Македонија
(Видео) Ковачевски понудил место за Мицкоски во Владата, опозиционерот прифатил уставни измени со услови

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по лидерската средба, рече дека премиерот Димитар Ковачевски му понудил да влезат во Владата, а цената е да се плати со поддршка за уставните измени. Ковачевски ги поставил условите, а Мицкоски веднаш дал одговор на понудата.
„Разговаравме за предлозите што ги даде Ковачевски, од кои би издвоил еден: тој предложи во рамките на парламентот да почне и се отвори дискусија, да се изгласа потребата со 2/3 за промена на Уставот, а потоа да биде формирана влада, во која од десетте ресори што ги менаџира СДСМ, пет да ѝ бидат дадени на ВМРО-ДПМНЕ, да бидат завршени уставните измени, да почне процесот на преговори за кои пред една година нè убедуваа дека е почнат, а потоа да бидат затворени поглавјата 1, 2, 3, во зависност од брзината, а таа влада да оди на парламентарни избори. На оваа понуда беше даден одговор: во ред, ја разбирам понудата и за неа го имам следниот став: ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во Владата со СДСМ, но без учество на ДУИ во таа Влада“, рече Мицкоски.
Тој во детали го објасни дадениот одговор.
„ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да учествува во неа, но избори организира техничка влада, а уставните измени да важат од денот кога ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките на ЕУ од парламентите на 27 земји членки. Тоа тој го протолкува како кршење на преговарачката рамка. Јас потоа му понудив да одиме на предвремени парламентарни избори наесен, формирање влада со широко национално единство, каде што нема да биде ДУИ, и бидејќи ниту една земја членка нема против македонскиот многувековен идентитет, традиција, култура, обичаи, македонскиот јазик, тогаш јас сум подготвен да разговарам со европските премиери за да изгласаат потврда, т.е. гаранција за ова што го зборуваме, па да видиме дали е тоа навистина така како што велат дека е, а со оглед дека и Бугарија има избрана влада. И да дојдеме да кажеме дека Европа застанува зад многувековниот идентитет“, посочи Мицкоски.
За делот за добрососедството за кое е разговарано, Мицкоски рече дека бара спроведување на одлуките од Стразбур, кои се однесуваат на Македонците во Бугарија.
„Јас би сакал да бидам добар сосед со Бугарија и од оние 14 судски случаи во Стразбур, Бугарија да избере три и тие да ги примени. Еве, Бугарија нека избира, не ние. Од овие 6, кои се конечни, нека избере 3. Тогаш ќе речеме добро е, има позитивен ветер и нашинците во Бугарија ќе се почувствуваат дека некој од нивната матична држава стои зад нив. Тој (Ковачевски) не го прифати ова бидејќи тоа е промена на преговарачката рамка. Но, ние бараме пакет, грижа, а не е преговарачка рамка“, додаде Мицкоски.
Мицкоски кажа и за епилогот и можноста да се организира нова лидерска средба.
„Предлогот мој беше дека нема потреба од гимнастики во јавноста, реков да не брза со заклучокот, да размисли. Понудите се тие, на маса се. Стојам на располагање за дополнителни консултации. Ова се принципите врз основа на кои ќе се носи решението, зад кое ние како ВМРО-ДПМНЕ може да поддржиме“, кажа Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром и Сопиште

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од ул. Црноризец Храбар. (општина Аеродром)
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. 11 во Горно Соње. (општина Сопиште)
Македонија
Променливо облачно со слаб северен ветер, попладне врнежи од дожд

Променливо облачно со слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Попладне ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде и наместа ќе бидат пообилни. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 14, а максималната ќе достигне од 15 до 20 степен.
Во Скопје, променливо облачно со слаб северен ветер. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
До петок под влијание на влажен бран ќе има врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат обилни. Вкупно од овој бран се очекува на повеќе места да наврнат над 30 l/m², а локално и над 50 l/m². Поради продор на постудена воздушна маса од север и засилен северен ветер, во четврток на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег, а поради натамошно спуштање на студен воздух, во петок ќе има услови да преминуваат во снег и на некои од повисоките места. На повисоките планини ќе се формира снежна покривка.Температурата на воздухот значително ќе опадне. Во деновите од викендот ќе има стабилизирање на времето со пораст на дневната температура
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на приклучна цевка на булеварот Партизански Одреди бр. 59а, без вода ќе останат корисниците лоцирани на десната страна на потегот од булеварот 8-ми Септември до Франклин Рузвелт. (општина Карпош)
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот.