Македонија
ЕВН одново со проблеми во Слупчане: екипите се соочуваат со физички напади, како и блокади за влез во селото

Неуспешни се обидите да се направи реконструкција на електродистрибуциската мрежа во Слупчане, а екипите добиваат вербални закани и се цел на физички напади. Ова го тврдат од ЕВН за „Макфакс“ и додаваат дека одново има блокади за влез во селото. Тие додаваат дека ги повлекуваат екипите сѐ додека не се создадат нормални услови за работа.
„Екипите на ‘Електродистрибуција’ се соочуваат со вербални и физички напади од страна на жителите, како и целосни блокади за влез во селото. Сѐ додека не се создадат нормални услови за работа, екипите нема да работат на отстранување дефекти или, пак, да реализираат редовни работни активности во тој регион“, велат од ЕВН за „Макфакс“.

Жителите на улица, болокади и со автомобили
Пред три недели екипа на „Макфакс“ беше во Слупчане, каде што жителите останаа 24 часа без струја и беа гневни. Тврдеа дека не е точно дека не ги пуштаат екипите на ЕВН во селото. Преговараа со компанијата преку министерот за економија Крешник Бектеши, па откога прифатија да се направи модернизација на мрежата, струјата им беше вклучена.
Денеска, одново, според ЕВН, тие спречуваат екипи да влезат во селото. На терен имало и екипи од МВР. Загубите во Слупчане се 80 %, а наплатата е само 20 %.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се излеа Маркова Река кај Батинци

Маркова Река се излеа денес по обилните врнежи од дожд.
Во селото Батинци, водата е надојдена, излевајќи се на неколку места околу речното корито.
Ангажирана е механизација за санирање на штетата, а градоначалник на Студеничани, Азем Садики, објави дека забележана е материјална штета во дворовите од куќите кои се наоѓаат во близина на реката.
Засега, според градоначалникот, нема потреба од евакуација.
Фото: ТВ21/скриншот
Македонија
Тетово повика на јавна дебата за промена на имињата на улиците

Општина Тетово в петок, со почеток во 15:00 часот, организира јавна дебата за предлози за имиња на улиците.
„Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, невладини организации и граѓанскиот сектор да учествуваат на оваа јавна дебата за именување на улиците“, велат од општината преку допис.
Додаваат дека секој предлог од граѓаните е важен и помага овој процес да биде инклузивен и успешен за граѓаните и градот Тетово.
Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.