Македонија
АСОМ до пратениците: Реагирајте навреме и отфрлете го деструктивниот предлог-закон за игри на среќа
Асоцијацијата на спортски обложувалчици (АСОМ), заедно со Асоцијацијата на приредувачите на игри на среќа (АПИС), во придружба на дел од вработените во индустријата на игри на среќа, денес пред Собранието на РСМ, каде што на дневен ред на собраниска седница беше ставен предлог-законот за игри на среќа, испрати јасна порака до пратениците: да кажат НЕ на предлог-законот, кој ќе значи ликвидација на легалната индустрија на игри на среќа.
„Тука сме собрани за да испратиме сериозна и јасна порака, дека нема мирно да стоиме и да гледаме како државата го носи најдеструктивниот закон во историјата, кој ќе предизвика затворање на една легална индустрија и ќе им отвори широка врата на сивата економија и криминалот“, истакна Васко Илијевски, претседател на АСОМ.
АСОМ пред Собранието потенцираа дека во повеќе наврати апелирале до јавноста дека предлог-законот целосно го отфрлаат и го сметаат за неевропски, неуставен и монополски. Tие објаснија дека, за нив, апсолутно неприфатливи се предлог-измените, кои предвидуваат дислокација на објектите, забрана за приредување игри на среќа на интернет, зголемување на давачките и надоместоците, како и измените на законот, кои задираат во веќе постојните лиценци бидејќи тие значат колапс за нивната индустрија.
„Заедно сме тука со некои од нашите вработени, кои се загрижени за својата егзистенција и иднина, да испратиме апел до пратениците да кажат НЕ на овој катастрофален предлог-закон, кој ќе значи оставање на улица 10.000 луѓе, кои чесно заработуваат и придонесуваат за општеството. Новите предлог-измени и ќе предизвикаат непоправливи економски штети за целата држава, со тоа што на конец ќе им виси и работата на 54.000 граѓани, кои соработуваат со нашата индустрија“, потенцира Илијевски.
Според АСОМ, алармантно е тоа што државата во време на економска криза прави максимално деструктивен чекор и носи закон што ќе згасне легална индустрија, која во буџетот годишно носи прилив од 280 милиони евра.
„Сметаме дека овој предлог-закон е направен без соодветна анализа, истражување и користење факти и аргументи, со тенденциозно избегнување дебата преку злоупотреба на европското знаменце. Тука сме да кажеме дека од наш интерес е самата индустрија да напредува, а легислативата да се европеизира и дека ова што Владата го прави е спротивно на тоа“, порачаа од АСОМ.
Од Асоцијацијата истакнаа дека доколку целта на носење нов закон за игри на среќа навистина е заштита на младите, треба да се работи на едукација, додавајќи дека се целосно подготвени да помогнат преку финансирање и реализација на проекти и програми за едукација на млади.
„Дополнително, доколку сакаме да ги заштитиме младите од обложување, предлагаме да се зголемат казните за затекнато малолетно лице на уплатно-исплатните места на приредувачите и да се предвидат казни за родители или старатели на малолетниците, кои се затекнати на уплатните места“, рекоа од АСОМ.
Претставниците на АСОМ истакнаа дека тие се луѓе што сакаат да останат на своите работни места, каде што чесно заработуваат за своите семејства, додавајќи дека некои од вработените плаќаат кредити, а други се мајки што ја планираат иднината на своите деца, односно дека сите се луѓе што ќе бидат оставени без приходи во време на инфлација и економска криза.
„Вие пратениците во Собранието сте претставници избрани од народот и треба да работите во интерес на народот, немојте да подлегнете на притисоци, реагирајте навреме и отфрлете го овој предлог-закон, кој ќе предизвика непоправливи штети за целата држава“, порачаа од АСОМ.
Од Асоцијацијата истакнаа дека денешниот собир е симболичен приказ за нивниот став во однос на предлог-законот за игри на среќа и најавија дека доколку нивните апели не се слушнат, подготвени се на масовни протести и сериозна борба со цел да го спречат донесувањето на актуелниот предлог-закон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ по повторените локални избори: Народот ја казни неконструктивноста на СДСМ
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека повторените локални избори во државата завршиле со, како што наведуваат, уште еден дебакл и пораз за таканаречениот „клан Дубаи“.
Според соопштението, со победата на Онер Јакупоски во општина Маврово и Ростуше со повеќе од двојна разлика во гласови, ВМРО-ДПМНЕ освоила вкупно 56 општини, додека СДС останала на, како што се наведува, минимални шест општини.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека овие локални избори ја извадиле на површина „болна вистина“ за опозициската СДСМ предводена од Венко Филипче, наведувајќи дека тој, како лидер на партијата, загубил сè што можело да се загуби и дека СДСМ е сведена на четврта политичка сила на политичката сцена во Македонија.
Во соопштението се наведува дека, според ВМРО-ДПМНЕ, неконструктивниот пристап на опозициската партија бил жестоко осуден и казнет од граѓаните, кои бараат работа и резултати, а не инает и пропаганда за ситни политички поени.
Партијата оценува дека станува збор за пораз на политика која, според нив, со години произведувала криминал, конфликти, национални предавства и деструкција, и ја држела државата во застој.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека СДСМ мора да се соочи со своето коруптивно минато и со криминалците во сопствените редови, наведувајќи дека без такво расчистување партијата нема да има кредибилитет, доверба ниту иднина.
Македонија
Водата се повлекува во повеќе региони, дел од патиштата затворени поради поплави, одрони и снег
Центарот за управување со кризи информира дека по обилните врнежи, состојбата на терен е стабилизирана во дел од регионите, а водата постепено се повлекува од поплавените подрачја. Информацијата се однесува на состојбата до 8 часот.
Во Пелагонискиот регион, во општините Битола, Могила и Новаци, водата се повлекува од површините каде што претходно имало излевање. Нивото на реката Црна кај селото Новаци во 18:00 часот изнесувало 320 сантиметри. Во Демир Хисар, поради оштетување на мостот на Боишка река, затворен е локалниот пат кон селото Мренога. Излевање сè уште има на реката Црна во атарот на селата Жван и Единаковци, каде се поплавени поголеми земјоделски површини. Во Ресен се поплавени земјоделски површини, а во текот на денот интервенирано е со градежна машина за расчистување на коритото на Голема Река.
Во Југозападниот регион, во Охрид, на реката Сушица е изграден заштитен насип со багер, со што е спречено понатамошно излевање, но сè уште има поплавени подрумски простории и дворови. Во струшкото село Мислешево поплавени се дворови и обработливи земјоделски површини, а санацијата е отежната поради неможност за изведување пропуст за истек на водата. Во селото Калишта има поплавени дворови и подруми, при што се преземаат дополнителни мерки за санација. Во Дебар, реката Радика има зголемен водостој, но засега нема опасност од излевање, а патните правци се проодни со појава на помали одрони на делниците Жировница – Дебар и Дебар – Струга.
Во Западниот регион, во Кичево, водостоите на Зајашка река и реката Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е расчистување на поплавените домови и дезинфекција, а евакуираните лица се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
Во Вардарскиот регион, во Кавадарци, интервенирано е со механизација на повеќе ридско-планински патни правци, каде снежната покривка достигнува до 15 сантиметри.
Во Североисточниот регион, патниот правец меѓу селата П’клиште и Герман во општина Ранковце е непрооден поради снежни наноси, а во тек е негово расчистување.
Во Полошкиот регион, на патот Тетово – село Бањиче била падната голема карпа, по што сообраќајот е нормализиран, додека на патот кон Маврово кај каменоломот е евидентиран одрон и се преземаат активности за негово расчистување.
Македонија
ВЛЕН: Албанците зборуваа со еден глас, 10 општини за промени, им честитаме на Лимани и Шабани
„ВЛЕН е апсолутен победник на локалните избори, со 10 освоени општини, силно потврдувајќи ја граѓанската доверба и широката поддршка што Албанците ја дадоа за промените“, велат од ВЛЕН.
„Го поздравуваме официјалното завршување на локалниот изборен процес, кој заврши вчера со повторените избори во Гостивар и Врапчиште. Во оваа пригода, им честитаме на кандидатите на опозицијата, Валбон Лимани и Исен Шабани, за нивната победа.
Овие избори јасно докажаа дека Албанците зборуваа со ЕДЕН ГЛАС. Десетте освоени општини се неоспорен доказ дека ВЛЕН е политичката локомотива на Албанците, силата што води, обединува и носи долгоочекувана промена на локално ниво.
ВЛЕН ќе продолжи да работи одговорно, за граѓаните и во интерес на Албанците насекаде, трансформирајќи ја оваа доверба во конкретна работа и вистински развој“, се додава во соопштението на ВЛЕН.

