Македонија
(Видео) На 1 декември сами себе ќе се блокираме ако не се изгласаат уставните измени, затоа е загриженоста на САД, појасни Пендаровски
САД се загрижени за тоа што можеме сами себе да се блокираме, па од тука доаѓа изјавата на американскиот сенатор Крис Марфи, кој минатата недела беше во посета на Македонија. Тој рече дека САД и НАТО ќе ги загрижи евентуалното неизгласување на уставните измени за кои рече дека се технички. Вака претседателот на државата Стево Пендаровски објасни прашан за ставот во врска со можното влошување на односите со САД и НАТО.
„Имав средба со сенаторот Марфи во 9 часот наутро и бев прв во серијата средби што ги имаше во Македонија. Можам да ви кажам дека не стана збор за таа тема, мојата претпоставка е дека тој знаеше со кој разговара од другата страна. Го знае мојот став и оној на Владата дека ние немаме проблем со овој тип на уставни измени. Јас го тврдам тоа и многупати го повторувам – внесувањето други делови од народи што живеат тука нема да ја загрози безбедноста на Македонија, ниту нејзината иднина, како што не ги загрозија стабилноста и иднината на Македонија наназад 20 години овие седум народи, кои се дел од преамбулата и нормативниот дел. Претпоставувам дека Марфи мислел на луѓето од опозицијата, со кои исто така имаше средба, а нивниот став е познат – под ниедни околности додека не заврши мандатот на овој пратенички состав тие не сакаат да размислуваат за уставни промени. Тоа значи дека на 1 декември сами себе ќе се блокираме и тоа секако е причина за загриженост на нашиот стратешки партнер“, појасни претседателот Пендаровски.
Извести дека ги знае амандманите што ќе бидат поднесени од Владата до Собранието и тие од првата до последната линија смета дека се целосно во рамките на она што Собранието го побара пред една-една и пол година.
И покрај тоа што не е извесно двотретинското парламентарно мнозинство за гласање на уставните измени, претседателот Пендаровски охрабрува да се почне постапката во Собранието.
„Тоа е една голема политичка дилема, политичка не е правна, дали да влегувате во уставни измени ако немате обезбедено две третини претходно. Денеска сум повеќе склон да верувам дека е потребно да се влезе во парламентот, дури под претпоставка да немате сигурни 80 претходно, со тоа што јасно на таков начин би се идентификувале двата главни блока во државата – проевропски и антиевропски блок“, рече Пендаровски.
На ист начин Пендаровски потсети дека во 2015 година почна првата процедура за преспанскиот договор кога тогашната владина конструкција немаше обезбедено 80 гласа и до последен момент не се знаеше дали ќе се постигне мнозинство за отворање на процедурата за менување на Уставот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајка меѓу патничко возило и трактор на регионалниот пат Градско – Прилеп, сообраќајот пренасочен
Денеска околу 19:00 часот поради случена сообраќајна незгода помеѓу патнички автомобил и трактор, регионалниот пат Градско – Прилеп кај клучка Манастирец е пренасочен по регионален пат Р1107 кон Кавадарци, соопшти АМСМ.
Македонија
МВР: Шалтер за „Безбеден град“, граѓаните од утре ќе можат да ги променат контакт-податоците
Од Министерството за внатрешни работи известуваат дека граѓаните од утре (17.12.2025), на посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој ќе работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци.
„Истото, ќе може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Исто така, граѓаните по електронска пошта на [email protected] ќе можат да достават писмена забелешка доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“, при што сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните“, соопшти МВР.
Македонија
Димитровски: Нов импулс за економска соработка со Шведска
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска имаше поздравно обраќање на настанот во организација на Шведско-Македонската Стопанска Комора, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. На настанот се обрати и Ола Сулстром, Амбасадор на Кралството Шведска во нашата земја, со што беше потврдена заедничката определба за натамошно унапредување на билатералните односи.
Шведско-Македонската Стопанска Комора се воспоставува како силен институционален мост меѓу деловните заедници на двете земји и како јасна политичка порака за продлабочување на економското партнерство меѓу двете земји.
Во своето обраќање, заменик-министерот Димитровски истакна дека формирањето на Комората означува нова фаза во економските и деловните односи меѓу двете земји, со фокус на конкретни резултати, инвестиции и заеднички развој.
„Формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора испраќа силна порака дека економската соработка меѓу нашите држави се издигнува на повисоко, постратешко ниво. Ова е практичен механизам за поврзување на бизнисите, за поттикнување инвестиции со додадена вредност, за иновации и трансфер на знаење, но и за градење доверба која е основа на секое сериозно економско партнерство,“ истакна Димитровски.
Македонско-шведските економски односи бележат стабилен и охрабрувачки развој, со јасен потенцијал за понатамошна експанзија. Зголемениот интерес од компаниите и инвеститорите од двете земји ја потврдува потребата од институционална платформа која ќе ги поврзе деловните заедници и ќе ја забрза реализацијата на заедничките економски проекти. Во тој контекст, Комората се позиционира како катализатор за зголемување на билатералната трговија и проширување на секторите на соработка, се истакнува во соопштението.
„Шведско-Македонската Стопанска Комора ќе делува како платформа за активна соработка меѓу приватниот и јавниот сектор, обезбедувајќи системска поддршка за компаниите, застапување на нивните интереси и создавање амбиент на доверба, транспарентност и институционална стабилност. Преку ваков пристап, Комората ќе придонесе кон развој на одржливи, долгорочни и взаемно корисни деловни партнерства.
„Со формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора, испраќаме јасна порака дека ние сме подготвени за посилна економска соработка, за привлекување квалитетни инвестиции и за градење партнерства засновани на европски стандарди, доверба и заедничка визија за економски раст и развој”, заклучи Димитровски.

