Македонија
(Видео) Митева: ДУИ и од образованието прави бизнис, да кажат по чиј налог се кроени условите од тендерот за учебници по англиски

Бизнисмените од ДУИ никако да сфатат дека со образованието не смее да се импровизира, а буџетот служи пред се да се обезбедат квалитетни услови за школување, а не бизниси за профитерите блиски до власта, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„По вчерашната прес-конференција, на која објавивме дека МОН преку тендер со фризирани услови сака да намести тендер за учебниците по странски јазик, веќе денес следува признание преку Министерството со самиот факт што има нов оглас во кој ги нема претходно предвидените услови.
МОН со условите што ги предвидуваше целосно ги исфрлаше од право на учество учебниците на „Оксфорд“ и „Пирсон“, кои се професионални учебници, од кои учат деца во целиот свет, во приватните училишта во државата, но од кои до сега учеле и во државното образование.
Бизнисмените од ДУИ треба да одговорат за кого беа кроени условите во тендерот? По чиј налог во тендерот беа внесени условите економскиот оператор да има годишен приход од над 20 милиони денари во последните три години? Дали стануваше збор за исполнување желби на фирми блиски до власта?“, праша Митева.
Според неа, распишувањето нов тендер не ги исклучува од одговорност и, напротив, е поголем индикатор за интенцијата што ја имале.
Образованието со години тоне, рече Митева, и ја обвини ДУИ дека не се грижи за негов раст и развој, туку за раст на нечии приватни сметки.
„Потрошените денови и месеци за местење тендери ги чинат учениците изгубени години без квалитетни учебници. На ваков начин власта оневозможува учебници од врвни издавачки куќи и научни институции да бидат квалитетен наставен материјал.
Со ДУИ во власта образованието тоне. Време е власта на ДУИ и СДС да оди во пензија“, порача Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска Давкова: Не сум се фотографирала со восочни фигури на Доналд и Меланија Трамп

Фотографијата објавена на моите официјални профили на социјалните мрежи, на којашто сум заедно со претседателот на САД, Доналд Трамп, е автентична и направена во Њујорк за време на свечениот традиционален прием организиран од претседателот Трамп и неговата сопруга, Меланија Трамп, реагираше претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова.
– Написите на одредени медиуми дека станува збор за фотографија со восочна фигура се целосно неточни, злонамерни и со јасна тенденција за дискредитација, вели таа.
Сиљановска – Давкова упати апел до медиумите за професионално, одговорно и чесно информирање на јавноста, со почитување на вистината како највисок демократски принцип.
Македонија
Денес дожд и температура од 13 до 21 степен

Времето во текот на денот се очекува да биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни, проследени со ретки грмежи.
Според синоптичарите, ќе дува слаб со умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 13 до 21 степен Целзиусов.
Во Скопје, се очекува претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Според најавите, ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 19 степени Целзиусови.
Локални врнежи од дожд се најавени и за утре, а потоа во следните два дена да биде претежно стабилно.
Од четврток се очекува нов влажен и постуден бран со пообилни врнежи од дожд и со значително опаѓање на температурата.
Македонија
Сиљановска Давкова објави дека се фотографираше со Доналд и Меланија Трамп

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на својот Фејсбук-профил објави дека ѝ претставувало чест да присуствува на приемот што го приредија претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и неговата сопруга Меланија Трамп, по повод 80. Генерално собрание на Обединетите нации.
Во објавата таа истакна дека во овие турбулентни времиња е важно да не се отстапува од демократските вредности и да се работи заеднички на зачувување на глобалниот мир и безбедност, додавајќи дека САД остануваат искрен сојузник на Македонија.
„Благодарност за гостопримството!“, напиша Сиљановска Давкова.