Македонија
(Видео) Талески: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се спротивстават на обидите на Груевски за рехабилитација на Ванчо Михајлов
Почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и осуден криминалец во бегство, Никола Груевски, го потврди континуитетот со Ванчо Михајлов. Исто како и Христијан Мицкоски, кој јавно кажа дека нема да се огради од Ванчо Михајлов затоа што е дел од континуитетот на оваа партија. Тоа е истата матрица на ВМРО-ДПМНЕ, која се пресликува и овде во законодавниот дом, изјави пратеникот на СДСМ, Миле Талески.
„Додека во ова Собрание проевропските пратеници се лажно напаѓани за бугаризација и асимилација, зад грбот на граѓаните стои длабока врска меѓу ВМРО-ДПМНЕ и нивната сестринска партија ВМРО-БНД. Се отворија контроверзни бугарски клубови за да се подгреат чувствата на граѓаните, да се создаде тензија и да се нарушат односите меѓу двете земји.
![]()
Ете бугаризацијата во оваа држава што ја прави ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО – БНД со заеднички именител, нивниот претседател Ванчо Михајлов. Токму ВМРО-ДПМНЕ во чест на Ванчо Михајлов изгради спомен-куќа во Штип и постави восочна фигура во природна големина во Музејот во Скопје. ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-БНД се лонче и капаче“, рече Талески.
![]()
Затоа, рече тој, ВМРО-ДПМНЕ е против уставните измени, затоа е против европскиот пат на земјата, затоа не гласаа за македонски јазик во ЕУ.
„Скандалозни се обидите на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да го рехабилитира соработникот на фашизмот и крвникот на македонскиот народ, Ванчо Михајлов. Од овде од македонското Собрание, кое донесе закони и декларации за заштита на македонското достоинство, на македонскиот јазик, на посебноста, како и закони за здруженија и кое има обврска да ги штити сите наши граѓани ги повикувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ:
1. Да се спротивстават на обидите за рехабилитација на Ванчо Михајлов и
2. Јавно да се оградат и да ги осудат
Очекуваме реакција од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, не смее да биде партија што е идеолошки поклоник на луѓето што биле извршители на Третиот Рајх“, порача Талески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

