Европа
Германија, Италија и Франција велат дека ЕУ мора да оди натаму по Brexit
Германската канцеларка Ангела Меркел, италијанскиот премиер Матео Ренци и францускиот претседател Франсоа Оланд, ја повикаа во понеделникот Европската унија на вонредниот самит на 16-ти септември во Братислава да пронајде нов залет по одлуката на Велика Британија да ја напушти Унијата, како и да им го сврти грбот на популистите кои го обвинуваат Брисел за сите проблеми.
Говорејќи на носачот на авиони „Гарибалди“, крај италијанскиот остров Вентотене, Меркел, Ренци и Оланд повикаа на поблиска соработка во сферата на безбедноста и подобрите можности за младите во Европската унија.
На состанокот полн со симболика, како што оценува AFP, тројцата челници го посетија Вентотене за да положат венец на гробот на Алтиеро Спинели, италијански интелектуалец кој заговараше федерална Европа. Потоа се качија на „Гарибалди“, носач на авиони кој учествува во мисијата на ЕУ во борбата против трговијата со луѓе.
Меркел со средбата со Ренци и Оланд во Италија ја започна серијата состаноци со државниците од земјите на Европската унија во чиишто рамки во сабота во Месеберг крај Берлин треба да се сретне со техничкиот претседател на хрватската влада Тихомир Орешковиќ, а потоа ќе патува во четири земји, а ќе биде домаќин на државници од уште шест земји.
„Оваа работна седмица на кацеларката Ангела Меркел е во знакот на разговорите за Европската унија“, изјави портпаролот на германската сојузна влада Штефан Зајберт, пренесе агенцијата DPA. Цел на разговорите е подготовка за неофицијалниот самит на Европската унија кој на 16-ти септември треба да се одржи во Братислава.
На заедничката прес конференција со Ренци и Оланд, Меркел рече дека ЕУ треба да стори повеќе за да ја гарантира и внатрешната и надворешната безбедност соочена со опасноста од тероризмот. „Чувствуваме дека сме соочени со исламскиот тероризам, соочени со граѓанската војна во Сирија, дека мораме да сториме повеќе за нашата внатрешна и надворешна безбедност“, рече германската канцеларка.
Ренци кажа дека многу популисти „Европа ја сметаат за одговорна за сé што тргна наопаку. Имиграцијата – виновна е Европа, економијата е лоша – виновна е Европа. Но тоа не е така“. Италијанскиот премиер нагласи дека и покрај излегувањето на Велика Британија со Европа (ЕУ – з.р.) „не е готово“. Ренци додадеа дека „многумина мислеа дека по Брекзитот со Европа ќе биде завршено. Тоа не е така“.
Меркел се надоврза и рече дека и таа и нејзините колеги „ја почитуваат одлуката на Велика Британија“, но дека, исто така, сакаат и „сигурна и просперитетна Европа“.
Меѓутоа, како Европската унија, за којашто челниците на водечките земји го користат сé почесто само поимот Европа, да се направи просперитетна, ги подели сега трите водечки земји на Унијата. Италија и Франција, кои имаат лево центристички влади, сакаат поголема флексибилност за која сметаат дека може да му помогне на економскиот раст, додека Германија во чијашто ткн „голема влада“ главниот збор го водат конзервативците, смета дека буџетските правила на ЕУ мора строго да се почитуваат.
Оланд нагласи дека е потребно ЕУ да се заштити од насилството со јакнење на границите и со размена на разузнавачки податоци. „За да имаме безбедност, мораме да имаме граници кои можат да се контролираат, затоа да работиме на јакнењето на заштитата на границите. Сакаме и поголема координација во борбата против тероризмот“, рече Оланд според кого најголемиот ризик за ЕУ е фрагментацијата, егоизмот и поделбите./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
16-годишно момче избодено во училиште во Германија
16-годишно момче е тешко повредено кога утрово околу 8 часот било избодено од тинејџер (17) во училиште во Нојкирхен-Влуин.
На нападот наводно му претходела вербална расправија.
Постариот ученик наеднаш извадил нож и го ранил 16-годишникот во горниот дел од телото.
Момчето итно било пренесено во болница, а лекарите велат дека неговата состојба е стабилна.
По прободувањето напаѓачот побегнал од училиштето, но полицијата брзо го лоцирала и го уапсила.
Според инспекторот, немало опасност по безбедноста на другите деца во училиштето.
Европа
Во Англија извикал „Алах Акбар“ и убил случаен минувач: „Го направив тоа за луѓето од Газа“
45-годишниот Ахмед Алид вчера беше прогласен за виновен за убиство и обид за убиство. На 15 октомври минатата година, барател на азил од Мароко со нож го уби 70-годишниот Теренс Карни во центарот на англискиот град Хартлпул. Тој претходно го избодел со нож својот заспан цимер Џавед Нури додека викал „Алах Акбар“.
Алид и рекол на полицијата дека сето тоа го направил „за луѓето од Газа“. Само осум дена пред да убие случаен минувач и да го рани својот цимер, милитантите на Хамас го нападнаа Израел. Алид се заколнал дека ќе убиел повеќе луѓе доколку имал митралез и друго оружје, изјави обвинителот Џонатан Сендифорд во Судот во Тесајд.
Алид делел куќа со други баратели на азил во североисточна Англија. Тој бил вознемирен што Нури го прифатил христијанството. Цимерите рекле дека Алид почнал да носи нож откако на телевизија видел прилог за настаните во Газа.
Европа
Крим главна цел: Пентагон откри за што Украина ќе ги користи моќните ракети АТАКМС
Министерството за одбрана на САД ја појасни целта за испорака на ракети со долг дострел во Украина, кои неодамна беа испорачани во тајност. Како што објави „Њујорк тајмс“, целта на испораката на американските ракети АТАКМС е да се зголеми притисокот врз Крим, кој беше анектиран од Русија по референдумот во 2014 година.
Крим го претставува центарот во кој се лоцирани голем број руски воздушни и копнени сили и кој досега, како што пишува американскиот дневен весник, „за нив бил релативно безбедно засолниште“. Ова го тврди анонимен американски функционер. Сепак, Пентагон одби да каже колку точно од овие проектили со дострел од 300 километри се испорачани на украинската страна.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, претходно ја потврди испораката на овие ракети без да прецизира дали тие се модифицирани и имаат зголемен дострел.
Украинските сили веќе употребија АТАКМС, што претседателот Володимир Зеленски го потврди на 17 април, објавувајќи дека бил извршен напад врз воздухопловната база Џанкој, која се наоѓа на 165 километри од линијата на фронтот. Министерството за одбрана на Руската Федерација не ги коментираше овие наводи.
Pentagon reveals Ukraine’s targets for ATACMS missiles – NYT — (the usual baffling lack of retaliation threats from #Putin– instead just the usual bleating that ‘it’s impossible to justify’..Bring Stalin back to life please, Russia) https://t.co/8pi0Lx8tbt #CapeTown #SouthAfrica pic.twitter.com/ZtI5cG3r2m
— Peter Mayson (@theforeverman) April 26, 2024
Американскиот дневен весник потсетува дека Украина првпат добила ракети АТАКМС во септември минатата година, но дека станува збор за верзија со половина дострел. Се шпекулираше дека Украина можеби користела американски ракети за да го урне кримскиот мост, што на почетокот на месецов го потврди и самиот претседател Зеленски, велејќи дека неговата влада „навистина сака да го уништи мостот на Крим“.
Тој е симбол на руската окупација и преку овој мост Русија испорачува воена опрема и ги снабдува војниците во Украина. Во неколку наврати досега мостот беше цел на украински напади.
– Мислам дека е вистинското време, а шефот (Бајден) донесе одлука дека е вистинско време да и го обезбеди на Украина оружјето неопходно за тековната борба. Тоа е добро осмислена и многу конструктивна одлука – изјави адмирал Кристофер Грејди, заменик командант на Здружениот генералштаб на американската армија.
Руската страна го осуди потегот на САД, а рускиот амбасадор во Вашингтон Анатолиј Антонов рече дека тоа „ја зголемува заканата за безбедноста на Крим, вклучително и Севастопол и другите руски градови“.