Региони
Охрид во фокусот на вечерашната епизода на Алхемија на Балканот – Македонија
Вечерва, четврток, во 21,30 часот на програмата на телевизијата Ал Џезеира Балкан ќе биде емитувана третата епизода од серијалот „Алхемија на Балканот“ којашто е посветена на Македонија.
Поголемиот дел од емисијата е снимена во Охрид, место кое долго се памети и кое чува историски спомени. Во градот има неколку десетици православни цркви, а легендата вели дека своевремено имало дури 365, по една црква за секој ден во годината. Младиот стручњак Љупчо Кумбаровски , кој е многу повеќе од туристички водич, на екипата на телевизијата ѝ ги покажа главните храмови во градот. Градоначалникот на оваа општина, Никола Бакрачески, потсетува дека во Југославија ова бил индустриски град, но дека поголемиот дел од погоните се пропаднати и дека луѓето се свртеле кон туризам. Можеби денес се живее малку подобро, но владее голема несигурност, па затоа луѓето се уверени дека минатото било подобро. Екипата ја посети и старата работилница за правење хартија. Импресивно е да се види колку работи и вештини се потребни за да се изработи еден лист хартија, да се отпечати книга. Ќе можете да го видите и процесот кој е ист како и пред пет векови. Двете охридски семејства, Филеви и Талеви сметаат дека се единствените наследници на тајната изработка на бисери која ја донеле Русите пред 100 години. Тоа е релативно добар бизнис во Охрид, и со него се занимаваат многу луѓе, а купци има во текот на целата година. Екипата на Ал Џезеира помина и во Струга, исто така, на брегот на опеаното и прочуено Охридско Езеро, а на патот од Охрид кон Свети Наум го сними и местото каде „Билјана платно белеше“, како што се кажува во познатата македонска песна на која и се тажело и се веселело во многу екс-југословонески меани. /крај/мф/ап
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Региони
Поради магла и загаден воздух откажани летовите на аеродромот во Сараево
Поради лошите временски услови предизвикани од магла синоќа и утринава откажани се некои летови на меѓународниот аеродром во Сараево.
Од меѓународниот аеродром во Сараево откажани се летовите кои пристигнуваат од Виена, Истанбул и Загреб, а со тоа и појдовните летови од Сараево.
„Останатите летови засега се на распоред и очекуваме наскоро да се подобрат временските услови на меѓународниот аеродром во Сараево“, велат од аеродромот за сараевската телевизија N1.
Македонија
(Видео) Торказ се сретна со Џафери и повика на почитување на меѓународните договори од сите страни
На маргините на лидерскиот состанок за планот за раст, кој се одржува во Котор, Црна Гора, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, имаше билатерална средба со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Франција, Рене Троказ.
„На средбата се разговараше за важноста од продолжување на европскиот пат на Република Северна Македонија во пресрет на формирањето на новата влада. Троказ ја истакна натамошната француска поддршка на европската интеграција на Северна Македонија во ЕУ и повика на почитување на меѓународно преземените договори од сите политички фактори. Премиерот Џафери изрази надеж дека земјата ќе ги заокружи неопходните чекори за продолжување на европската агенда. Во таа насока ја сподели загриженоста од непочитувањето на уставното име од страна на новоизбраната претседателка на државата и повика на почитување на меморандумот потпишан пред изборите од страна на политичките партии во поглед на предусловите за нашето интегрирање во Европската Унија“, соопштија од кабинетот на Џафери.
Џафери и во Котор нагласи дека за него не е приоритет кој ќе ја сочинува новата влада, туку исполнувањето на европската агенда како пат кон иднината, на кој ќе продолжи да работи во кое било својство и функција.
Македонија
Опасен отпад детектиран во близина на скопското село Орман
При редовна обиколка од страна на Државниот инспекторат за животна средина на територијата на Општина Ѓорче Петров, на 10 октомври лоцирано е одлагање на згура од преработка на акумулаторски батерии на во близина на селото Орман. Станува збор за опасен отпад во количина од околу 500 до 600 тони.
„Според затекнатата состојба на теренот, а според Листата на видови на отпад (Сл.Весник на РМ бр.100/2005) се работи за отпад со шифра 10 04 – Отпад од пирометалургија на олово,10 04 01*- троски од примарно и секундарно производство, која според класификацијата спаѓа во класата на опасен отпад“, информираат од Државниот инспекторат.
Сопствениците на катастарската парцела на која се наоѓа отпадот со решение од Државниот инспекторат се задолжени да извршат неговата дислокација во рок од 30 дена од издавање на решението.
Граѓаните на социјалните мрежи бараат одговорност и одговор од каде доаѓа отпадот и кој е виновникот за неговото одложување токму на оваа локација која е во непосредна близина на реката Лепенец и населените места Волково и Орман.