Топ
Пронајдени безживотните тела на тројцата патници од возилото што падна во Лепенец

Денеска (18.06) од страна на полициски службеници од Специјалната антитерористичка единица Тигар во реката Лепенец се пронајдени починати трите лица по кои се трагаше по вчерашната сообраќајна несреќа на патот Скопје –ГП Блаце. Трите безживотни тела се пронајдени во автомобилот кој беше извлечен од реката Лепенец. Се работи за родители и нивниот 16 годишен син.
Извадено е и возилото „бмв“ во кое тие се превезувале. Како што веќе претходно информиравме, по наредба на јавен обвинител, возачот на возилото „фолксваген туран“ Б.Б. е лишен од слобода и задржан за понатамошно постапување, потврдија од Министерството за внатрешни работи.
На местото на страотната сообраќајна несреќа пристагнаа возила на Брзата помош и на погребното претпријатие Бутел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Митева: Одморалиштето Пониква се става на располагање за рехабилитација на повредените од Кочани

Владата во текот на следната недела ќе донесе одлука со која одморалиштето Пониква, кое е во сопственост на Министерството за внатрешни работи, ќе се стави на располагање на Министерството за здравство, за да се користи како објект за продолжена медицинска нега и рехабилитација, информира денеска на прес-конференција владината портпаролка Марија Митева.
Таа истакна дека одморалиштето Пониква располага со 27 соби и 56 легла, лоцирано е во природна и мирна средина, што го прави исклучително погоден простор за пациентите кои се веќе во фаза од лекувањето во која е неопходна физикална и работна терапија.
„Станува збор за пациенти кои се веќе стабилизирани, но кај кои постои реална потреба за понатамошен третман, се со цел да се спречат и намалат долгорочните последици од изгорениците, како и други можни компликации коишто се поврзани со подолготрајното лекување“, рече Митева.
Појасни дека во моментот се работи на детален оперативен план за распределба и згрижување на пациентите, во соработка со Министерството за здравство и медицинските тимови, кои ќе ја понесат својата опрема во одморалиштето Пониква и ќе обезбедат континуирана медицинска нега директно на терен.
„Ќе се направи план пациентите да бидат распределени во неколку групи и циклуси на терапија, се со цел да се овозможи персонализиран пристап кон секој поединечен случај, во согласност со препораките на лекарите“, кажа Митева.
Покрај медицинската грижа, оваа мерка има и важен психолошки и социјален аспект, потенцира портпаролката и додадека дека „овозможувањето на престој во ваков тип на објект ќе придонесе за меѓусебна поддршка помеѓу пациентите и подобрување на нивната психо-емоционална состојба“.
„Според медицинските проценки, пациентите не смеат да бидат изложени на директно сонце и високи температури, а истовремено, не треба да се соочуваат со дополнителен физички и логистички напор. Затоа, Пониква ги нуди сите предуслови за ваков тип на згрижување. Очекуваме во најкус можен рок да ги завршиме сите овие процедури и институционално да ги донесеме овие одлуки, медицинскиот кадар да контактира со сите пациенти, по што ќе започне сместувањето и спроведувањето на терапиите, согласно веќе утврдениот план“, рече Митева на прес-конференцијата.
Македонија
(Видео) Петрушевски: 9 милиони евра завршиле во фирма на Заев од Бугарија блиска до Филипче за ископ на јаглен во време на СДС

Огромни суми на пари, кои се бројат во десетици милиони евра, од продажбата на јаглен на ЕСМ завршувале на сметки на фирми директно на Заев, а кои имаат тесна врска со Венко Филипче, рече денеска на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено фирмата која му го купила луксузниот џип на Филипче, Зобек мининг груп продавала јаглен на ЕСМ по цена од 82 евра, а го купувала за 30-тина. Разликата во цена никогаш не влегла во Македонија. Зобек мининг груп уште во Грција за наводен ископ на јаглен исплатила 9 милиони евра кон фирмата на Заев во Бугарија, Гомасидра. Оваа фирма на Заев е регистрирана на истата адреса во Петрич, Бугарија, како и фирмата на Венко Филипче, „Пауер ај 8“(POWER i8 Ltd)“, кажа Петрушевски.
Според него, „овде има и законска и морална дилема и проблем“.
„Додека Заев и Филипче велеле дека немаат врска со државни тендери, тие всушност биле во милионска шема со државни тендери. Ова почитувани е скандал за кој ЈО мора веднаш да отвори постапка и да реагира. Милиони евра завршиле во фирми на Заев, блиски до Филипче само од еден тендер. Одговорност мора да има“, вели Петрушевски.
Македонија
(Видео) Кузеска: Масовна и груба партизација, објавуваме список за 50 партиски вработувања во РЕК Осломеј

Владата на ВМРО-ДПМНЕ спроведува масовна, бртутална партизација на институциите преку нова серија вработувања со партиски списоци, рече денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Таа истакна дека свиркачи до СДСМ доставиле интерен список за вработување на 50 лица во РЕК Осломеј и додаде дека „на списокот има членови на општински комитети, но и роднини на активисти на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Без јавен конкурс, без јасни критериуми, без стручна селекција. Единствениот услов за вработување е партиската книшка и фамилијарната поврзаност со власта. РЕК Осломеј, стратешки важна енергетска точка, наместо да биде дел од стабилен енергетски систем, власта го користи како алатка за партиски вработувања на грбот на народот. Вака ли ВМРО-ДПМНЕ ќе го менува системот? За ова ли бараа доверба од граѓаните?“, рече Кузеска.
Таа истакна дека „сите ветувања за мерит-систем, професионализација и правична држава се фрлени во вода“.
Секоја институција се претвора во испостава на ВМРО-ДПМНЕ, наместо сервис за граѓаните. Наместо држава во која најдобрите напредуваат, добивме држава со вработувања по список, со јавна администрација претворена во партиска армија. Затоа младите и способни луѓе заминуваат. Затоа јавните институции се неефикасни, а довербата во системот се урива. Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата веднаш да отвори предмет по сопствена иницијатива. Бараме ЕСМ јавно да ги поништи сите незаконски вработувања“, вели портпаролката Кузеска.