Македонија
Петровска во посета на САД: средба со секретарот за одбрана Остин и одбележување 30 години партнерство

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, пристигна во неколкудневна посета на САД, каде што ќе има многубројни средби со високи претставници на американската администрација вклучувајќи го и секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин.
На средбата со американскиот секретар за одбрана, Остин, како што најави Петровска, ќе стане збор за иднината, за предизвиците и за тоа како и двете земји да останат гарант на сигурноста и стабилноста на Балканот и на евро-атлантската област.
„Ако нешто гиодвојува нашата земја и нашата политика од другите, тоа е дека ние сме гласот на разумот и мудроста. Нашата политика отсекогаш се темелела на вредности и на можности, на отвореност и на искреност. Евро-атлантските вредности се нашата водилка во носењето на секоја одлука и тоа нашите американски пријатели и поддржувачи вистински го ценат. Колебањето и одложувањето на носење политички одлуки не се одлика на лидери и тоа само ја враќа земјата назад. Живееме во време со сериозни предизвици кога носењето државничка одлука е обврска кон татковината, а не добра волја“, рече Петровска.
Значаен дел од посетата е наменет и за одбележување на 30-годишнината од воспоставувањето на стратешкото партнерство помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт. Во Берлингтон министерката Петровска ќе посети неколку капацитети на Националната гарда на Вермонт, ќе има средба и со гувернерот на оваа сојузна држава, Фил Скот, а домаќин на делегацијата, која го вклучува и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, ќе биде командантот на Националната гарда на Вермонт, генералот Грегори Најт.
„Со Националната гарда покажавме дека нашите војници се вистински сојузници, но и пријатели, меѓу кои има заемна почит и доверба. А токму довербата може секогаш да отвори нови можности за соработка, развој и да даде нова енергија и амбиција за поголеми успеси“, истакна министерката.
Во САД предвидени се средби и во американскиот Стејт департмент, како и посета на Агенцијата за безбедносно- одбранбената соработка на САД и средба со нејзиниот директор, Џејмс Хрш.
Делегацијата ќе го посети и Универзитетот „Норвич“, каде што ќе се разговара за продолжувањето на соработката на овој најстар приватен воен колеџ со Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Филипче до Мицкоски: Прочитан си како буквар, не направи ниедна реформа во судството, не те интересира правдата

„Јавно ги прашувам ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, до кога Венко Филипче и СДСМ ќе им бидат криви што не можат да спроведат ништо, ниту една реформа, ВМРО-ДПМНЕ веќе е очајно кога зборува за судството“, рече претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче.
„Година и пол наназад поставуваат свои судии, свои обвинители и само го партизираат судството. Нема ништо суштински од спроведувањето на реформите. Јас бев тој којшто понудив рака бев на состанок кај примерот да направиме заеднички работни групи да се спроведе реформската агенда досега не е донесен ниту еден реформски закон од сферата на правосудството“, рече Филипче.
Во изјавата тој додаде дека од вкупно 12 закони кои што требаше да се донесат оваа година, седум од нив до јуни 2025 година и уште пет до крај на годинава – ниту еден, не само што не е донесен, не е ниту поднесен од страна на министерството за правда во Собранието, додаде Филипче.
Очигледно е како што кажа Филипче дека ВМРО-ДПМНЕ сака да го контролира судството.
„Не може партиски портпароли да кажуваат кој треба да биде зад решетки, тоа треба да го каже независно и целосно функционално судство. Тоа го бараат граѓаните.
Сакам да им порачам дека се прочитани како буквар. Еднаш граѓаните тој филм го гледаа со партизирано судство кога го користеа да се закануваат да го користат политички, да го користат како инструмент за политички прогон. Репризата во филмот ниту некој сака да ја гледа, ниту пак поминува и сметам дека граѓаните треба да ги казнат на изборите за ова однесување“, изјави Филипче.
Македонија
За формирање многудетно семејство потребен е достоинствен приход, Мицкоски ги уништи приходите, велат од СДСМ

Додека Мицкоски продолжува да ги убедува граѓаните дека треба да имаме многудетни семејства, неговата Влада прави сè за да не им го овозможи тоа. Мицкоски, кој доаѓа од високата класа и има часовници од 60.000 евра и бизнис од 10 милиони евра, не може да разбере дека за одгледување на повеќе деца се потребни пари и услови, реагираат од СДСМ откако премиерот Христијан Мицкоски кажа дека формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин.
Од СДСМ прашуваат, знае ли Мицкоски дека според последните статистики дури 22% од децата живеат во сиромаштија?
„Наместо да работи на политики за зајакнување на стандардот, покачување на платите, обезбедување поддршка за мајките и жените, наместо да се бори со конкретни механизми за да ги мотивира младите брачни парови да имаат деца, тој им беседи за патриотизам.
На Мицкоски треба да му е јасно дека сите сакаат деца, но за да се имаат повеќе деца потребно е родителите да се чувствуваат сигурни, со стабилни приходи и да живеат во перспективна држава. Ништо од тоа не е Македонија на Мицкоски во овој момент.
Граѓаните се иселуваат, перспективата не постои, платите не растат, економијата тоне. Владее несигурност како никогаш досега. Улиците не се безбедни, има убиства секој ден. Во ваква држава, џабе се пораките на Мицкоски за патриотизам“.
Патриотизам, како што оценуваат од опозициската партија, е да се бориш за луѓето, за секое семејство, да ги покачуваш платите, а не да ја штитиш олигархијата.
Македонија
Шукова: „Вардариште“ ќе стане современа претоварна станица, а не дива депонија

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска изјави дека Вардариште ќе добие конечно и трајно решение како дел од планот за Скопје без диви депонии.
„Вардариште мора да се затвори како дива депонија и да се уреди како претоварна станица по европски стандарди,“ истакна Шукова.
Таа нагласи дека изминатите четири години на оваа локација не биле преземени никакви интервенции, што резултирало со сериозни еколошки и здравствени последици за граѓаните.
Во нејзината програма е предвидено Вардариште да се огради и обезбеди со 24/7 чуварска служба, да се исчисти и уреди, да функционира како регуларна претоварна станица со селекција на отпад и да биде дел од интегриран систем за управување со отпадот во Скопје.