Македонија
Тренчевска: Елиминирање на говорот на омраза и дискриминацијата се клучни во остварувањето на човековите права
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска учествува на меѓународната конференција „Човековите права во рамките на заштитата од дискриминација“, во Црна Гора.
Тренчевска се обрати на панелот „Борбата против говорот на омраза–современа област на антидискриминацијата“, каде што се осврна на стереотипите за родовите улоги во општеството, за говорот на омраза, како и за одговорноста на секој поединец во општеството особено јавните личности за почитување на човековите права и ненасилна комуникација.
„Неинформираноста и неприфаќањето на различностите се дел од клучните причини за постоење на стереотипи и предрасуди за жените и мажите во општеството. Секој стереотип и предрасуда води кон дискриминација, нееднаков третман и непочитување на луѓето, а тоа води кон кршење на човековите права и општествените вредности,“ посочи Тренчевска.
Таа се осврна на состојбата на ова прашањето за родова еднаквост и говорот на омраза во македонското општество, при што истакна дека е направен огромен исчекор напред во последните 5 години.
„Во овој момент имаме 43% жени пратенички во Парламентот, 35% жени советнички во локалните самоуправи и 5 жени министерки. Но тоа не е доволно да кажеме дека нашето општество е родово сензитивно и дека де факто овозможува еднакви можности. Колку повеќе жените се присутни во процесите на одлучување, толку повеќе говорот на омраза во медиумите е изразен,“ истакна Тренчевска.
Министерката посочи дека и покрај посветеноста и напорите кои што се вложуваат во сензибилизација на општеството, говорот на омраза е една од најчестите форми на нетолеранција и ксенофобија.
„Со жалење можам да потврдам дека социјалните мрежи во последните неколку месеци се местото на организирање на првите антиродови движења кај нас, кои се полни со говор на омраза, омаловажување, стигматизирање, а тоа е она што особено загрижува. Новиот Закон за родова еднаквост, на кој повеќе од посветено работи Секторот за еднакви можности во Министерството за труд и социјална политика, е цел на овие движења, кои воопшто не се во насока на проевропските аспирации кои ги негуваме како држава и како Влада. Закон кој треба да промовира еднаквост, можности за сите, создава жигосување и нетолеранција,“ истакна таа.
Посочи дека одговорност кон почитување на човековите права и ненасилна комуникација има секој поединец во општеството, посебно кога станува збор за личности кои се дел од јавниот живот.
„Реакција кон родово заснованиот говор на омраза во јавноста не треба да има само од жени, што најчесто е случај, туку подеднаква одговорност треба да покажат и мажите кои се дел од јавниот живот. Родовата еднаквост не е само женско прашање, таа е прашање за основните човекови права,“ истакна Тренчевска.
На панел дискусијата стана збор и за говорот на омраза, кој особено стана изразен со појавата и ширењето на употребата на интернетот и друштвените мрежи. Во таа насока, министерката посочи дека младите жени, жените од јавниот живот и жените политичарки се мета на говор на омраза во секојдневното живеење.
„Како жена и како министерка за труд и социјална политика, секогаш стојам за солидарноста, одговорноста и праведноста и со таа намера стојам и во одбрана на жените кои се мета на говор на омраза на интернет и воедно и јас имам поднесено кривични пријави против оние кои шират говор на омраза,“ истакна Тренчевска.
Министерката информираше и дека, во месец Март оваа година, Министерството за труд и социјална политика преку кампањата „Гласна и храбра“ покажа колку е важно да се зборува гласно за говорот на омраза, да се даде поддршка на секоја жена, но и да се охрабри секоја жена. Притоа, нагласи дека во периодот кој доаѓа во соработка со Советот на Европа ќе се работи на темата насилство преку интернет, каде што фокусот ќе бидат младите лица, со цел зајакнување на младите за препознавање на насилството и родовата еднаквост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.

