Свет
ОН: Килиманџаро ќе остане без глечери во рок од три децении
Глечерите во светот – вклучувајќи ги и последните во Африка – неизбежно ќе бидат изгубени до 2050 година поради климатските промени, се вели во извештајот на ОН.
Третина од глечерите лоцирани во Светското наследство на ОН ќе се стопат во рок од три децении, се наведува во извештајот на УНЕСКО, пишува Би-би-си.
Ќе исчезнат последните глечери на планината Килиманџаро, како и глечерите на Алпите и националниот парк Јосемит во САД.
Тие ќе се стопат без оглед на активностите на светот во борбата против климатските промени, велат авторите на извештајот.
Проекциите се засноваат на претходен извештај кој користел модели за да пресмета како глечерите на Светското наследство ќе се менуваат со текот на времето.
„Она што е сосема без преседан во историските записи е колку бргу тоа се случува. Во средината на 1900-тите глечерите беа прилично стабилни. Потоа, тука е ова неверојатно брзо повлекување“, вели Беата Като, глациолог од Универзитетот во Бафало, која не беше вклучена во истражувањето.
Во извештајот се наведува дека загубата на мраз на местата на светското наследство може да претставува до 4,5 % од забележаниот пораст на глобалното ниво на морето помеѓу 2000 и 2020 година. Овие глечери губат 58 милијарди тони мраз секоја година – што е еквивалентно на вкупниот годишен волумен на вода што се користат во Франција и Шпанија заедно, се посочува во истражувањето.
„Многу луѓе зависат и од глечерите како извор на вода за домашна употреба и за земјоделство, а нивното губење може да доведе до недостиг на свежа вода во сушните сезони“, рече Данкан Квинси, експерт за глациологија од Универзитетот во Лидс, кој не бил вклучен во истражувањето.
„Тоа доведува до проблеми со безбедноста на храната бидејќи тие ја користеле таа вода за наводнување на своите посеви“, изјави Квинси.
Локалните заедници и домородното население ќе го сносат товарот од поплавите предизвикани од загубата на глечерите, велат авторите на извештајот, повикувајќи на системи за рано предупредување и намалување на ризикот од катастрофи.
Сепак, најочигледното нешто што мораме да го направиме е да го ограничиме глобалното затоплување.
„Овде има порака за надеж. Ако успееме драстично да ги намалиме емисиите, ќе можеме да ги спасиме повеќето од овие глечери. Ова е навистина повик за акција на сите нивоа – не само на политичко ниво туку и на наше ниво како човечки суштества“, рече Карваљо Ресенде.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Белград се урна напуштен двокатен објект
Дел од напуштен двокатен објект се урна попладнево во Белград и според службите за справување во итни случаи, нема повредени.
Шефот на Одделот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјави дека стар напуштен двокатен објект се урнал на улицата „Џорџ Вашингтон“ во Белград околу 13:30 часот и дека е урнато градежно скеле што било наслонето на објектот.
Тој додаде дека според моментално достапните информации, нема повредени, ниту жртви.
При уривањето уништени се четири возила паркирани пред двоспратниот објект.
Во моментот се уште се врши пребарување на теренот каде се урнал објектот.
Опозициски партии упатија критики до градските власти и побараа оставка од градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.

