Европа
Путин, Меркел и Оланд согласни за специјалниот статус на Донбас
Рускиот претседател Владимир Путин, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд во текот на телефонскиот разговор го истакнаа значењето на законодавното утврдување на специјалниот статус во рамите на Украина на одметнатиот роскојазичен југоисточен украински регион Донбас, соопшти во вторникот Кремљ.
„Беше нагласена важноста на утврдувањето на законската рамка на постојаниот посебен статус на Донбас, спроведување на уставните реформи и амнестијата, како и организирањето на локалните избори“, се наведува во соопштението на службата за информирање на администрацијата на русиот претседател.
Засега Париз и Берлин не излегоа со своите официјални соопштенија, но се очекува тоа да го сторат подоцна во вторникот.
„Сите овие прашања треба да се договорат во согласност со Контактната група, во чиишто рамки Киев има можноста да води директен дијалог со Донецк и Луганск“ одметнатите рускојазични региони на истокот од Украина, истакнуваат од администрацијата на Путин информирајќи натаму за содржината на неговиот телефонски разговор со Меркел и Оланд, пренесува агенцијата ТАСС.
Покрај тоа, како што издвојува Кремљ во соопштението објавено на својата официјална интернет страница, во текот на телефонскиот разговор Путин, Меркел и Оланд изразиле загриженоста во врска со нестабилноста на линијата на раздвојувањето на завојуваните страни во Донбас, и нарушувањето на договореното примирје.
„Истакната беше неопходноста од строгото почитување на прекинот на огнот и повлекувањето на тешкото вооружување под надзор на специјалната набљудувачка мисија на ОБСЕ, како и преземање мерки за натамошно деескалирање на ситуацијата, вклучително и повлекување на силите и воспоставување демилитаризирани зони“, наведува Кремљ.
Тројцата челници, покрај тоа, договориле и средба на која главна тема ќе биде состојбата во Украина на маргините од скорешниот самит на групата земји од Г20 во Пекинг на 4-ти и 5-ти септември.
Путин, исто така, го свртил вниманието на западните партнери, информираат уште од Кремљ, на „грубата провокација“ од страна на украинските власти од почетокот на август, кога Москва објави дека се убиени двајца припадници на нејзините безбедносни служби при разбивањето на диверзантска група, како што тврди Москва, на украинските разузнавачки служби, уфрлена на црноморскиот полуостров Крим кој со референдум на тамошното население во март 2014 година се одлучи да се присоедини на Руската Федерација, што за нелегален чин го сметаат Киев и Западот.
„Наклонетоста на Киев на насилни дејствија од ваков вид му нанесува големи штети на мировниот процес од Минск и на соработката во Нормандискиот формат“ – Украина, Русија, Франција и Германија, им порачал Путин на соговорниците, според Кремљ./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Трагедија во Турција: куп снег падна од покрив и усмрти 21-годишна девојка, несреќата снимена од безбедносни камери
Невидена трагедија се случи во турскиот град Битлис, кога куп снег падна од покрив и уби девојка.
Трагедијата се случи во вторник, 6 јануари, кога снег од покривот падна врз 21-годишната Ајше Идер додека одеше по тротоарот, објавија турските медиуми.
Ајше Идер беше тешко повредена во инцидентот, а снегот се натрупа врз неа двапати, соборувајќи ја на земја. Минувачите веднаш истрчаа да ѝ помогнат, дури и ризикувајќи го сопствениот живот кога снегот падна на земја по трет пат.
📹Bitlis'in Tatvan ilçesinde çatıdan düşen kar ve buz kütlesinin altında kalan 21 yaşındaki Ayşe İder hayatını kaybetti https://t.co/Bcs5z4BaDF pic.twitter.com/4rqQ9yeEvi
— Habertürk (@Haberturk) January 6, 2026
Младата девојка, на која ѝ беше укажана прва помош од медицински екипи испратени на местото на настанот, а потоа однесена во државната болница Татван, не можеше да се спаси. И покрај сите напори им подлегна на повредите.
Инцидентот, кој беше снимен и од безбедносните камери, и смртта на младата девојка, која се подготвуваше за приемен испит на универзитет, предизвикаа голема тага во округот Татван. Телото на Ајше Идер, кое беше преземено од болницата наутро, беше погребано на гробиштата Кучукшу.
Европа
(Видео) Силна бура ги погоди Франција и Велика Британија, објавени се снимки
Силни ветрови ги погодија Франција и Велика Британија денеска, додека бурата Горети ја зафати северна Европа, оставајќи стотици илјади домови без струја. Во Франција, околу 380.000 домови останаа без струја, главно во регионите Нормандија и Бретања, соопшти снабдувачот со електрична енергија Енедис.
Налети на ветер од над 150 км/ч беа регистрирани преку ноќ во северозападниот француски регион Манш, со рекордни 213 км/ч во Барфлер, а железничкиот оператор SNCF ги прекина железничките услуги помеѓу Париз и регионот Нормандија.
Во Велика Британија, 57.000 домови останаа без струја, според National Grid, откако бурата Горети донесе повеќе снег во земјата по една недела студено време. Се очекува стотици училишта да бидат затворени низ Шкотска и делови од централна Англија, кои беа особено погодени од бурата Горети.
Железничките оператори во тој дел од Англија ги предупредија патниците да не патуваат, а некои услуги се прекинати.
Европа
Русите: Испукавме „Орешник“, тоа е одмазда за нападот врз резиденцијата на Путин
Руското Министерство за одбрана го издаде своето прво официјално соопштение по големиот напад со беспилотни летала и ракети врз Украина во текот на ноќта. Во соопштението се вели дека Русија извршила, како што наведува, „високопрецизен удар со долг дострел“ користејќи ја ракетата со среден дострел „Орешник“.
Во соопштението се тврди дека нападот бил одговор на она што Русија го опиша како „терористички напад од страна на режимот во Киев“ врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин во регионот Новгород, за кој Русија тврди дека се случил ноќта на 29 декември 2025 година.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили испукале оружје со долг дострел и висока прецизност од копно и море во текот на ноќта, вклучувајќи го и мобилниот копнено-базиран ракетен систем Орешник, како и дека извеле напади со беспилотни летала врз, како што наведуваат, клучни објекти во Украина.
Украина сè уште не потврдила дека нападот врз западниот град Лавов бил извршен со „Орешник“, но украинската војска потврдила дека ракетата летала со брзина од 13.000 км/ч.

