Македонија
Две теми на масата кај Ковачевски и Мицкоски, премиерот има очекувања од лидерот на опозицијата
Премиерот Димитар Ковачевски очекува искреност од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Посочи дека ќе разговараат на две теми. За обвинувањата дека ДУИ го крои форматот, Ковачевски негира и рече дека тоа е фикција. Прстот го впери во ВМРО-ДПМНЕ. Дециден е дека и по цена да не се измени Уставот, предвремени избори нема да има.
„Не може да тврдат нешто што е фикција. Тие со фикции се занимаваат цело време. Поканата е испратена до ВМРО-ДПМНЕ и таму јасно стои да изберат во кој формат сакаат да биде средбата. Дали да биде 1+1 или 1+2, во зависност од тоа дали имаат доверба меѓу себе, па може да зборуваат еден пред друг или сакаат да одат сами на средба. Оставив претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да одлучи. Тие го избраа форматот“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека ќе се разговара на две теми на средбата.
„Едната тема е носењето одлуки за европска интеграција на државата и втората е активностите на сите политички фактори во државата во однос на односите со соседите. Од тие две теми зависат интеграциите на државата и зачленувањето во ЕУ. Јас до сега имам кажано дека постојат два концепта – едниот е за европска Македонија, другиот е оној што го предводи Левицата и кој е за Северна Македонија да биде изолирана. Така беше од 2006 до 2016 година. Јас се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да се надмине себеси и барем еднаш во овие 32 години да поддржат одлука за интегрирање на државата во НАТО и ЕУ“, додаде премиерот Ковачевски.
Прашан што очекува од средбата, посочи: „Да разговараме отворено за сите теми бидејќи се значајни. Се надевам дека ќе дојдеме до заеднички јазик за тоа на кој начин треба да продолжиме со интеграција. Инаку, ќе имаме изолација“.
Ковачевски е дециден дека предвремени избори нема да дозволи.
„Избори ќе има во редовниот термин, прво претседателски, па парламентарни. Постапката за уставни измени е јасна. Иницијативата од работната група е доставена до Министерството за правда, тие ќе ја проследат до Владата, таму ќе се разгледа, па ќе се достави до Собранието, каде што се отвора процедура за уставни прашања, па пленарна седница. Изразувам надеж дека сите пратеници ќе ги застапуваат интересите на граѓаните“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Илинден: Потпишан меморандум за соработка со цел обезбедување на логопедски и дефектолошки услуги
Општина Илинден потпиша меморандум за соработка со Здружението за обезбедување на третман, застапување и унапредување на правата на лицата со попреченост „МЕГАЛОГОМЕД ГЛАС – Скопје“. Со потпишувањето на овој меморандум ќе се овозможи воспоставување нова социјална услуга во заедницата, која ќе опфати индивидуални логопедски и дефектолошки третмани за деца со развојни потешкотии и деца со попреченост.
Оваа услуга ќе биде насочена кон рано препознавање на развојни нарушувања, навремена интервенција и континуирано следење на децата со атипичен развој. Во рамки на активностите ќе биде обезбедена и социјална интервенција, заштита на интересите на лицата со попреченост и нивните семејства, како и едукација и поддршка за родителите во делот на логопедската и дефектолошката работа, велат од општината.
Како што истакна градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, воспоставувањето на оваа социјална услуга претставува значајна придобивка за локалната заедница, особено за ранливите категории граѓани. Тој додаде дека обезбедувањето на стручна поддршка на територија на општината ќе овозможи поголема достапност, намалување на финансиските трошоци и олеснување на секојдневните обврски на семејствата.
Услугата ќе биде бесплатна за лицата кои ќе добијат соодветна препорака од Центарот за социјална работа на Град Скопје, а корисници ќе можат да бидат лица со валидна документација согласно Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ). Со цел добивање на оваа услуга, граѓаните во наредниот период ќе можат да се обратат во здружението „МЕГАЛОГОМЕД ГЛАС – Скопје“.
„Со оваа иницијатива, Општина Илинден уште еднаш ја потврдува својата заложба за унапредување на квалитетот на живот и обезбедување достапни и квалитетни услуги за сите граѓани на локално ниво“.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Заев и Филипче нека бидат еднаш искрени, нека кажат како се поврзани со бизнисот со марихуана
Заев и Филипче нека бидат еднаш искрени, нека кажат како се поврзани со бизнисот со марихуана и со последниот случај, јавното обвинителство мора да ја испита нивната поврзаност, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„И во случајот со околу 40 тони запленета марихуана вплеткани се Зоран Заев и секако неговиот другар, Венко Филипче. Вклученоста си ја потврди сам Заев, се јави бранејќи се, наместо да им се извини на граѓаните за сиот криминал што го има направено. На Заев веќе никој не му верува, ама со жалопојќите на Фејсбук, тој самиот покажа дека е погоден и фатен жив на дело“, рече тој.
Според Петрушевски, нешто што е јасно во јавноста е несомнениот факт дека неговата влада се прослави со актуелизирање на бизнисот со марихуана, продаден како грижа за здравјето на граѓаните или канабис за медицински цели.
„Како и да е, факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев. Станува збор за фирма на лице кое било претседател на општинскиот одбор на СДС во Ново село. Тоа е Тони Котев познат како М’гчев кој пак бизнисите ги тера со Вице Заев. Секако основоположникот на бизнисот со марихуана владата на СДС предводена од Заев кога министер за здравство беше Филипче, креирала правила по своја мерка и доделувала бизниси по своја мерка, или на свои луѓе. Сега следи целосно расчистување на криминалот во оваа област. Секој еден кој се занимава со одгледување, до производство на готови производи од марихуана ќе биде проверен. А за поврзаноста на Заев и Филипче еве за почеток тие лично нека дадат одговори на јавноста. Каде се се јавувал Заев при запленета на петте тони дрога во Србија, зошто набрзина Филипче се упатил кон југ“, рече тоој.
Петрушевски вели дека случајот ќе биде комплетен само ако јавното обвинителство ги истражи сите аспекти, меѓу кои и, како што кажа, поврзаноста на Заев и Филипче.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Милион евра од државата за само 2 месеци потрошило СЈО, Заев и Шекеринска специјални гости кај Катица Јанева, СЈО функционирало како штаб на СДС
Сведоштвата на поранешната обвинителка во СЈО, Лејла Кадриу, ги потврдува сомнежите и тезите на ВМРО-ДПМНЕ кој уште пред приближно 10-тина години, говореше за партизација на СЈО предводено од Катица Јанева, од страна на СДС, Зоран Заев и неговите пајташи, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Згаснатото СЈО, кое сите паметиме како заврши, со пресуда за предводничката на СЈО Катица Јанева од 7 години за земање мито. За жал, СЈО било користено за исполнување на желбите и интересите на СДС и Зоран Заев, кои во тие моменти не бираа начин како да дојдат на власт.
Најчести гости според сведоштвата на Лејла Кадриу, во СЈО на Катица Јанева биле токму Зоран Заев и Радмила Шекеринска, како и советници на Оливер Спасовски. Тие ги носеле прислушуваните разговори, односно таканаречените бомби, во форма на кривична пријава, но како што вели госпоѓа Кадриу, напишани на ливче. Истиве овие ливчиња ги преземале помошниците на Катица Јанева, Ленче Ристоска и Гаврил Бубевски противзаконски, бидејќи не направиле никаков записник. За да биде јасно на граѓаните, секој можел да земе, донесе или додаде нов документ во секое време. Дополнително, истите овие специјални гости, се обидувале и успевале во обидите да укажат на обвинителите кое лице да биде гонето, а кое да биде изземено од одреден случај. Или во превод, што би рекле и поранешната обвинителка од СЈО, Лејла Кадриу, СЈО било претворено во штаб на СДС“.
Како што истакна, Ристоска и Бубевски, според сведоштвата биле главни и тие биле оние кои го раководеле СЈО во позадина, додека токму Катица Јанева сакала само медиумски да се профилира, поради тоа што била само обичен медиокритет во СЈО.
Исто така, многу важно во работата на СЈО, според него, биле и финансиските средства. „Во 2015 година, односно поточно од 15.10.2015 година Буџетот бил проектиран да секоја година СЈО добива милион евра од државата, а Катица секако ја интересирале само парите, па овие 2,5 месеци до крајот на 2015-та година морале да ги потрошат како што вели Лејла Кадриу за да не ги земе државата назад. Дополнително обвинителите во СЈО, земале по 4.000 евра месечна плата, а срамно и безобразно било тоа што трошеле плус 2.000 евра месечно за кафе, бадеми и лешници“.
Во овој дел, посочува тој, обвинителството треба да го истражи и провери овој случај, каде отишле овие пари за само 2,5 месеци и кој се земал бонуси, додатоци, и колку чинела киријата за местата каде што престојуваше СЈО.
„СЈО со Катица Јанева работело по насока на СДС, Заев и неговите партнери како Венко Филипче, Оливер Спасовски и Радмила Шекеринска. Ним правдата не им била цел, туку профитот, политичкиот прогон и контролата врз државните институции, како и правосудството во Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ става крај на ваквата пракса на партизација на судиите и обвинителите. Утре продолжуваме со споделување на нови сведоштва за работата на одредени обвинители и СЈО како целина“.

