Македонија
Османи нема да се појави на рочиштето каде што е тужен: Никогаш не сум дал изјава што може да е навреда
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, нема да се појави на денешното рочиште каде што е тужен за клевета. Од МНР велат дека тужбата од Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) е неоснована. Сметаат дека таа ќе биде отфрлена. Тие додаваат дека Османи не добил ниту покана за рочиште, оти станува збор за подготвително каде присуствуваат само адвокати.
„Министерот Османи нема покана за суд; денес се одржува рочиште на кое се поканети адвокатите. Што се однесува до самата тужба, таа е целосно неоснована. Министерот никогаш не дал изјава што може да се смета за навреда, клевета или која предизвикува штета. Целта очигледно не е правна разврска, туку јавна дискредитација. Веруваме дека во објективна постапка судот ќе ги увиди фактите и соодветно ќе ја отфрли тужбата како неоснована“, велат од МНР.
Од Македонското движење поднесоа тужба против Османи бидејќи тој лани во октомври за бугарската телевизија БТВ изјави дека треба да се види кој стои зад отворањето на македонскиот клуб во Благоевград. Османи го посочи токму ова движење како еден од финансиерите на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Рече дека се работи за фондација од Канада, која работи спротивно на интересите на државата и на интересите на македонските стратешки партнери.
На 27 јануари 2023 година претседателот на Македонското меѓународно движење за човекови права, Бил Николов, и организацијата (ММДЧП) поднесоа тужби за навреда и клевета пред Основниот граѓански суд Скопје и против медиумот „360 степени“.
„Османи и ‘360 степени’ се гласно критични против сите што ќе изразат несогласување со режимот и со американските антимакедонски политики и нивното кршење на човековите права и граѓанските слободи. Тужбите се за кршење на Законот за граѓанската одговорност за навреда и клевета“, велат од Македонското движење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски денеска на Пониква ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители кои традиционално во овој период престојуваат во зимското одморалиште на МВР на Пониква.
-Имав чест на заеднички ручек да поминеме време заедно, во искрена и топла атмосфера, да поразговараме на повеќе теми. Жртвата што ја дале нивните најблиски е најголемата можна жртва, затоа што тие ги загубиле своите татковци, сопрузи, синови во одбрана на татковината, посочува Тошковски во објавата на својот Фејсбук профил.

Министерот нагласува дека жртвата на загинатите бранители не смее и нема да биде заборавена.
-Таа за нас претставува аманет и трајна обврска, секогаш да бидеме покрај нив, да им даваме поддршка, да ги почитуваме и да одговараме на нивните потреби во рамките на надлежностите што ги имаме, вели Тошковски.
Македонија
Минималната плата не го покрива ни основното преживување, велат од СДСМ
Од СДСМ порачаа дека платите на работниците мора да се зголемат веднаш, а не по најави и проекции за две или четири години, оценувајќи дека актуелната економска политика не одговара на реалните животни трошоци и секојдневните потреби на граѓаните.
„На работниците не им требаат изговори ниту најави за 2028 година. Платите треба да се покачат сега, затоа што парите не им стигаат од први до први“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека животниот стандард е сериозно загрозен, а минималната плата не обезбедува основна егзистенција.
Од партијата реагираат и на изјавите и настапите на премиерот Христијан Мицкоски, прашувајќи дали тој чекал две години кога купувал часовници во вредност од 65.000 евра, додека работниците се принудени да преживуваат со примања што не ги покриваат ниту основните трошоци.
Според последните податоци, минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јануари 2026 година изнесувале 66.413 денари, што, како што посочуваат од СДСМ, значи дека ниту две минимални плати не се доволни за покривање на основните потреби. Со сегашното ниво од околу 400 евра, минималната плата, според опозицијата, не обезбедува заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците во едно просечно домаќинство.
„Работниците буквално се борат за парче леб и не можат да чекаат до 2028 година“, велат од СДСМ, оценувајќи дека Македонија денес има најниска минимална плата не само во регионот, туку и во Европа.
Во реакцијата се споредуваат и состојбите во соседството. Во Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази, во Албанија од 1 јануари 2026 година минималната плата ќе изнесува 500 евра, во Србија со владина одлука е зголемена на 500 евра, додека во Црна Гора се движи од 600 до 800 евра.
СДСМ предупредува дека последиците од ниските плати веќе се видливи, со масовно заминување на квалификувани работници и млади луѓе во странство, додека во земјата се увезува работна сила. Според партијата, ваквите политики водат кон дополнително намалување на вредноста на трудот, доколку тоа, како што наведуваат, не е и свесна цел на актуелната власт.
Македонија
По реакции од граѓани, се чисти Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека денеска градот е целосно мобилизиран во сеопфатна и темелна акција за чистење на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кој секојдневно го посетуваат илјадници граѓани од сите делови на државата.
Според Ѓорѓиевски, во акцијата се вклучени сите јавни претпријатија на Град Скопје, а целта е уредување на, како што посочи, срцето на македонското здравство, по долгогодишна негрижа за овој исклучително важен комплекс. Акцијата, како што нагласи, е директен одговор на оправданите реакции и забелешки на граѓаните.
„Местото каде што се лекува народот мора да биде чисто, безбедно и достоинствено“, порача градоначалникот, додавајќи дека Клиничкиот центар заслужува уредена и пристојна околина.
Во рамки на акцијата се перат и чистат улиците и паркинзите, се сече и отстранува опасната и запуштена вегетација, се чистат сливниците, се метат сите јавни површини со специјализирани возила, како и се подига кабастиот и комуналниот отпад. Според најавите, секој дел од комплексот ќе биде уреден со цел Клиничкиот центар да добие лик соодветен на неговото значење.
Ѓорѓиевски потенцираше дека ова не е изолирана интервенција, туку почеток на континуирана грижа, најавувајќи дека ваквите акции ќе продолжат и во иднина со цел одржување на хигиената и безбедноста во најзначајните јавни простори во градот.

