Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Скандалите со надзорот на коридорите продолжуваат, 4 лица добиле 900 илјади евра за еден месец за изготвување договор
„Не престануваат скандалите поврзани со надзорот за изградбата на коридорите 8 и 10 д што го ангажира криминалната власт на Ковачевски и Груби. Оваа банда на власт ангажирала четири лица за изготвување договор со фирмата изведувач за неверојатни 900 илјади евра за еден месец“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во услови кога не е прецизирана вредноста на вкупниот проект, кога нема целосна проектна документација за него, овие лица ангажирани од Губи и Ковачевски ги платиле речиси еден милион евра. Владата на најсиромашната земја во Европа се расфрла со народните пари за месечни хонорари кои се незамисливи за кој било во Македонија. Дополнително, клучната компанија во конзорциумот што ќе го врши надзорот, компанијата ‘Електра солушн’, која до неодамна се занимавала со шиење гаќи, ќе добие најголем дел од средствата предвидени за надзорот. Патем, да биде уште посомнително, надзорот во овој случај ќе добие неколкукратно повеќе од сумите што се наплаќани за надзор на други проекти. Пример, надзорен инженер за автопатот Скопје – Блаце е буџетиран на 2.900 евра месечно, а за надзорот на коридорите 8 и 10 д за истата позиција се предвидени седумпати повеќе, односно 20.000 евра месечно. Услугата за еден геометар на надзорот на автопатот Скопје – Блаце чини 1.300 евра месечно, а за надзорот на коридорите 8 и 10 д е 5.600 евра месечно. Надзорен инженер за животна средина за надзор на автопатот Кичево – Охрид е тарифиран 5.450 евра месечно, а за коридорите 8 и 10 д – 9.000 евра“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму се прашуваат како е возможно месечните надоместоци да бидат и до седумпати повисоки.
„Да вршеа надзор на изградба на вселенска станица, немаше толку да бидат платени“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ бега од темата Груби и од борбата против корупцијата, рече Петрушевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција оцени дека Социјалдемократскиот сојуз, како што рече, бега од темата Груби, и наместо да го поздрави справувањето со криминалот, нуди приказни за театар и циркус.
„Времето покажува дека на СДС – безрбетна најдобро ѝ оди кога нешто треба да се продава, распродава и да се мести. И тоа е така без разлика дали тоа е местење на тендери или продавање на државата“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека партијата наместо да поздрави, како што наведе, „чин на справување со незаконити дејствија, криминал, фаќање на лица кои бегаат или бегале од правдата“, се занимава со други теми.
„Очигледно е зошто го прават тоа, веројатно затоа што во конкретниот случај со Артан Груби не можат ни да се сетат во што се биле заедно вмешани, во какви зделки, коруптивни активности или криминал. Поточно во што се шурувале“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека актуелното раководство на СДСМ, меѓу кои ги спомена Венко Филипче, Оливер Спасовски, Јованка Тренчевска и Јон Фрчкоски, „кажуваат секојдневно некакви приказни“, но дека суштината, според него, е борбата против корупцијата.
„Професионална, координирана активност на надлежните служби за да се фати бегалец од правдата покажува на дело дека сега борбата со корупцијата и криминалот е решителна“, изјави Петрушевски.
Тој нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ клучна е борбата со корупцијата и криминалот и, како што рече, „поставувањето на здрави темели на начелото на владеење на правото“.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.

