Македонија
(Видео) Мицкоски бараше, Ковачевски носи документ – но, недоволен да убеди да се направат уставните измени
Резолуцијата од голема европска земја, со која ќе потврдат признавање на македонскиот јазик, идентитет и култура, е недоволна за ВМРО-ДПМНЕ да смета дека уставните промени се без бугарски диктат. Ова не е гаранција за опозициската партија, а која претседателот Христијан Мицкоски во неколку наврати ја бараше. Од партијата за „Макфакс“ посочуваат дека земјите членки немаат проблем со македонскиот идентет, туку Бугарија.
„Тоа е добредојдено камче во мозаикот, но е далеку од она што е потребно за да бидат прифатени уставните измени. Предложивме конкретен план, кој опфаќа и интеграција во ЕУ и заштита на националните интереси. Што се однесува до гаранцијата за јазикот, големите земји членки на ЕУ немаат проблем со јазикот, туку тоа е источниот сосед, кој исто така ја користи Унијата за блокада на нашите интеграции“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за „Макфакс“, прашани дали резолуцијата од голема европска земја е доволна гаранција.
Засега не е познато која е земјата што ќе потврдува признавање на македонскиот идентитет. Премиерот Димитар Ковачевски вчера рече: „Една голема европска земја, една од најголемите, членка на ЕУ, ќе донесе резолуција, со која се потврдува дека се препознава и признаваат недвосмислено македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската култура, кои сметаат дека ќе го збогати европскиот идентитет. Тоа ќе биде направено од страна на нивниот парламент како врвно законодавно тело во оваа држава“.
Пред седум месеци претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „А1он“ посочи: „Да заклучиме, под овие околности, овие услови, без писмени гаранции, како што вие велите, од европска институција, ние нема да поддржиме таков тип на промени“, рече Мицкоски, па прашан дали ќе бараат и што да стои во нив, тој додаде: „Кога ќе дојде денот за гаранции, се надевам пак ќе разговарам“.
ВМРО-ДПМНЕ чека одговор од СДСМ за тоа дали ќе им ги прифатат условите за гласање на измените на Уставот. Од владејачката партија, пак, посочуваат дека е добро што опозициската не е против уставните измени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

