Црна хроника
Радески бара повторно судење

Охриѓанецот Лазе Радески, кој издржува казна доживотен затвор за убиство на тројца дилери на девизи, преку својот правен застапник побарал од Врховниот суд да се одржи ново судење на кое ќе докажел дека не е сериски убиец
Во исказот изнесен пред Врховниот суд минатата недела Радески негирал дека е сериски убиец и тврдел дека признанието врз основа на кое е осуден го дал под присила. Исто така тој тврдел дека не го извршил убиството на двајца од тројцата дилери на девизи. Според обвинението, Радески во 2006 година ги убил Раим Ракип, наредната година го лишил од живот Спиро Ставревски, а во 2008 година го убил и Трајче Цоцески, сите тројца дилери на девизи. Трите убиства биле извршени на сличен начин со употреба на тврд предмет од зад грб.Радески слично како и во текот на судскиот процес кој се водеше во Основниот суд во Охрид, го признал само убиството над Цоцески за кое тврди дека го извршил во самоодбрана. Лазе Радески е прв македонски граѓанин кој е осуден за сериско убиство. Чеканот со кој според судот биле убиени тројцата дилери на девизи од Охрид ќе биде изложен во Криминалистичкиот музеј на Македонија за да сведочи за првиот сериски убиец во државава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Жена од Илинден пријавила дека такси возач ја вознемирувал и ја допирал по телото

Вчера во Полициското одделение Петровец, 37-годишна жена од населено место во општина Илинден пријавила дека на 15 септември, 30 минути по полноќ, такси возач наместо да ја однесе до нејзиниот дом, почнал да ја допира по телото.
Откако му се спротивставила, возачот престанал и ја однел до нејзиниот дом.
Жената го пријавила инцидентот и во такси-компанијата каде што возачот бил вработен, по што тој бил отпуштен од работа.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Сведок почина во граѓанскиот суд во Скопје

Вчера во полицијата било пријавено дека во Основниот граѓански суд Скопје починал З.Д., кој бил сведок на судење.
Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција, соопшти МВР во дневниот полициски билтен.
Црна хроника
Пациент во Тетово нападнал лекар и полицаец во болница

Полицијата од Тетово вчера попладне го приведе М.М. (28) од селото Челопек, по пријава дека во Клиничката болница во Тетово агресивно се однесувал кон медицинскиот персонал и физички го нападнал Л.А. (31) од село Желино, лекар кој се обидувал да му укаже лекарска помош.
Според МВР, по пристигнувањето на полицијата, осомничениот продолжил со агресивното однесување и нападнал и еден од полициските службеници.
М.М. е задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.