
Топ
„БМВ“ удри во мопед, еден малолетник е тешко повреден, а другиот полесно

Еден малолетник е тешко повреден, додека друг добил полесни повреди откако во нив удрило „бмв“ додека тие биле на мопед.
Сообраќајната несреќа што се случила на 08.03.2025 година, околу 14:20 часот, на локалниот пат помеѓу селата Брвеница и Челопек, кога патничко возило „БМВ”, со тетовски регистарски ознаки, управувано од 28-годишниот С.Д. од село Челопек, удрило во мопед што го управувал малолетник од село Милетино.
По ударот, двајцата малолетници кои се возеле на мопедот се здобиле со повреди. Еден од нив, возачот, го имал најтешкиот удар и бил пренесен во Клиничка болница Тетово, по што бил транспортиран во Комплекс клиники „Мајка Тереза” во Скопје. Другиот малолетник, сопатникот, имал полесни повреди и исто така беше пренесен во болница.
„Во моментот на несреќата се преземаат сите неопходни мерки за расчистување на случајот. Повредените малолетници се под медицинска грижа и во соработка со Јавното обвинителство продолжуваме со истрагата за причините што довеле до оваа несреќа“, изјави портпаролот на СВР Тетово.
Истрагата продолжува, а увид на местото на настанот извршиле екипите на СВР Тетово, кои соработуваат со надлежните органи.