Македонија
(Видео) Мицкоски нуди план за справување со енергетската криза: Двојно поевтина струја и спречување на инфлацијата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со тимот претставници на највисокото раководство на партијата, вклучително и голем дел од градоначалници имаше состанок со раководството на Сојузот на стопански комори на Македонија. Тие разговараа за актуелната состојба во државата и предизвиците со коишто се соочува бизнисот.
„Сите контакти коишто ги имаме на располагање, коишто се последица на нашиот животен пат, успеваме да ги исконтактираме изминатиот период и ги ставаме на располагање на бизнисот, а со цел да помогнеме најмалку 650.000 наши сограѓани коишто работат во приватниот сектор да ги задржат своите работни места имајќи предвид дека големи производствени капацитети своето производство го ставија во мирување и голем број наши сограѓани ги изгубија своите работни места. Меѓу поголемите тука би ги набројал Фени – комбинатот во Кавадарци, Бучим – комбинатот во Радовиш, но и други комбинати коишто значително учествуваат во зголемувањето на бруто-домашниот производ на Македонија.
Ќе повторам, ги ставаме на располагање на бизнис-заедницата, а индиректно и на Владата во овие тешки времиња кога гледаме дека државата полека но сигурно влегува во амбис, сите наши контакти за да обезбедиме ресурси со коишто ќе произведеме електрична енергија, којашто ќе биде најмалку двојно поевтина од таа којашто е на референтната берза – HUPX. И истата да ја користи стопанството, а со цел да спасиме стотици илјади работни места во периодот што следи. А граѓаните коишто се корисници, но и институциите коишто се корисници на централното затоплување во Градот Скопје да не добијат повисоки сметки за парно.
И вториот предлог што исто така јавно сакаме да го соопштиме е предлог-закон со којшто ќе бараме измена на Законот за енергетика, којшто до крајот на оваа недела или на почетокот на следната недела ќе биде доставен во собраниска процедура. Со него ќе побараме сите претпријатија коишто вршат јавна дејност во делот на комуналните услуги, водостопанството, но исто така и објектите во образованието, објектите во јавното здравство да бидат вратени онаму каде што им е местото, на регулиран пазар. Зошто ова го велам? Затоа што доколку овие три групи на субјекти продолжат вака да функционираат тоа ќе значи дека сите оние претпријатија кои вршат јавна дејност, без разлика дали е комунална или водостопанска коишто ќе ги декларираат своите трошоци пред Регулаторната комисија за регулирање на цени за енергија и вода, по сила на правилникот ќе ги зголемат своите цени за најмалку два до три пати, а тој шок ќе го почувствуваат индустријата и граѓаните. Ќе предизвикаат дополнително губење на работни места и дополнително намалување на куповната моќ и стандардот на граѓаните.
Зошто велиме за училиштата, затоа што ние не сме децата да учат онлајн туку да бидат онаму каде што им е местото, во училишните клупи. На тој начин ќе го олесниме животот и на родителите, коишто мака ќе мачат доколку децата повторно учат онлајн наместо во училишни клупи да најдат кој да биде со нив додека го поминуваат времето во домовите.
И конечно третото, да им го олесниме начинот на функционирање на јавните здравствени установи кои тонат во долгови, наместо профитите да завршуваат во компании кои препродаваат електрична енергија, да можат да се ослободат од тој притисок и тие средства да ги искористат за подобрување на здравствените услуги на пациентите и нега на пациентите“, рече Мицкоски.
Тоа се двете пораки кои Мицкоски денеска ги испрати до Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

