Регион
Турција ги затвора сите воени школи по неуспешниот пуч
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган најави дека по неуспешниот обид за воен преврат ќе бидат затворени сите институции за образување воен кадар и ќе биде формиран национален универзитет за одбрана.
„Воените школи ќе бидат затворени, во текот на следните неколку дена тоа ќе биде објавено во службениот весник (Resmi Gazete). Тие ќе бидат обединети под покривот на универзитетот за национална одбрана“, изјави претседателот Ердоган во саботата вечерта за телевизијата A Haber.
Ноќта на 15-ти јули, фракција во турските вооружени сили, кои имаат повеќекратна историја на изведување државни удари, во минатото за зачувување на секуларноста на турската Република, се обиде да изврши воен преврат кој до следниот ден утрото беше задушен.
Според последните податоци од турското разузнавање во подготовките за пучот учествувале и околу 600 високи офицери кои се сметаат за блиски на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен кој од 1999 година живее во егзил во САД, а Анкара го обвинува дека формира „паралелни структури“ во државата и стои зад неуспешниот пуч
Во големите чистки кои се одвиваат последните две седмици, најмалку илјада лица се отпуштени или се суспендирани од министерството за одбрана,
Вооружените сили претходно седмицава соопштија дека 8.651 припадника на војската, или околу 1,5 отсто од силите, учествувале во неуспешниот обид за воен удари оти биле користени 35 авиони, од кои 24 борбени, 37 хеликоптери и 246 оклопни возли, вклучително и 74 тенкови. Пучистите, исто така, контролирале три воени брода. Најмалку 7.000 припадници на војската се уапсени, меѓу кои и 160 генерали и адмирали./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и на кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и на кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа кај надлежните органи.
По правило тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка Дирекцијата навремено ги информира сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos
Регион
Во Хрватска во тек е јавна дебата за изградбата на првата нуклеарна централа
Во Хрватска предлог-законот за примена на нуклеарна енергија за цивилни цели, изготвен од работна група, составена од голем број експерти од областа, е пуштен на јавна дебата, што всушност е првиот сериозен правен чекор во долгорочниот и скап процес на изградба на првата нуклеарна централа на хрватска територија.
Во последните месеци, министерот за економија, Анте Шушњар, често се појавуваше во јавноста со идејата дека Хрватска треба да изгради сопствена нуклеарна централа, што во овие нови геополитички околности и трендови на напуштање на фосилните горива, како и во времето на револуцијата на вештачката интелигенција и потребата од огромни количини електрична енергија, би донело стабилност во електроенергетскиот систем на земјата и би влијаело на намалувањето на емисиите на штетни гасови, пренесува „Танјуг“.
Од нацрт-верзијата на предложениот закон е јасно дека Хрватска во иднина во голема мера ќе се потпира на нуклеарна енергија. Планот е една третина од електричната енергија до 2040 година да доаѓа од нуклеарни извори.

