Македонија
Јовески со шефот на Мисијата на ОБСЕ: Силно веруваме дека независните јавни обвинители се клучни за системот на правда

Досегашната и идната соработка во насока на подобрување на состојбите и зајакнување на капацитетите на Јавното обвинителство беше во фокусот на средбата меѓу јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал.
Јовески го запозна Вал со состојбите во Јавното обвинителството и со активностите што се преземаат во насока на јакнење на довербата и транспарентноста.
„Ние силно веруваме дека независни јавни обвинители, кои се придржуваат кон принципите на ефикасност, еднаквост на оружјата и непристрасност при кривичниот прогон, се клучни за функционирањето на системот на правда“, истакна Вал.
Како одлична беше оценета досегашната соработка, особено во мониторингот на Мисијата на ОБСЕ во судските предмети поврзани со корупција. „Меѓутоа, корупцијата не се сузбива само со репресивни мерки, потребно е и превентивно да се дејствува“, нагласи Јовески.
Притоа двајцата соговорници се согласија Јавното обвинителство и Мисијата на ОБСЕ во Скопје да ги продолжат меѓусебните консултации, чија цел е да се изнајдат нови модели за соработка и за зајакнување на јавнообвинителскиот систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Македонија и Унгарија ќе потпишат договор за стратешка соработка

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре ќе биде домаќин на министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, кој ќе престојува во работна посета на земјава.
„ Во фокусот на разговорите ќе бидат можностите за унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји, кои изминатиот период остварија интензивна и плодна соработка, како и тридецениското пријателство и континуираниот пораст на трговската размена“, соопшти МНР.
Од таму додаваат дека во рамките на посетата, се очекува потпишување на: договор за стратешка соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Унгарија и Меморандум за разбирање меѓу Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија за соработка во рамките на Програмата Stipendium Hungaricum за периодот 2026–2028.
Македонија
(Видео) Кузеска: Расипничка власт, 3 милиони евра за мобилни телефони додека народот нема за леб

Уште една епизода на расипништво, аздисано трошење на парите на народот и целосна одлепеност на власта за реалните потреби на граѓаните, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Само во првите пет месеци од оваа година, според неа само дел од институциите под капата на власта склучиле договори за мобилна телефонија и интернет во вредност од 2,9 милиони евра.
„3 милиони евра, пари на граѓаните. Ако се додадат на ова и сумите од сите министерства, МВР агенции, и така натаму бројката е огромна. Во време кога народот нема за леб, инфлацијата расте и го јаде животниот стандард, во време кога луѓето пресметуваат дали да купат лекови или храна,
Кога болниците немаат основни средства, пациентите носат завои од дома, нема лекови.
Кога родителите во Кочани сами ги лекуваат децата повредени во трагедијата!
Додека народот во Македонија страда, власта троши милиони евра за телефони“.
Прашува, колку им е доволно на министрите да се најадат, да се напијат, да зборуваат на телефон, на сметка на граѓаните.
Додава дека оваа власт не знае за граници.
„Па за тоа ли ги задолжија граѓаните со 7 милијарди евра? За ова ли да плаќа нашиот народ?
Секој ден гледаме како ВМРО-ДПМНЕ ја користи власта не за да им служи на граѓаните, туку за да им се изживува. Народот крпи крај со крај, а функционерите на Мицкоски се луксузираат, па сега уште и со службени телефони“.
СДСМ, како што рече, бара власта веднаш да се откаже од оваа аздисаност и веднаш да ги намали драстично парите за луксуз на функционерите. Парите, нагласи таа, треба да се пренаменат за оние на кои им се најпотребни.
„Не може да нема пари за плати на народот, за болници, градинки, за загинатите и повредените од Кочани а функционерите да трошат 3 милиони евра за телефони“.
Македонија
Доделени 56 стипендии на најуспешните ученици во Општина Бутел

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, денеска додели 56 стипендии на најуспешните ученици од општинските основни училишта.
Локалната самоуправа четврта година по ред доделува стипендии на талентираните ученици.
Денес беа доделени стипендии на 11 првенци на генерација на три наставни јазици (македонски, албански и турски) во износ од 12.000 денари. Исто така, беа доделени стипендии на ученици од 5, 6, 7 и 8 одделение на три наставни јазици (македонски, албански и турски) во износ од 6.000 денари.
„Општина Бутел инвестира во образованието како никогаш досега. Образованието е еден од важните фактори кои ја формираат личноста и кој има огромно влијае врз понатамошниот развој на секое дете, обезбедувајќи сигурна иднина на новите генерации. Доделувањето на стипендиите е уште еден чекор за поддршка на учениците и најголема потврда за нивната посветеност, труд и напорна работа во текот на целата година“, соопштија од Општината.