Црна хроника
Пет години затвор за управниот судија Мустафа Шахини поради злоупотреба на 200.000 евра

Судијата од управниот суд, Мустафа Шахини, е осуден на пет години затвор. Кривичниот суд, по четири години судење, ја изрече пресудата.
„Според сите изведени материјални и вербални докази на Обвинителството и одбраната, а имајќи ги предвид сите олеснителни и отежителни околности, судот донесе пресуда со која обвинетиот М. Ш. го огласи за виновен за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето по чл. 353 ст. 5 в.в. со ст. 3 и в.в. со ст. 1 од КЗ и го осуди на казна затвор во траење од 5 години. Против оваа пресуда странките имаат право на жалба до Апeлациониот суд Скопје“, објави Кривичниот суд.
Судијата Шахини беше обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
„Осомниченото лице, претходно како адвокат, презел дејства и ги застапувал интересите по барање за денационализација на две лица, на чиј правен претходник му бил определен и исплатен надомест за земјиштето што било предмет на барањето за денационализација. Во меѓувреме, осомничениот бил избран за судија на Управниот суд. Во септември 2018 година за предметот за денационализација по кој постапувал во својство на адвокат до Управниот суд била поднесена тужба, а тој ја зел во работа. Злоупотребувајќи ги својата положба и овластувањето, иако знаел дека како поранешен застапник – адвокат на тужителите не смее да постапува и е должен да се изземе од постапувањето по однос на тужбата, осомничениот не ја прекинал работата врз предметот и не го известил претседателот на Управниот суд. Постапувајќи по предметот, иако поднесената тужба била неуредна, не го повикал тужителот да ги отстрани недостатоците, ниту ја отфрлил, туку продолжил да постапува и притоа оневозможил Државното правобранителство на РСМ како заинтересирано лице да се вклучи во управниот спор и да презема мерки и правни средства за правна заштита на имотните права и интереси на РСМ“, соопшти Обвинителството во 2019 година кога го поднесе обвинението.
Тие тврдеа дека судијата свесно и со намера сакал да оневозможи заштита на имотните права и интереси.
„Со ваквите дејства на барателите им било овозможено преку упис на вратената недвижност во јавните книги на недвижностите во Агенцијата за катастар на недвижностите противправно да стекнат имотна корист – површина од 1.958.49 м2 со усвоена пазарна вредност од 12.044.713,00 денари и противправна имотна корист во вид на обврзници во вредност од 119.700,00 денари, односно вкупна противправна имотна корист во износ од 12.164.413,00 денари на штета на имотот и интересите на РС Македонија“, стоеше и во обвинението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Едно лице загина, неколкумина се повредени во сообраќајна несреќа во Кочанско

Вчера во 09:18 часот во ОВР Кочани е пријавено дека на експресниот пат Штип- Кочани, во близина на с.Горни Подлог, кочанско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „рено“ со регистарски ознаки од Македонски Брод, управувано од Х.М.(32) од с.Трубарево, скопско и патничко возило „фолксваген поло“ со бугарски национални ознаки, управувано од 22-годишната И.М. од Кочани.
Во несреќата со повреди се здобиле двајцата возачи и Б.Д.(33) од с.Љуботен, скопско, Д.З.(36) од с.Трубарево и И.М.(21) од с.Трубарево, сопатници во возилото „рено“, и по укажаната помош во болницата во Кочани, 22-годишната И.М. е пренесена во приватна болница во Скопје, додека останатите се пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза” во Скопје. Од здобиените повреди Б.Д. починал, а кај Х.М. се констатирани тешки телесни повреди. Додека, кај останатите се констатирани телесни повреди. По наредба на јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција. Увид извршила екипа од СВР Штип– ОВР Кочани.
Црна хроника
Уапсени штипјанец и кавадарчанец, возеле пијани, а мажот од Штип предизвикал и сообраќајна незгода

Вчера во 21:45 часот во Штип, полициски службеници од СВР Штип го лишија од слобода 58-годишниот Р.Ѓ. од Штип. Претходно, околу 21:10 часот на крстосница од улицата „Борис Крајгер“ со улицата „Џемал Бједиќ“ во Штип со патничкото возило „ауди“ со штипски регистарски ознаки, кое го управувал, удрил во патничко возило „сеат“ со штипски регистарски ознаки, управувано од 21-годишната А.П. од Штип.
Додека, при преземање мерки во врска со незгодата констатирано е дека тој е под дејство на алкохол, односно измерени му се 3,02 промили алкохол во крвта.
Ноќеска, во 01:45 часот на улицата Леце Котески во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода 41-годишниот Л.Т. од село Бегниште, кавадаречко.
При контрола на патниот сообраќај, полициските службеници запреле патничко возило „форд” со кавадаречки регистарски ознаки, кое го управувал Л.Т., и по преземени мерки констатирано е дека е под дејство на алкохол, односно измерени му се 2,30 промили алкохол во крвта.
Тие се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени пријави по член 297-а – „безобѕирно управување со моторно возило“.
Црна хроника
Уапсен 30-годишен струмичанец: при претрес пронајдена марихуана

Вчера во 17:10 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица го лишија од слобода 30-годишниот А.М. од Струмица.
Врз основа на судска наредба, извршен е претрес во неговиот дом, при што се пронајдени околу 300 грама марихуана, едно засадено стебло канабис, повеќе различни пакувања со марихуана и предмети со остатоци од марихуана.
Лицето е задржано во Полициската станица Струмица, а за настанот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на случајот против А.М. ќе биде поднесена соодветна пријава.