Свет
Албанец од Македонија ја убил сопругата и ѝ се предал на швајцарската полиција: Имаа расправии

Државјанин од Македонија, на возраст од 42-години е уапсен во Швајцарија поради сомневање дека ја убил сопругата, која исто така имала корени од Македонија. Швајцарскиот портал „20мин.цх“ пишува дека тие живееле во кантонот Тургау. Според медиумот, во петокот, околу 11 часот, мажот се јавил во Центарот за итни случаи во швајцарската област и пријавил дека фатално ја повредил сопругата. Порталот „албинфо.цх“ пишува дека станува збор за Албанец од Македонија кој е иселеник, татко на три деца.
Македонскиот државјанин е уапсен на лице место. Според тамошните медиуми, тој не пружал отпор, соопштила кантоналната полиција Тургау. Јавното обвинителство отворило истрага, додека полицијата ги испитува сите околности.
Медиумите пишуваат дека и убиената жена има корени од Македонија. Тие се повикуваат на извори меѓу роднините. Тие имаат и три ќерки, кои се тинејџерки. Според роднините, кои зборувале со новинарите, парот имал повеќе расправии, а планирале и развод.
Опишувајќи го семејството, роднините кажале дека тие имале расправии.
„Човекот неодамна не може да работи поради болест. Тоа и пречеше“, вели роднината, за „20мин.цх“, па додава: „Порано беа толку среќни, многу се смееја. Но, во последните неколку недели врската се влоши“.
„Во шок сме“, вели еден жител. Тој го опишува осомничениот како „искрен, фин и нормален човек“. Често се смееше и беше добро расположен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Фото) Аеродромот во Загреб затворен за сообраќај – мал авион слета надвор од пистата

Аеродромот „Фрањо Туѓман“ во Загреб денеска попладне беше затворен за секаков воздушен сообраќај поради инцидент со приватен авион кој се излизгал од пистата, пишува Индекс.
Како што потврдија од аеродромските служби, инцидентот се случил околу 15:21 часот, при слетување на приватен авион. Леталото при слетување проклизнало и завршило на тревната површина покрај пистата.
Според информации од авиокомпанијата, авионот бил празен и во инцидентот нема повредени.
Во моментот се преземаат мерки за отстранување на леталото од пистата, а аеродромот останува затворен до понатамошно известување.
Од Аеродромот „Фрањо Туѓман“ се извинија на патниците за доцнењата на пристигнувачките и поаѓачките летови и најавија дека јавноста ќе биде навремено информирана кога сообраќајот повторно ќе биде воспоставен.
Свет
Масовни протести во Шпанија против корупција

Повеќе од десетици илјади луѓе се собраа денес во Мадрид на демонстрации организирани од главната конзервативна опозициска партија, против владата на социјалистичкиот премиер Педро Санчез, обвинувајќи ја за корупција.
Демонстрантите се собраа на Шпанскиот плоштад во центарот на главниот град, велејќи му на Санчез да „поднесе оставка“.
Народната партија го свика собирот откако протечените аудио снимки наводно покажуваат дека член на Социјалистичката партија води кампања за клевета против полициска единица што истражува обвинувања за корупција, во која наводно се вклучени сопругата, братот и поранешната десна рака на Педро Санчез.
Социјалистичката членка ги негираше обвинувањата, кажувајќи им на новинарите дека спроведувала истражување за книгата и дека не работи во име на партијата или на Педро Санчез, а потоа ја напуштила Социјалистичката партија.
Лидерот на Народната партија, Алберто Нуњез Феихо, ја обвини владата за „мафијашки практики“ во аферата, тврдејќи дека Санчез е во центарот на повеќе корупциски скандали.
Народната партија процени дека повеќе од 100.000 луѓе присуствувале на денешниот митинг под слоганот „Мафија или демократија“.
Владин претставник во Мадрид процени дека на демонстрациите имало помеѓу 45.000 и 50.000 луѓе.
Свет
Тропската бура Барбара се формираше покрај брегот на Мексико

Тропската бура Барбара се формираше покрај југозападниот брег на Мексико, соопшти Националниот центар за урагани во Мајами рано утрово. Не се издадени предупредувања за крајбрежна опасност.
Брзината на ветерот беше околу 75 километри на час со повремени силни налети. Се очекува бурата да прерасне во ураган во понеделник.
Во делови од мексиканските држави Гереро, Мичоакан, Колима и Халиско можни се обилни врнежи од дожд од 5 до 10 сантиметри, а на некои места и до 15 сантиметри. Врнежите од дожд можат да доведат до поплави и лизгање на земјиштето.