Култура
Лола Астанова со концерт во Македонската филхармонија
Светски познатата пијанистка Лола Астанова на 2 јуни ќе настапи во Македонската филхармонија. Единствена по својот музички израз, позната по иновативната аудиовизуелна изведба на пијано, екстремниот број следбеници на социјалните мрежи, но и голем број обожаватели во светот, Лола на Скопје ќе му приреди ексклузивен и интимен концерт, вели организаторот.
Домашната публика ќе има уникатна можност да ужива во еден фасцинантен и емоционален концерт на атрактивната пијанистка, која со нејзиниот талент успеа да го сврти вниманието на великаните, како Андреа Бочели, Џон Корбет, музичкиот продуцент Дејвид Фостер, легендарниот пијанист Бајрон Џенис, „2 челос“, па дури и поранешниот американски претседател, Доналд Трамп.
Покрај тоа што Лола е вистински виртуоз на пијано, таа особено плени со својот атрактивен изглед. Астанова, која сега важи за една од најбараните пијанистки во светот, го почна своето музичко патување на осумгодишна возраст. До денес, како што велат критичарите, таа има постигнато врвна техника на пијано во комбинација со длабока музичка сензуалност и уникатно чувство за мода.
Со оригиналните концерти и соработката со најдобрите оркестри и музичари, Лола Астанова ги освои срцата на љубителите на пијано во целиот свет. Ретко кој може да остане имун на нејзината желба да секој нејзин настап биде, како што вели и таа самата „една посебна, елегантна и страсна љубовна врска со клавирот“.
Позната е по блескавите интерпретации на композициите на Шопен, Лист и Рахманинов и виртуозните композиции на пијано на хитовите, како што се Don’t Stop the Music од Ријана, We are the Champions na Quinn и Moonlight Sonata од Бетовен, којa ја изведува заедно со Стјепан Хаусер од „2 челос“.
Лола важи за уметник што има многу возбудлива кариера, со дефиниција на современ виртуоз, а нејзиниот феноменален концерт во Teatro del Silenzio заедно со италијанскиот тенор Андреа Бочели во срцето на Тоскана во 2017 година, кој собра под отворено небо повеќе од 12.000 гледачи од целиот свет, е опишан како еден од ремек-делата на класичната музичка сцена. Во последните години Астанова свири со филхармониите на Јаhја Ling – музички директор и диригент на симфониски оркестар во Сан Диего, камерниот оркестар на Свети Лука во центарот за изведувачки уметности „Линколн“ во Њујорк, Кливландскиот оркестар, а соработувала со диригенти, како Eduardo Marturet, Ramon Tebar, Gerard Schwarz. Изведбата Rhapsody in Blue на Gershwin со Gerard Schwarz и учеството на Лола беше вклучено во посебно телевизиско шоу, All Star Orchestra во Њујорк, каде што заслужено доби награда „Еми“ за 2016 година.
Чувството на драма во нејзиниот изглед и емоцијата во свирењето ја прават уникатна. Во 2012 година беше прогласена за една од топ 10-те стилски икони во класичната музика.
Картите за овој концерт ќе бидат пуштени во продажба од 22.3.2023.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

