Македонија
(Интервју) Дејвид Гир: Дали сте подготвени утре да се приклучите кон ЕУ – очигледно не
За пристапување во ЕУ потребни се институции кои се професионални и се базираат на заслуги а не на партиски интереси, вели во интервју за „Макфакс“ евроамбасадорот Дејвид Гир. Потенцирајќи дека целиот процес за членство во ЕУ е полн со предизвици, Гир порача дека преговорите одат рака под рака со реформите кои се неопходни за земјата.
„Важно е да има закони и спроведување на законите бидејќи тие се бескорисни ако не се спроведуваат. За таа цел треба да имате и соодветни институции коишто се професионални и се базираат на заслуги, а не на партиски интереси“, порачува евроамбасадорот.
Она што е потребно, додава Гир, е цврста решеност на Владата да продолжи со реформите, но исто така потребна е и соработка со сите политички чинители – меѓу власта и опозицијата.
„Дискусиите кои ги слушавме во јуни и јули беа екстремно болни, луѓето беа фрустрирани и разочарани. Секако дека имаше и некои кои го искористија ова прашање за сопствени политички цели, но без сомнение има и такви кои се навистина загрижени. Патот до ЕУ не подразбира губење на идентитетот. Сметам дека оваа земја треба да е уверена дека нејзиниот јазик и идентитет ќе бидат дел од процесот и ќе бидат заштитени. А што се однесува до реформите со нив ја правите земјата посилна и постабилна, просперитетна и подемократска. Сите овие елементи ќе ја направат земјата посилна“, уверува Гир.
Дали ЕУ бега од натпреварот меѓу Русија и Кина околу Западниот Балкан, за неговиот став околу најавите на опозицијата за референдум и предвремени избори, за предизвиците и спасот од енергетската криза, во интервју за „Макфакс“, со евроамбасадорот Дејвид Гир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.