Македонија
Демократскиот сојуз: Со национализам да не се покрива криминалот
Демократскиот сојуз соопшти дека најостро ги осудува изјавите на водствата на Алијанса, Алтернатива и ДУИ, за дестабилизација на Македонија, формирање на заедница на општини со доминантно албанско население, децентрализација (читај федерализација) итн. по примерот на Заедницата на општини на Србите во Косово.
„ Оваа националистичка реторика претставува сериозна закана за меѓуетничките односи, прикривање на криминалот и директно ги загрозува евроинтеграциските перспективи на Македонија. Дестабилизацијата на Македонија ќе значи и дестабилизација на Балканот што е главна стратегија и цел на Русија, како и на националистите во Бугарија.
Компарацијата со Косово е апсолутно неточна и нема никакви сличности. Во 1999 година НАТО интервенцијата беше двонасочна, да се сруши режимот на Милошевиќ и на Косово да се формира нова држава, во рамките на автономната покраина Косово и Метохија, која беше дел од Србија.
Македонија беше главен логистички центар на НАТО, но тоа не им сметаше на УЧК, во 2001 година да отворат војна во Македонија со територијални барања, а покасно, под притисок на САД, да ги трансформираат во барања за човекови права. Тој конфликт ја врати Македонија дваесет години назад и затоа закаснивме и со членство во НАТО и ЕУ“ се вели во рекацијата на ДС.
Демократскиот сојуз апелира на трезвеност и одговорност, почитување на различностите и јакнење на демократските институции, борба против корупцијата, како и внатрешна кохезија и стабилност. Македонија е унитарна држава во која сите етнички заедници ги уживаат сите права и слободи и така ќе остане, потенцираат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

