Топ
Тетовец насилно однел малолетник во полиција, тврдел дека го нападнал син му

44-годишен тетовец бил уапсен откако бил осомничен дека со своето возило насилно донел малолетник во полиција.
Имено, вчера, во 18.15 часот, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 44-годишниот тетовец Г. П. поради сомнение дека од улицата Борис Кидрич во Тетово со своето возило донел малолетник во Полициската станица Тетово против негова волја.
Подоцна, во 21.15 часот, Г. П. пријавил дека околу 17.35 часот малолетникот физички го нападнал неговиот малолетен син, кој бил со друго малолетно лице, и им ги оштетил телефоните.
Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот, соопшти полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Револт во Германија поради новите правила за работниците од Западен Балкан, меѓу кои и македонските

Идната Демохристијанско-социјалдемократската влада планира да инвестира 500 милијарди евра во наредните години во реконструкција на дотраената инфраструктура: железници, патишта и мостови. Во исто време, има намера да се фокусира на уште еден итен проблем, а тоа е недостатокот на станови во Германија, пишува Дојче веле.
Но, за тие планови, покрај пари, ќе бидат потребни и многу работници, квалификувани и неквалификувани. Токму во овој сектор Правилото за Западен Балкан, воведено во 2016 година, ги покрива потребите на германскиот пазар на труд во последните години бидејќи, за разлика од другите програми за имиграција на работна сила, Правилото за Западен Балкан не ја условува квалификацијата, туку само договорот за вработување на германскиот работодавач. Ова и овозможи на градежната индустрија особено да вработува неквалификувани работници кои исто така се дефицитарни на германскиот пазар на труд.
Погрешна и штетна одлука
Минатата година, социјалдемократско-зелено-либералната влада, во екот на имиграциската либерализација, ја зголеми годишната квота како дел од правилото за Западен Балкан од 25 на 50 илјади работни дозволи годишно. Но, во својот коалициски договор, идната влада минатата недела повторно ја намали таа квота на 25.000 годишно.
Сега многу работодавци се прашуваат која е причината за ова намалување.
„Правилото за Западен Балкан се покажа како испробан инструмент за регрутирање работна сила без прекумерна бирократија, што инаку е реткост во секторот за миграција“, изјави за „Штутгартер цајтунг“ заменик-директорот на Германската индустриска и трговска комора, Ахим Деркс. Затоа одлуката на идната влада повторно да ја преполови квотата за Западен Балкан, според него, оди во погрешна насока.
Тим-Оливер Милер, директор на Централната асоцијација на германската градежна индустрија, дели слично мислење. Тој за „Штутгартер цајтунг“ изјави и дека намалувањето на годишната квота особено влијае на градежната индустрија.
„Значаен дел од странските работници на германските градилишта доаѓаат од некои од земјите на поранешна Југославија… сегашната одлука за намалување на овој контингент е изненадувачка и штетна за индустријата. Особено ако се земат предвид планираните инфраструктурни проекти кои ќе ја зголемат побарувачката за работна сила“, вели Милер.
Зошто да се намалат квотите?
Намалувањето на квотата нема да влијае само на големите инфраструктурни проекти, туку и на станбената изградба, смета Аксел Гедашко, директор на чадор-асоцијацијата за изградба на станови (ГдВ).
„Ако протокот на работници од Западен Балкан се преполови, тоа би можело да го влоши недостигот на работна сила на градилиштата“, смета Гедашко.
Ниту Јан Даненбринг од Централното здружение на германски занаетчии (ЗДХ) не ја разбира причината за намалувањето на контингентот.
„Федералната влада неодамна ја удвои оваа квота и сега ја враќа назад иако околностите во споредба со минатата година не се променети“, вели Даненбринг, исто така за „Штутгартер цајтунг“ и заклучува: Ако сакаме да промениме нешто во секторот за домување, ќе ни треба секој човек.
Негативни коментари и недоволно разбирање за одлуката на идната влада за правилата за работниците од Западен Балкан доаѓаат и од редот на експертите за пазарот на трудот. Херберт Брикер од Институтот за истражување на пазарот на труд (ИАБ) смета дека потегот на владата испраќа погрешен сигнал. Тој посочува дека вработувањето на Западен Балкан досега се покажало како успешен механизам.
„Од 95 до 98 отсто од оние кои пристигнале во Германија како дел од ова правило се вработени една година по нивното пристигнување во Германија и редовно ги плаќаат своите придонеси“, заклучува Брикер.
Македонија
Почина уште еден повреден во пожарот во Кочани, кој се лекуваше во Белград

Министерството за здравство информира дека во согласност со информациите од Воено медицинската академија во Белград, денеска претпладне, за жал, на повредите им подлегна Стојанче Стефанов од Кочани, роден 2001 година.
Станува збор за пациент, кој од првиот ден, во согласност со извршената првична тријажа од медицинските тимови, веднаш е упатен на лекување на Воено-медицинската академија во Белград и кој беше интубиран и во критична состојба во изминатиот месец.
Станува збор за пациент со 27 отсто зафатеност со изгореници и сериозни повреди од вдишување чад.
На ВМА е опериран на 4 април и поставен на ЕКМО-апарат преку кој се оксигенира крвта преку машина поради вдишаниот чад. Но, поради сериозноста на повредите, тој поголем дел од хоспитализацијата бил нестабилен и во тешка општа состојба.
Министерството за здравство изразува најдлабоко сочувство до фамилијата и до сите засегнати од трагедијата во Кочани.
Македонија
Осомничениот полицаец за пожарот во Кочани по кој се трагаше сам се пријавил во Обвинителството

Полицаецот по кој се трагаше утрово сам се пријавил во Обвинителството. Тој е меѓу 10-те полициски службеници, кои од завчера се опфатени со истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Утринава се пријави и сега е пред судија на претходна постапка“, информираат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Од Министерството за внатрешни работи вчера информираа дека во истрагата за пожарот се опфатени 10 полициски службеници. Шестмина добија мерки за претпазливост, а тројца од осомничените се претходно обезбедени.