Македонија
Мицкоски: ЈСП да го поништи тендерот за нафта и да распише нов на кој ќе учествуваат повеќе компании
Што се однесува до Град Скопје, мојот совет и до Ковачевски и до Арсовска е кога ќе се среќаваат тајно наместо да договараат провизии од рабатот кој што треба да го добие Јавното сообраќајно претпријатие да најдат начин да го решат проблемот затоа што секојдневно скопјани се жртви на оваа пинг понг коалиција која што ние ја нарековме коалиција на хаосот. Затоа, следната средба, еве јавно ги замолувам пред македонската јавност, пред скопјани, тајна јавна каква и да е, да договорат, има начин како се договара тоа. Прво, или владата да обезбеди пари преку трансфер или позајмица до Град Скопје и тие да ги исплатат обврските кон приватните превозници или втората е наместо парите да завршуваат кај луѓе кои што се блиски до СДСМ, роднини на Арсовска или луѓе од сметководствениот бизнис, од рабатот за нафта која што ја набавува ЈСП, да завршат во ЈСП за да ги исплати обврските кон приватните превозници, изјави денеска, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој исто така истакна дека доколку Арсовска им мисли добро на скопјани треба да го поништи постоечкиот тендер за набавка на нафта во ЈСП на кој не е понуден рабат и на новиот тендер да се повикаат сите компании кои тргуваат со нафта во Македонија, па наместо парите од рабатот кој треба да го понудат компаниите да завршува во нечиј џеб, да останат кај граѓаните.
„Слушнав некои бледи оправдувања во текот на вчерашниот ден на некој од порталите дека во минатото имало рабат, сега нема била тешка година и така натаму. Еве јас јавно повикувам сите оние кои што се занимаваат со трговија на нафта и нафтени деривати, оние кои што носат мазут и во РЕК Битола и во ТЕЦ Неготино, да се пријават на новиот тендер откако истиот ќе го поништи ЈСП-Скопје. Тоа е начинот. Поништете го тендерот ако овој не сака да дава рабат или пак да не завршува кај вас во џеб, поништете го тендерот, распишете нов и да ги повикаме сите компании во Македонија да учествуваат на новиот тендер и јас ви гарантирам дека ќе учествуваат и ќе има рабат. Многу едноставно треба тоа да биде и може веднаш уште утре да се направи, но некој сака двогодишен договор на 1 милион и 450 илјади литри нафта да заработи повеќе од милион ипол евра. Толкав е рабатот милион ипол евра. Ако вие навистина добро му мислите на градот, прво нема зошто да потпишувате две години, ќе потпишете еве на три месеца и ќе барате компании јавно да се јават на тендерот и да понудат рабат. Еве јас јавно ги повикувам сите компании, ќе го следиме тендерот, ако нормално ЈСП го поништи овој постојниот и објави нов, да нема никакви можности за манипулација и парите да останат за граѓаните, а скопјани да ги спасиме од овие непринципиелни договарања на коалицијата Арсовска-Ковачевски“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

