Македонија
Македонскиот BtoBet со две нови општествено одговорни акции
Македонската ИТ-компанија BtoBet продолжува да ги потврдува своите континуирани заложби за негување на општествено одговорни практики. Во текот на јуни компанијата ја спроведе својата втора по ред крводарителска акција во соработка со Институтот за трансфузиона медицина и Црвениот крст на Република Северна Македонија. Вработените во компанијата, од кои некои долгогодишни дарители, а некои првпат, даруваа крв и дадоа свој хуман придонес за поддршка на здравствениот систем и тековните потреби за снабдување со крв и трансфузија.

„Навистина се гордееме што реализиравме уште една успешна акција за дарување крв, и тоа благодарение на несебичното ангажирање на нашите вработени и сега веќе партнерството со Институтот за трансфузиона медицина. Како што истакнавме и по првата акција, целта е да изградиме традиција на крводарување и постојано да придонесуваме на овој благороден начин“, изјави Љупка Ивановска, координатор за човечки ресурси во BtoBet.
Посветени на намалување на јаглеродниот отпечаток
Покрај крводарителските акции, а како дел од својата компаниска политика за одржливост, BtoBet презема проактивни чекори за намалување на јаглеродниот еколошки отпечаток и зачувување на животната средина. Минатиот месец компанијата зеде учество во уште една екоакција во соработка со „Кајак.мк“ за пошумување предел во земјата кој беше уништен од масовните пожари во околината на Свети Николе. Тимот од над 100 вработени засади 1.000 нови дрвца, покрај минатогодишните 1.500 садници во регионот на Куманово.

„Посветени сме да водиме со пример и да покажеме дека одржливите деловни практики не само што се можни туку се и суштински за долгорочен успех. Особено нè прави среќни што со нагласување на овие компаниски вредности привлекуваме и задржуваме вработени кои се истомисленици и кои искрено се грижат да направат разлика“, додаде Ивановска.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нова услуга на ЈСП: Онлајн надополнување на картичката
ЈСП воведува нова услуга – онлајн надополнување на картичките за возење.
„Од сега можете онлајн да ја надополните вашата картичка со билети и/или износ (средства) директно преку нашата официјална веб страна skopjebus.mk — без чекање, без редици и без одење до продажно место. Сè што ви треба е телефон или компјутер и неколку минути. Надополнувањето се прави од далечина, брзо и кога вам ви одговара, од удобноста на вашиот дом“, велат од ЈСП.
Од таму додаваат дека со новата услуга се добива онлајн надополнување со билети и/или средства, брза постапка во неколку едноставни чекори, нема редици и нема потреба од физичко присуство, достапно од телефон или компјутер.
Како да надополните картичка?
* Влезете на skopjebus.mk
* Изберете „Надополни картичка“
* Внесете ги потребните податоци за
картичката
* Одберете дали сакате билети или износ
(средства)
* Потврдете и завршете ја постапката
Пробајте ја новата функционалност тука: https://skopjebus.mk/mk/app/cards/load
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)

