Македонија
Владата ја демантира Антикорупциска за Мерко: Во обид да ги оправда своите непостапувања, се обидува одговорноста да ја префрли на други
Кабинетот на заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска во целост ги демантира и ги оценува како паушални и неосновани обвинувањата од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата, а кои се однесуваат за наводно непостапување за случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
„За жал, ДКСК предводена од претседателката Ивановска, во обид да ги оправда постапувањата или непостапувањата на ДКСК, се обидува надлежноста и одговорноста да ја префрли на други институции, без притоа да има предвид дали тие се надлежни или не за конретни случаи, а во тој контекст и со какви механизми располагаат.
Во таа насока им предочуваме на членовите на ДКСК дека заменичката на претседателот на Владата, Славица Грковска, во согласност со овластувањето што го има од претседателот на Владата е задолжена за спроведување на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и други функционери избрани од Владата.
Имајќи ја предвид поделбата на власта на локално и на централно ниво, вицепремиерката Грковска нема и не може да има надлежност врз функционер кој е избран на непосредни избори. Од тие причини, вицепремиерката Грковска во оваа насока може да даде само препораки во однос на почитување на принципите за добро владеење и ништо повеќе.
За жал не е прв пат, Државната комисија за спречување на корупцијата до Кабинетот на вицепремиерката Грковска да доставува предмети за кои вицепремиерката нема надлежност, како што неодамна беше случајот со Агенција којашто за својата работа одговара пред Собранието“, велат оттаму.
Истовремено ја потсетуваат ДКСК дека Кабинетот задолжен за политики за добро владеење не е истражен и обвинителски орган. Тоа значи дека сите случаи и информации кои пристигнуваат во Кабинетот се пренесуваат на надлежност на институциите кои според закон треба да постапуваат и да ги процесираат, велат тие.
„Нагласуваме, членовите на Владата ниту можат, ниту смеат да ја преземат улогата на обвинителските и судските органи во државата. Факт е дека правосудните органи не испорачуваат задоволителни резултати во борбата со корупцијата, но тоа не значи дека треба да се наруши уставната поделба на власта, туку да се инсистира на доследни реформи и одговорност во нивните редови.
Овој состав на Државната комисија за спречување на корупцијата има поддршка од Владата, како ниту еден состав претходно, особено во јакнење на капацитетите.
Само за потсетување, од 2017 година има зголемување на буџетот за 59 проценти. Во последните пет години бројот на вработени во Секретаријатот на Комисијата е двојно зголемен, додека во февруари 2021 година, со одлука на Владата обезбедени се нови просторни капацитети кои во целост ги исполнуваат нејзините потреби, а инсталирана е ИКТ опрема обезбедена во 2018 година.“, стои во соопштението на Владата“, завршуваат од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коњановски даде отчет за првите 100 дена: фокусот е на инфраструктурата, образованието, спортот, културата и енергетска транзиција
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, го презентираше отчетот за првите 100 дена од новиот мандат, истакнувајќи дека фокусот е на инфраструктура, образование, спорт, култура и енергетска транзиција.
Во овој период беше отворена новата градинка „Пчеличка“ со капацитет за 76 деца, адаптирана од поранешниот „Дом за доенчиња и мали деца“. Во рамките на инфраструктурните проекти, се асфалтираа делови од улицата „16-та“, се поплочуваат тротоари на новата улица СРУ 5, а се изведуваат и три нови игралишта во месноста Областа.
Коњановски истакна дека во 2026 година се планирани 53 реконструкции на улици и локални патишта и изградба на шест нови паркинг простори на повеќе локации во градот. Во спортската инфраструктура се вклучени подготовки за мултифункционален спортски комплекс, атлетска патека и борилиште на стадионот „Петар Милошевски“.
Во образованието се продолжува со реконструкција на училишни спортски сали, изградба на нови игралишта и објекти за учениците, додека за заштита на животната средина се преземаат проекти за одводнување и прочистување на отпадни води на 25 локации и за системи за водоснабдување.
Градоначалникот нагласи дека дигитализацијата е приоритет, со промоција на националниот портал за електронски услуги „Е-услуги“, а општината активно се вклучува во праведната енергетска транзиција со поставување фотоволтаици во училишта и на јавни објекти.
Во рамките на културата и спортот, Битола беше домаќин на натпревари на македонската фудбалска репрезентација до 21 година, а се реализираа проекти за ракомет, бокс и други спортски активности. Општината организираше и јавни трибини, поддршка за волонтери, активности за лица со попреченост и старо население.
Коњановски истакна дека Битола го поттикнува туризмот преку проекти како физибилити студија за гондола на Пелистер и градежни активности за планинарскиот дом „Копанки“. Градоначалникот посочи дека секој проект ќе биде следен со транспарентно информирање до граѓаните, со цел локалната самоуправа да остане сервис на жителите.
„Не се фалиме, само работиме, а позитивните коментари доаѓаат од други. Критиките не не обесхрабруваат, туку нè мотивираат да продолжиме со нашата мисија“, изјави Коњановски.
Македонија
Работниците немаат за леб а владата мисли да купува авион за Мицкоски, велат од СДСМ
Додека работниците едвај врзуваат крај со крај, додека минималната плата не ги покрива ниту основните трошоци за живот, Владата мисли на купување авион за Мицкоски. За туристички патувања, како она во Давос велат од СДСМ.
„Очигледно затоа одбива да им ги покачи платите на работниците. Одбива да се откаже од лукзуот и вели нема пари за минимална плата од 600 евра.
За покачување на минималната плата и за поддршка на приватните компании се доволни 200 милиони евра, а за авион уште стотици милиони евра повеќе не се доволни.
Груевски со пари на граѓаните купуваше мерцедес од 600 илјади евра и очила од 60 илјади евра.
Мицкоски има часовници од 60 илјади евра вредни 150 минимални плати и сака да купува авион од стотици милиони евра, за туристички патувања“.
Ученикот, додаваат од опозициската партија, сака да го надмине учителот во луксузирање врз грбот на народот.
„И Томовски запнал за авион од стотици милиони евра, како да се надева на процент од набавката за семејната фирма?
Малку да не им се 161 тендер досега?
Сè е бизнис во ВМРО“.
Македонија
Герасимовски: Финасиска поддршка за спортски проекти во Центар, заедно градиме здрави навики
Општина Центар објави Јавен повик за финансиска поддршка на проекти и програмски активности од областа на спортот.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги повикува сите заинтересирани да аплицираат за поддршка на спортските активности и афирмација на младите спортисти.
„Спортот е основа за здрав живот на сите генерации, но најмногу за правилен развој на нашата младина. Фокусот го ставаме токму на тоа, на поддршка и градење на тимскиот дух кај младите и нивното физичко и ментално здравје“, рече Герасимовски.
Проектите што ќе конкурираат, според соопштеното, треба да содржат најмалку три од следниве услови: да имаат стручни кадри, добро формулирани цели и очекувани ефекти, план за вклученост на заедницата и активности за стимулирање и афирмација на младите потенцијални спортисти-поединци во општината.
Право на учество имаат спортисти-поединци, спортски клубови, здруженија и институции со седиште во Општина Центар кои исполнуваат законски и административни критериуми.
Рокот за поднесување на пријавите е десет дена од објавувањето на повикот. Пријавите може да се достават преку пошта или лично во Архивата на Општина Центар

