Топ
Шверцувале луксузни автомобили, осомничени 20 лица, меѓу нив и луѓе вработени во МВР

По спроведена претходна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе истрага против осум лица за продолжени кривични дела шверцување, прикривање стоки, кои се предмет на шверцување и царинска измама, компјутерски фалсификат и фалсификување исправи.
Уште 12 физички и едно правно лице се осомничени за кривични дела, кои се гонат во скратена постапка. Меѓу осомничените се и пет службени лица – референти за управни работи во МВР.
Во текот на претходната постапка обезбедени се докази дека во текот на 2021 и 2022 година осомничените организирале и учествувале во пренесување патнички моторни возила избегнувајќи ја царинската контрола како непријавена стока во вкупна вредност од големи размери, употребувале лажни јавни исправи како вистинити за да ги регистрираат автомобилите по што ги продавале возилата за кои знаеле дека се предмет на кривично дело.
Автомобилите, од кои повеќето биле предмет на меѓународни потраги, се набавувале во разни европски земји и се внесувале во земјата со променети идентификациски броеви на шасиите и со фалсификувани документи за да им се прикрие потеклото. Потоа осомничените службени лица од МВР вршеле регистрација на возилата врз основа на лажна документација.
Со цел да се прикријат трагите, автомобилите меѓусебно ги препродавале по неколкупати за краток временски период по што трајно ги оттуѓувале на физички и правни лица во државава. Во текот на постапката обезбедени се докази за внесување и препродажба на 14 вакви автомобили и еден мотор, со вкупна првично проценета вредност од над 500.000 евра.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлог за определување мерка притвор за осум осомничени за кои ќе се води истрага, а за другите се предложени мерки на претпазливост.
До овој момент од слобода се лишени вкупно 18 лица, а по 2 сè уште се трага и за нив ќе биде предложена мерка притвор во отсуство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Надлежните се борат со 11 активни пожари: Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Штип

Според најновите информации, на територијата на државата се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор. Од нив, 11 се сѐ уште активни, 3 се под контрола, додека 11 се целосно изгаснати.
Активни пожари се регистрирани во неколку региони. Во источниот дел, пожарите зафатија подрачја кај селото Нивичино, планината Голем Готен и Малешевските Планини, каде што гори нискостеблеста шума и грмушки. Во Прилеп гори на две локации – кај селото Бешиште, со проширување кон Градешница и кон границата со Грција, како и кон селото Дрен. Во Македонски Брод активни се два пожари – кај селото Црешнево и меѓу селата Локвица и Крапа.
Штипскиот регион се соочува со пожар меѓу селата Драгоево и Селце, а во Карбинци гори кај селото Јунузлија. Во близина на Скопје, пожар е активен кај селото Гумалево во општина Зелениково. Во северниот дел на државата, активни пожари се бележат и кај селото Руѓинце во Старо Нагоричане, како и во Куманово – во населбата Ристово Трло и кај селото Романовце.
Три пожари се ставени под контрола. Станува збор за пожарите кај селото Грешница во Македонски Брод, меѓу селата Церово и Групчин во општина Желино и на улицата Брсјачка Буна во Шуто Оризари, каде што гореше дива депонија.
Изгаснати се 11 пожари во различни делови на државата, меѓу кои во Шуто Оризари кај Општината, кај касарната во Прилеп, во селата Долно Перово и Прељубје во Ресен, како и во неколку населени места во Кочани, Куманово, Липково и Гостивар.
Надлежните служби остануваат на терен и продолжуваат со активности за справување со активните пожари и заштита на населението и природата.
Македонија
(Видео) Грета Тунберг по Тетово стигна во Скопје, ќе дискутира за империјализмот и ќе протестира за спас на Дошница

Еко-активистката Грета Тунберг преку видео-обраќање на Инстаграм соопшти дека се наоѓа во Скопје и дека ќе учествува на неколку настани поврзани со социјални и еколошки прашања во Македонија.
Таа најави присуство на јавната дискусија што ќе се одржи во Социјалниот центар „Дуња“ под наслов „Стоп за воената машинерија: Борбата против империјализмот и капиталистичките војни“.
Во обраќањето, Тунберг додаде и дека ќе се приклучи на протестната блокада за спас на реката Дошница на планината Кожуф, која е најавена за утре.
View this post on Instagram
Таа истакна дека настаните во Газа не се изолирани од климатската криза, а според неа, тоа е истиот насилен систем изграден врз експлоатација, окупација и профит над животот.
Активистката ја спомена и одлуката на македонскиот парламент, кој вчера гласаше против испраќање хуманитарна помош во Газа, додавајќи: „Мора да застенеме солидарно, да се поврземе и да се спротивставиме заедно“.
Грета вчера беше во Тетово, каде што ја посети новата локација на Општествено-културниот центар, која се уредува со заеднички волонтерски ангажман и поддршка од меѓународни партнери. Пред да пристигне во Македонија, Тунберг учествуваше на протест во Тирана, каде што повика на итен прекин на израелската опсада врз Газа и остро ја осуди.
Македонија
Се’ уште се трага по девојчето кое го одвлече Вардар – 29-годишната соселанка се обидувaла да го извлече од водата

Прпиадници на полицијата, армијата, нуркачи, кајакари се во интензивна потрага по 16-годишното девојче од селото Уланици, Градско, кое вчера беше одвлечено додека се капело во водите на Вардар.
Девојчето влегло во водата заедно со 29-годишна девојка од истото село, којашто успеала да се спаси. На малолетното девојче му се изгубило секаква трага, а помош побарала неговата сестра. Денес и семејството на девојчето ја следеше потрагата, која засега е безуспешна, според информациите од терен за „Макфакс“.
Од полицијата велат дека случајот бил пријавен вчера околу 16.30 часот. Според пријавата, К.П.(29) од Скопје, со привремен престој во селото Уланци, општина Градско и 16-годишно девојче од истото село, се капеле во водите на реката Вардар во близина на Уланци. Малолетничката била одвлечена по течението на реката. К.П. неколку пати се обидела да ја извлече, но не успеала.