Македонија
Ковачевски: Македонскиот јазик е столб на нашиот народ, неговиот статус како рамноправен со сите јазици во ЕУ е неприкосновен
Премиерот Димитар Ковачевски упати честитки по повод Денот на македонскиот јазик – 5 Мај до Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, како и до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје.
Владата на Република Северна Македонија во 2019 година овој ден го прогласи за Ден на македонскиот јазик во чест на 5 мај 1945 година кога првата влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.
„Македонскиот јазик денес е познат и признат како столб на нашиот народ и е втемелен во европското законодавство. Првпат, со потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС, неговиот статус како рамноправен со сите други јазици што се зборуваат во Европската Унија е неприкосновен“, вели Ковачевски. Тој потенцира дека како надополнување на досегашните активности Владата на Република Северна Македонија иницира донесување нов закон за употребата на македонскиот јазик, со кој ќе се прошират областите во кои задолжително се употребува македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, како и воведување нова државна награда за оддавање признание на високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјата и странство, која се предлага да го носи името на нашиот великан Блаже Конески.
Во честитката до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје, Ковачевски вели:
„Заедно со вас им дадовме поддршка на активностите за континуирана афирмација на македонскиот јазик преку реализација на интернет-платформата makedonski.gov.mk, на која е поставен дигитализираниот Толковен речник на македонскиот јазик. Толковниот речник се надоврза на претходната иницијатива на Владата кога беше дигитализиран и Правописот на македонски јазик, а ја поддржавме и дигитализацијата на сите картотеки во Институтот за македонски јазик, каде што по повеќе од 20 години, овозможивме вработување на 17 млади луѓе, со што ја докажуваме грижата за македонскиот јазик на дело. Со вашата континуирана несебична поддршка и афирмација на македонскиот јазик, преточена во конкретни активности, покажавте како се сака, почитува и негува нашето скапоцено културно наследство, кое ќе остане како аманет за идните генерации“, истакнува Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од ноќеска обилни дождови
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има врнежи од дожд, што наместа ќе бидат пообилни – над 30 литри на квадратен метар, проследени со ретки грмежи. На планините, врнежите ќе бидат од снег, информираа денеска од Управата за хидрометеоролошки работи.
– Во вторник претпладне сè уште во источните делови ќе има слаби врнежи од дожд во пониските и дожд и снег на повисоките места и на планините. Попладне времето ќе се стабилизира, а во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег, соопштија од УХМР.
За во Скопје, најавено е утре, почнувајќи од утринските часови, да има повремени врнежи од дожд, што попладне и во текот на ноќта ќе бидат пообилни. Се очекува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Македонија
Безбеден град ќе казнува по 500 евра и една година без возачка за брзо возење
Министерството за внатрешни работи денеска во рамки на проектот „Безбеден град“ ќе спроведува активности за тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор на подрачјето на градовите Куманово и Тетово.
Како што се наведува во известувањето од МВР, активностите ќе се реализираат во временскиот интервал од 08:00 до 20:00 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае кратко, приближно од 15 до 30 минути.
Од МВР информираат дека за време на спроведувањето на активностите на конкретната локација, сообраќајот привремено нема да се пропушта додека трае постапката, по што ќе продолжи да се одвива нормално.
-Ги повикуваме граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности, се наведува во соопштението.
По донесувањето на Законот за прекршоци во Собранието, позната е и сумата на глобите што граѓаните ќе ги плаќаат доколку кои не ги почитуваат сообраќајните правила.
За санкционирање на пречекорувањето на дозволената брзина, глобата ќе зависи од тоа колку километри на час над дозволената брзина некој вози. За пречекорување до 20 километри на час, глобата е 20 евра. за 20 до 30 километри на час над дозволената брзина според законското решение е предвидено да плати 45 евра глоба. За пречекорување на дозволената брзина од 30 до 50 километри на час казната е 300 евра и забрана да управува со возило од 3 до 12 месеци. За пречекорување над 50 километри на час глобата е 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување со моторно возило од најмалку една година. Во населено место, казните се построги и може да достигнат и 500 евра, со задолжителна забрана за управување.
За сообраќајниот прекршок минување на црвено светло, системот автоматски ќе изрекува глоба од 250 евра и забрана за управување со моторно возило од три до 12 месеци. Кривична одговорност е предвидена ако прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода.
Ако се управува возило со истечена сообраќајна дозвола казната е 100 евра за возачот, а сопственикот на возилото ќе плати 250 евра.
За непрописно паркирање или запирање на забрането место предвидена е казна од 30 евра за стандардни прекршоци, 45 евра ако возилото го попречува сообраќајот и 50 евра ако е паркирано на место за лица со попреченост.
Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот. После овој рок мора да се платат 100 проценти од износот со можност за присилна наплата. Возач кој ќе добие три забрани за управување на моторно возило во рок од четири години, автоматски ја губи возачката дозвола. Повторно полагање е можно најрано после една година.
Собранието во петокот со 81 глас „за“, 19 „против“ и без воздржани го изгласа Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка. Со ова, се отвори патот од 1 февруари да стартува системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“, насочен кон превенција, зголемена безбедност во сообраќајот и заштита на човечките животи.
Македонија
Да беше жив Тоше Проески денес ќе полнеше 45 години
На денешен ден, 25 јануари 1981 година, е роден Тоше Проески, македонски пејач чиј музички опус и хуман ангажман го направија една од најзначајните личности на современата македонска култура.
Тодор „Тоше“ Проески е роден во Прилеп, а потекнува од влашко семејство од Крушево. Музичките почетоци ги имал уште во детството, кога во 1992 година настапил на детскиот фестивал „Златно славејче“ во Скопје. Музичкото образование го стекнал во музичко училиште во Битола, а подоцна и на Музичката академија во Скопје.
Професионалната музичка кариера ја започнал во 1997 година на фестивалот „Мелфест“ во Прилеп, каде што победил со изведба на песната „Yesterday“ од „Битлси“. Истата година настапил и на „Макфест“ со композицијата „Пушти ме“, со што го привлекол вниманието на пошироката јавност. Песните „Пушти ме“ и „Остани до крај“ го означија неговиот ран подем, а пресвртна точка во кариерата претставува настапот на Скопскиот фестивал во 1999 година со „Твоите бакнежи на моите бели кошули“.
Во 1999 година го објавил деби-албумот „Некаде во ноќта“, по што следел период на интензивна продукција и концертна активност. Во 2000 година учествувал на „Скопје фест“ со песната „Солзи прават златен прстен“, а истата година го промовирал и албумот „Синот Божји“, кој содржи неколку од неговите најпрепознатливи песни. Во следните години неговата кариера добива регионална димензија, со изданија на македонски, српски и други јазици.
Посебно значаен момент во неговиот професионален развој е победата на „Беовизија“ во 2003 година со песната „Чија си“, што го позиционира како една од водечките поп-ѕвезди на Балканот. Во 2004 година ја претставува Македонија на Изборот за песна на Евровизија во Истанбул со песната „Life“, англиска верзија на „Ангел си ти“, и го освојува 14. место во финалето.
Тоше Проески трагично загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Република Хрватска. Посмртно беше прогласен за заслужен граѓанин на Македонија, а 17 октомври 2007 година беше прогласен за Ден на национална жалост.

