Македонија
(Видео) Јанкулоска извојува битка за сите затворенички од „Идризово“
Гордана Јанкулоска ја извојува битката по која сега сите затворенички ќе бидат третирани, како и затворениците од машки пол. Правилникот по низа ветувања, како од претходниот, така и од актуелниот министер за правда, се на уште еден чекор до промена. Со него сите права што ги имаат мажите, ќе ги имаат и жените. Заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ, посочи дека правилникот ќе биде потпишан.
„Изминатиов период министерот и јас како заменик ја разгледувавме можноста која со претходниот правилник за регулирање во КПУ ‘Идризово’ беше направена неправда кон осудените лица од женски пол. По мислењето од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, каде што ни се укажа дека се прави индиректна дискриминација на осудените лица од женски пол во женското одделение, наспроти осудените од машки пол – со министерот најдовме решение. Во најбрз можен рок, откако текстот ќе биде подготвен од Секретаријатот за законодавство, правилникот ќе биде потпишан и во согласност со него осудените лица од женски пол ќе може да ги користат погодностите кои се за осудените лица машки пол“, рече таа.
Појасни во што се состојат промените.
„Доколку осудено лице од женски пол, кое е осудено на казна затвор до три години или издржало казна затвор три години, ќе може да ги користат погодностите во согласност со правилникот и куќниот ред од КПУ ‘Идризово’“, додаде заменик-министерката.
„Макфакс“ за дискриминаторскиот правилник пишуваше со месеци. Пред еден месец, министерот за правда, Кренар Лога, вети негова промена. Во интервју за „Макфакс“, директорот на „Идризово“, Зоран Јовановски, зборуваше и за други проблеми што ги има затворот.
Пред Лога дискриминацијата во затворот по основ на пол требаше да ја реши неговиот претходник Никола Тупанчески, кој го почна процесот со формирање работна група, но исход немаше. И разрешениот директор на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски, рече дека тоа е важен процес и дека правилникот, кој ги ограничува правата на затвореничките, ќе биде променет за што даде рок до февруари. Ова не беше почитувано од министрите за правда, кои се задолжени за носење на правилникот.
Претходно, Комисијата за заштита од дискриминација констатирала дека Гордана Јанкулоска како осуденичка е дискриминирана во затворот „Идризово“ во Скопје, каде што издржува затворска казна од 4 години. Комисијата утврдила директна дискриминација од страна на Управата за извршување санкции кон осуденичката од женски пол. Подносителката е ставена во понеповолна положба во однос на осудениците од машки пол во поглед на користење дел од погодностите на осудените лица пропишани со член 218 од Законот за извршување на санкциите, е наведено, меѓу другото, во извештајот од Комисијата. Од таму појаснуваат дека на Јанкулоска ѝ биле оневозможени посети надвор од установата, одмор, како и работно ангажирање.
Гордана Јанкулоска и нејзиниот сопруг и адвокат, Влатко Илиевски, очекуваат државата веднаш да го промени правилникот за „Идризово“ за жените затворенички да имаат исти права и привилегии како и мажите. Адвокатот Илиевски посочува: „Освен во Авганистан, и кај нас има дискриминација по пол“. Тој очекува Гордана Јанкулоска да ги добие правата што ѝ следуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

