Свет
Откриена причината за експлозијата во Париз
Две лица се водат како исчезнати, додека најмалку 30 лица, од кои четворица потешко, се повредени вчера во експлозија на улицата Сен Жак во прометниот кварт Латински во центарот на Париз, соопшти полицијата, додавајќи дека експлозијата се чини дека била предизвикана од истекување гас.
По експлозијата се урнала фасадата на зградата во која се наоѓа дизајнерското училиште на Американската академија во Париз, а пожарот зафатил и неколку околни згради.
Ројтерс јавува дека спасувачите трагаат по две лица за кои се стравува дека се затрупани под урнатините.
Очевидци опишале заглушувачка експлозија, проследена со џиновска огнена топка која се издигнала над покривите на зградите на улицата Сен Жак, недалеку од катедралата Нотр Дам и паркот Луксембург.
Припадниците на француската армија помогнале да се воспостави безбедносен обрач околу местото на несреќата, а повеќе од 200 пожарникари учествуваа во спасувачката операција.
Обвинителството во Париз соопшти дека се уште не се знае со сигурност што ја предизвикало експлозијата, но првиот заменик-градоначалник на 5-тиот арондисман на Париз, Едуар Сивел на Твитер објави дека најверојатно се работи за експлозија на гас.
Очевидци потврдиле и за француската телевизија BFM TV дека неколку моменти пред експлозијата се почувствувал силен мирис на гас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Потона брод во близина на брегот на Црното Море, се трага по исчезнатите членови на екипажот
Романските спасувачки тимови денеска трагаа по тројца исчезнати членови на екипажот на товарен брод што потона во близина на брегот на Црното Море, соопштија поморските власти.
Информациите кои ги добиле се дека рано утрината дека бродот „Мохамад З“ под знаме на Танзанија потонал на 26 наутички милји од дунавското село Сфанту Џорџ.
Во потрагата и спасувањето биле вклучени Морнаричкиот центар за координација на спасување (МРЦЦ), граничната полиција и два блиски комерцијални брода.
Засега не се познати причините поради кои бродот потонал.
Европа
Шолц ја откажа изборната кампања и ги посети поплавените региони во Германија
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.
Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.
Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.
„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.
Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.
Регион
Во Будва уловена сина ајкула тешка 200 килограми
Сина ајкула долга повеќе од три метри и тешка 200 килограми е уловена во Будва.
Уловите на сина ајкула од минатите години покажуваат дека овој вид ајкула најчесто се среќава во Јадранското Море на пролет.
Рајко Бојановиќ, член на спортскиот риболов клуб „Ширун“, улови ајкула и рече дека ќе биде препарирана во Природонаучниот музеј на Црна Гора, а изложбата е планирана за септември.