Топ
74-годишник искористил три деца за да ограбат хендикепирана жена
74-годишно лице искористило три деца за да ивршат кражба на хендикепирана жена, соопшти полицијата.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување постапка против едно лице на возраст од 74 години за кое постои основано сомнение дека сторил кривично дело разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот делото го сторил во соизвршителство со три деца на возраст од 15, 13 и 17 години за кои ќе се води постапка во согласност со Законот за правда на децата.
Сите заедно со употреба на сила врз една оштетена одзеле од неа парични средства во износ од 30.000 денари.
Кога осомничениот добил сознанија дека жртвата – лице со хендикеп и ограничено движење добила парични средства од ќерка ѝ за да купи лекови, тој ги договорил трите деца и со автомобилот ги донел во близина на нејзината куќа на улицата Патрис Лумуба во Скопје.
На едно од децата му дал чекан во раката, им дал усни насоки како да го извршат делото и им го кажал местото на кое жртвата ги чува парите. Трите деца влегле во домот преку вратата, која возрасниот осомничен претходно ја оставил отклучена употребувајќи го клучот што оштетената му го доверила. Кога ја пресретнале жртвата, едно од децата ѝ ја затворило устата, а другите две ѝ ги држеле рацете. Ѝ го одзеле паричникот во која ги чувала парите и веднаш избегале со возилото во кое ги чекал осомничениот.
Поради можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците и опасност осомничениот да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител достави предлог за определување мерка притвор за полнолетниот осомничен.
За децата постапката е раздвоена, соопшти полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права
Владата на денешната 141 седница беше информирана за текот на постапката за номинирање кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права.
Во таа насока, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презентираше Информацијата за реализираните активности, согласно известувањето доставено од Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, со кое се информира за предлогот на Комисијата за избор на тројца кандидати: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски.
„По разгледувањето, Владата ја усвои Информацијата, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и техничките активности во постапката, ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа, во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати“; соопштија од Владата.
По добивањето на мислењето од Меѓународниот советодавен панел, Комисијата ќе ја достави листата со тројца кандидати до Владата, по што конечната листа ќе биде проследена до Парламентарното собрание на Советот на Европа.
фото/Depositphotos
Македонија
Утрешното судење за пожарот во „Пулс“ е одложено за 26 јануари
Судењето за пожарот во „Пулс“ што требаше да се одржи утре е одложено за 26 јануари, соопшти Кривичниот суд. Расправата за пожарот во Кочани се одлага по барање на една од адвокатките која е избрана за нов член на Судскиот совет.
„Главната расправа за предметот со К.бр. 1872/25 поврзана со пожарот во Дискотеката ‘Пулс’ во Кочани, насрочена за утре 14.01.2026 – та година, се одлага по барање на бранителот на еден од обвинетите, адвокат Сузана Јошевска Анастасовска“, соопшти Судот.
Барањето е од причина што во текот на вчерашниот ден, Јошевска Анастасовска е избрана за член на Судскиот совет на РСМ, па заради исполнување на правото за ангажирање нов бранител и негово запознавање со предметот, утрешната расправа се отповикува, а судењето продолжува на следниот, претходно утврден термин, на 26.01.2026 година во 09:30 часот во судницата во КПУ Идризово.
Од Судот информираат дека заради економичност во постапувањето, странките се веќе известени за отповиканата расправа.
Македонија
Бугарски државјанин протеран од земјава, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина
Полицијата уапси бугарски државјанин на Граничен премин Деве Баир, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Според информациите на МВР, вчера во 13:30 часот на Граничен премин Деве Баир, на влез во државата, полициски службеници го приведоа Н.И.Л.(47) од Република Бугарија затоа што при гранични проверки и извршен преглед во содејство со царински службеници на патничко возило „хонда џез“ со бугарски национални ознаки, со кое допатувал, биле пронајдени и одземени метален боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Од Основен суд Крива Паланка му била изречена парична глоба и санкција „протерување на странец од земјата“ во траење од една година.
На 13.01.2026 во 02:10 часот Н.И.Л. е спроведен во Граничниот премин Деве Баир и е предаден на бугарските погранични полициски служби.

