Култура
Неверојатна симбиоза помеѓу „Франк Дупре трио“ и публиката на Охридско лето

Вечер што долго ќе се памети на Охридско лето приредија членовите на германското „Франк Дупре трио“, пијанистот Франк Дупре, Јакоб Круп на контрабас и Оби Јене на тапани.
Полни со љубопитност и виртуозност, со леснотија и изразена емпатија, тројцата меѓународно познати уметници од триото на Франк Дупре вчеравечер лесно ги надминаа наводните жанровски граници спојувајќи ја класичната музика со џезот.
Франк Дупре е музичар со бескраен хоризонт, градител на мост помеѓу класичната музика и џезот, и затоа е еден од најперспективните исклучителни уметници на својата генерација. Уште од многу мала возраст Франк Дупре се интересирал за музика од многу стилови и жанрови и ја гледал од разни агли: како џез-тапанар, класичен пијанист со голем интерес за модерната музика и последно, но не и најмалку важно, како диригент. Тој се посветил на класичниот репертоар за пијано и ја оформил својата меѓународна кариера како концертен пијанист.
„Почувствувавме неверојатна енергија од публиката, која во текот на концертот танцуваше, па дури и некои потпевнуваа на мелодијата што ја свиревме. Моќта на миксот на класика и џез овозможи публиката да биде дел од перформансот и почувствувавме колку всушност им се допадна. Интересно е тоа што минатото лето настапував во оваа неверојатна црква, а оваа година имавме шанса да настапиме во предворјето и заедно со публиката да бидеме под отворено небо. Публиката беше превозбудена, особено кога го свиревме ‘Мамбо од Леонард Бернштајн“, вели пијанистот Дупре.
Франк Дупре и тапанарот Мајнхард (Оби) Јене со голем успех работат заедно на многубројни проекти уште од 2009 година. Од 2020 година високоталентираниот контрабасист Јакоб Круп го комплетира ансамблот. Тројцата музичари го привлекуваат меѓународното внимание во јануари 2022 година со нивниот деби-албум Blueprint (Capriccio), посветен на композиторот Николај Капустин. Албумот ги надминува сите очекувања и влезе во листата на „Њујорк тајмс“ за пет препорачани албуми на месецот.
На албумот Salted Caramel (Berlin Classics), кој исто така беше издаден во 2022 година, триото заедно со трубачот Симон Хофеле и квартетот „Голдмунд“ ги комбинира класичните дела со џез-стандардите.
Ангажманите во Филхармонијата „Елб“ во Хамбург, на Џез-фестивалот во Бон, на фестивалот „Курт-Веил“ во Десау, концертните турнеи во Швајцарија и Лихтенштајн, како и проектите со оркестри, како што е Штутгартската филхармонија, сведочат за меѓународниот интерес за проектите на „Триото“ на Франк Дупре. Репертоарот опфаќа музички дијапазон од Бах до Бетовен, Дебиси, Равел, па сѐ до песните на Курт Веил и Леонард Бернштајн. Џез-стандардите на музичките икони, како што е Дјук Елингтон, се исто така на репертоарот на триото како и виртуозните и повеќеслојни дела на Николај Капустин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков: Нашата цел е јасна, да го заштитиме и обновиме „Македониумот“

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со стручните екипи од НУ Завод и Музеј – Прилеп, денес оствари теренска посета на споменикот „Македониум“ во Крушево – еден од најзначајните културни симболи на македонската историја.
Реконструкцијата на споменикот започна уште во 2014 година, кога беа реализирани низа значајни активности – санација на потпорни ѕидови, обнова на фасади, антикорозивна заштита, реконзервација на архитектонски елементи, како и внатрешни конзерваторски зафати и истражувања. Но, во 2017 година, сите активности беа прекинати, скелето беше симнато, а објектот остана незаштитен, со што последиците од таа негрижа се очигледни и денес, истакнуваат од министерството.
Минатата година, како што информираат, Министерството, во координација со Заводот и Музеј – Прилеп, подготви проект за интервентна заштита на објектот во вредност од 2,5 милиони денари, чија реализација ќе започне во текот на оваа година. Паралелно се работи и на подготовка на сеопфатен проект за целосна реконструкција и конзервација на споменичниот комплекс, кој се очекува да биде финализиран до средината на 2026 година. По изработката на документацијата и обезбедувањето на сите потребни дозволи, ќе отпочне реализацијата на овој капитален зафат.
„Нашата цел е јасна – да го заштитиме и обновиме ‘Македониумот’. Тој не е само архитектонски објект, туку симбол на македонскиот идентитет, историја и борба. Како Влада и како Министерство за култура и туризам, остануваме цврсто посветени на заштитата и унапредувањето на културното наследство, кое е наш стратешки приоритет,“ изјави Љутков.
Култура
(Видео) Oмилените филмови на Стивен Кинг

Мајсторот на хоророт, Стивен Кинг, е познат по своите темни романи и адаптации што го обележаа светското кино, но и по фактот дека редовно ги споделува своите омилени серии и филмови со публиката.
Стивен Кинг, познатиот мајстор на трилери и хорор, сподели листа од своите 10 омилени филмови на платформата X. Оваа листа, која ги исклучува филмовите адаптирани од неговите дела, дава увид во кинематографскиот вкус на авторот кој го обликувал хорор жанрот.
Избраните филмови вклучуваат класици од различни жанрови, од трилери и драми до комедија и научна фантастика. Кинг истакна дека листата не е по одреден редослед, нагласувајќи го богатството на квалитетни филмови достапни за публиката.
“Sorcerer”
“Godfather 2”
“The Getaway”
“Groundhog Day”
“Casablanca”
“Treasure of the Sierra Madre”
“Jaws”
“Mean Streets”
“Close Encounters of the 3rd Kind”
“Double Indemnity”
Култура
Македонскиот народен театар со „Жива досада“ гостуваа на фестивалот во Штип

На 11 септември, на 13. Театарски фестивал за деца „Малиот принц“ во Штип, Македонскиот народен театар ќе гостува со претставата „Жива досада“.
Гостувањето на МНТ е во организација на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, кој веќе традиционално обединува значајни детски театарски продукции од земјата и регионот.
Претставата, наменета за деца над пет години, се занимава со современа, но често игнорирана тема, досадата кај децата, и како може таа да биде врата кон креативноста, играта и самоистражувањето, наместо нешто од што треба да се бега. Иновативен и топол авторски проект на актерките Билјана Јовановска, Изабела Јакимова и Нина Деан, а во режија на Јовановска.
„Досадата не е непријател, туку креативен простор, кој им овозможува на децата да се поврзат со себе и со светот околу себе“, вели актерката Изабела Јакимова, која е и една од авторките на текстот.
Во претставата настапуваат: Гоце Андонов, Нина Деан, Изабела Јакимова, Јана Вељановска и Билјана Јовановска (алтернација).
Преку духовита и интерактивна форма, „Жива досада“ ги охрабрува децата да ги откријат магичноста на досадата и вредноста на паузата – простор во кој настануваат најубавите игри, разговори и идеи. Истовремено, испраќа важна порака и до родителите да не го исполнуваат секој момент на детето со активности, туку да остават простор за самостојно растење.
Со ваквите репертоарски претстави ‒ МНТ продолжува да гради едукативен и инспиративен театар, а „Жива досада“ е пример за тоа дека детскиот театар може да биде уметнички сериозен, длабоко комуникативен и актуелен.